Македонија
(Видео) Во Скопје граѓаните маршираа за чист воздух: „Се бориме за живот во целата држава“

Во Скопје се одржа Марш за воздух организиран од триесетина граѓански иницијативи, кои се борат против загадувањето на воздухот.
Студеното поладне во главниот град не ги спречи граѓаните да дојдат пред Министерството за животна средина, од каде што се упатија кон Собранието, а протестот заврши пред зградата на Владата.
Граѓани од сите возрасти беа присутни на маршот, а Аријанит Џафети од „Екогерила“ – Тетово вели дека протестите ќе продолжат сè до исполнувањето на нивите барања за чиста животна средина.
Душко Груевски од иницијативата „Битола сака воздух“ рече дека не очекува Владата да ги исполни нивните барања бидејќи, како што вели, на власта поважни ѝ се интересите на олигарсите отколку на граѓаните.
„Се бориме за својот живот во целата држава, против каменоломите над нашите глави, чија прашина нè задушува, постојаните експлозии ни ги ронат домовите, против рудниците, чии вековни отрови ќе останат да стојат над нашите земјоделски полиња, домови, против малите хидроцентрали, кои ни ги земаат нашите реки“, пишуваше во најавата за маршот.
Една од организаторките на маршот оцени дека посетеноста на денешниот настан е одлична.
Маршот се одржа во пресрет на усвојувањето на предлог-буџетот на Град Скопје за 2020 година, кое треба да биде в понеделник.
Марш за воздух се одржа и минатиот месец кога граѓаните исто така присуствуваа во голем број.
Искра Манојлоска
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска-Давкова го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“.
На средбата, таа уште еднаш ја потврди својата определба за формирање на Совет за дијаспора, како политички исчекор во соработката меѓу државата и дијаспората. Во Советот, претседателката гледа институционален одговор на потребата од засилена и продлабочена комуникација со нашите иселеници во сите области.
Дурловски истакна дека примарна цел на Организацијата останува да биде промоцијата и заштитата на правата на Македонците во Канада, како и нивната интеграција во канадското демократско општество. За него, македонските корени се силна мотивација за поддршка на македонските национални интереси.
Соговорниците се согласија дека бројната македонска дијаспора може да биде фактор на зајакнување на канадско-македонските политички, економски, културни и други односи.
Македонија
Од утре авионско и терестрично прскање против комарци во Скопје

Градот Скопје ги известува граѓаните дека утре ќе започне авионска дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, а на 16 септември терестрична дезинсекција против возрасни форми на комарци и ларви од комарци, односно:
1. Авионската дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, ќе се одвива на 12.09.2025 (петок) и на 13.09.2025 (сабота), во раните утрински часови.
2. Терестричната дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци и ларви од комарци ќе се одвива од 16.09.2025 (вторник) до 19.06.2025 (петок), во период од 22.00 до 03.00 часот, наредниот ден
Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, истата ќе се изврши во истиот термин првиот нареден ден, кога временските услови ќе бидат поволни, додаваат од Градот Скопје.
Исто така се известуваат пчеларите навремено да ги преземат потребните мерки за заштита на пчелите.
Македонија
Зголемена фреквенција на возила на Табановце за излез од државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На ГП Табановце за излез од државата се бележи зголемена фреквенција на возила, времето на чекање е околу 30 минути.
На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата, додаваат од АМСМ.