Свет
Макрон повика на прекин на штрајковите за време на празниците
Францускиот претседател, Емануел Макрон, повика, во име на францускиот народ, на прекин на штрајковите кои го парализираа железничкиот сообраќај за време на празниците.
Штрајкувачите, рече Макрон за време на неговата посета на Брегот на Слоновата Коска, мора да земат предвид дека има луѓе низ Франција кои сакаат да ги посетат своите најблиски за време на празниците, но неколку синдикати веќе најавија продолжување на штрајковите до Божиќ, пренесува „Франс прес“.
Меѓуградските и меѓурегионалните железнички линии се во целосен хаос и возовите доцнат со часови.
Според најновата анкета, по 18 дена нарушен јавен превоз и почетокот на Божиќните празници, забелжан е пад на поддршката за штрајкот против пензиската реформа.
Поддршката за штрајкот сега изнесува 51 процент што е пад за три проценти, додека бројот на лица што се спротивставуваат на штрајкот е зголемен за четири проценти.
69 проценти од Французите сметаат дека владата ќе оди до крај со реформите и дека нема да попушти на барањата на синдикатите кои ја повикуваат владата на претседателот Макрон да ги разгледа или повлече плановите за унифициран пензиски систем и се против одлуката на владата за зголемување на минималната старосна граница за пензија на 64 години.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Пекинг санкционира 20 американски компании и 10 поединци за продажба на оружје на Тајван
Кина воведе санкции против 20 американски одбранбени компании и 10 поединци поради продажбата на оружје на Тајван, соопшти кинеското Министерство за надворешни работи. Мерките вклучуваат замрзнување на нивниот имот во Кина и забрана за кинески организации и граѓани да соработуваат со нив, како и забрана за влез во земјата за санкционираните поединци.
Меѓу погодените компании се подружница на Boeing во Сент Луис, како и Northrop Grumman Systems Corporation и L3Harris Maritime Services. Санкциите следуваат откако Соединетите Американски Држави минатата недела објавија продажба на оружје на Тајван во вредност од 11,1 милијарда долари – најголемиот ваков пакет досега.
Кина оцени дека прашањето за Тајван е „црвена линија“ во односите со САД и ги повика Вашингтон да ги прекине, како што ги нарече, „опасните напори за наоружување на островот“. Пекинг го смета Тајван за дел од својата територија, додека Тајпеј тврди дека има суверенитет.
Свет
Зеленски: Договоривме средба со Трамп, многу работи може да се одлучат пред Нова година
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денес изјави дека наскоро ќе се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп како дел од напорите за прекин на руската инвазија.
„Договоривме средба на највисоко ниво со претседателот Трамп во блиска иднина. Многу работи може да се одлучат пред Нова Година“, објави Зеленски на социјалните мрежи.
Украинскиот претседател ја откри најновата верзија на американскиот план за прекин на војната меѓу Русија и Украина, за кој Вашингтон и Киев преговараат со недели. Планот предвидува замрзнување на фронтовските линии и не нуди решение за најспорното прашање за териториите окупирани од Русија, кои сочинуваат повеќе од 19% од Украина.
За разлика од оригиналната верзија на овој документ што ја составија Американците, новата верзија ги изоставува две од главните барања на Москва: повлекување на украинските сили од деловите на Донбас што се уште се под нивна контрола и законското ветување на Киев да не се приклучи на НАТО. Затоа, Москва веројатно нема да се согласи со оваа нова верзија.
Запрашан за ова, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, завчера посочи дека Москва „ја формулира својата позиција“ и одби да коментира за деталите. Вчера, портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, изјави дека напредокот кон завршување на војната е „бавен, но стабилен“.
фото/депозитфотос
Свет
Камбоџа го обвинува Тајланд за бомбардирање додека траат мировните преговори
Камбоџа го обвини Тајланд за интензивирање на бомбардирањето на спорните гранични области додека претставници од двете земји се состануваат за да преговараат за прекин на смртоносните судири. Долготрајниот граничен конфликт меѓу соседните држави повторно се разгоре овој месец и го прекрши претходното примирје, а според официјалните податоци, повеќе од 40 лица ги загубија животите, додека околу еден милион беа раселени, пишува „Гардијан“.
Иако камбоџанските и тајландските претставници денес беа на третиот ден од преговорите на граничниот премин, а состанок на министрите за одбрана е закажан за утре, камбоџанското Министерство за одбрана објави дека тајландската армија утрово извршила силно бомбардирање на спорните области во покраината Бантеј Минчи.
„Од 6:08 до 7:15 часот наутро, тајландската војска фрли дури 40 бомби со борбени авиони Ф-16, интензивирајќи го бомбардирањето во областа на селото Чок Чеј“, се вели во соопштението. Од друга страна, тајландските медиуми објавија дека камбоџанските сили започнале тешки напади во текот на ноќта по границата во покраината Са Каео, каде што неколку домови биле оштетени од гранатирањето.
Двете земји продолжуваат да се обвинуваат меѓусебно за поттикнување нови борби, кои се проширија во речиси сите покраини по должината на нивната заедничка граница. Двете страни тврдат дека дејствувале исклучиво во самоодбрана и се обвинуваат меѓусебно за напади врз цивили.
САД, Кина и Малезија посредуваа во примирје за да се стави крај на петдневните смртоносни борби во јули, но прекинот на огнот беше краткотраен. Претходно денес, камбоџанскиот премиер Хун Манет објави на Фејсбук дека разговарал по телефон со американскиот државен секретар Марко Рубио.
Темата на дискусијата беше „начини за обезбедување прекин на огнот по должината на границата меѓу Камбоџа и Тајланд“. Конфликтот произлегува од територијален спор околу демаркацијата на нивната граница од колонијалната ера, долга 800 километри, и низа урнатини од храмови лоцирани во областа.
Фото: depositphotos

