Македонија
Жителите на Трнодол повторно го повикаа Богоев на јавна дебата
Листата на барања кои не се исполнети од Општина Карпош е многу долга и спремни сме да ја изложиме на било која национална телевизија, особено во дебатна емисија со градоначалникот, Стефан Богоев, се разбира доколку тој има храброст да се соочи со аргументите, порачаа преку соопштение жителите на Трнодол.
Тие велат дека остануваат на сите нивни барања доставени до Општината, комисиите за урбанизам и до Градот Скопје.
„Бараме било кој предлог ДУП на Општина Карпош да се носи во постапка со почитување на Уставот, законите, правилниците и сите други меѓународни документи кои се ратификувани во нашата држава и со кои се гарантираат основните човекови права и слободи. Повторување на лаги и дезинформации на градоначалникот во изјави дадени од неговиот бункер без храброст да се соочи со вистината на јавна презентација, е реакција на немоќ и немање аргументи базирани на закон“, велат жителите.
Додаваат дека согласно член 2 став 2 од Законот за ПУП, ДУП-от кој е предложен и изгласан од советниците на Општината, Општината мора да спроведе во целост инаку се предвидени казнени мерки, лични и институционални.
„Значи ветувањата во стилот не верувај во тоа што гледаш туку во тоа што ти ветувам не поминуваат кај слободоумните граѓани на Трнодол. Тоа ние во повеќе наврати јасно го предочивме, а тврдењата дека сме изманипулирани дури од две политички партии е во контекст на претходното сценарио за самоодбрана на градоначалникот. За да поверуваме во ветувањата на градоначалникот треба истите да биде преточено во сосема нов
ДУП каде нашите несогласувања ќе бидат корегирани согласно законските нормативи за УПП и Заштита на животната средина, од причина што предложениот ДУП е донесен во противправна и противуставна постапка“ се наведува во сооштението.
Тие повторија дека не се согласуваат со решението во новиот предлог ДУП за поделба на населбата на два дела и спојување на еден дел од населбата кон Шпанско село, а друг дел од населбата (дел од ул.Јан Хус и над Јан Хус) кон населба Жданец, со решението во новиот предлог ДУП за затворање на влезот и излезот на населбата Трнодол кон улица „Козле“ и проектирање на нов влез и излез, со решението за вцртување на новопроектирана сообраќајница – како сервисна улица низ населба „Трнодол“ како и со предвидените градежни парцели за колективно домување под брдото на објекти од 18, 16 и 13 метри висина, помеѓу бензинската на Макпетрол, Германска амбасада и самото брдо.
Жителите не се согласуват и со тоа што пред изработка на новиот предлог ДУП не е направена хидролошка студија за водотеците при проектирање на решенија за долот и каналот помеѓу Трнодол и Шпанско село кој во дел претставува претставува заштитна поројница и при несоодветни решенија може да дојде до поплавување и поткопување на брдото и дел од населбата Козле.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Битола, Охрид и околината: епицентарот во Албанија
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 23 часот и 10 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Албанија, на околу 150 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Битола, Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Земјотрес во Охрид
Земјотрес со епицентар во Грција е почувствуван во Охрид и околината, вечерва во 19 и 50 часот.
„Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 19 часот и 50 минути регистрираа земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 100 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7“, соопшти Сеизмолошката опсерваторија.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Андоновски на состаноци во Стејт департментот: Соработката во областа на сајбер безбедноста и дигитализацијата во фокусот
Во рамки на работната посета во Вашингтон, денеска се реализираат работни средби во Стејт департментот на САД. Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, утринава оствари работна средба со Russ Headlee, Senior Bureau Official (SBO), прв човек на Бирото за Сајбербезбедност и дигитални политики на Стејт Департментот на САД.
„На средбата беше потврдена заедничката определба за унапредување на билатералната соработка меѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави во областа на дигиталната трансформација и сајбер безбедноста. Разговорите се фокусираа на продлабочување на соработката во клучни области: сајбер безбедноста и дигиталните политики; привлекување на инвестиции од САД во областа на дигитализацијата и сајбер безбедноста; доверливо поврзување на институциите и безбедна инфраструктура; отпорност и доверба“, соопштија од Министерството.
Дополнително, во рамки на дискусијата биле опфатени и прашања поврзани со јакнење на капацитетите помеѓу партнерските влади, размена на експертиза, како и јавно-приватна соработка во доменот на сајбер безбедноста, со цел развој на безбедни и доверливи дигитални јавни услуги и заштита на критичната дигитална инфраструктура.
„Дигиталната трансформација мора да оди рака под рака со сајбер безбедноста и довербата во технологијата. Соработката со Стејт департментот и со Бирото за сајбер безбедност и дигитална политика е значаен чекор за зајакнување на нашите капацитети и за побрза модернизација на јавните услуги“, истакна министерот Андоновски.
Во продолжение на работната агенда, заедно со македонската делегација предводена од претседателот на Собранието, Африм Гаши, министерот Андоновски оствари средба и со Daniel J. Lawton, заменик помошник секретар во Стејт департментот.
Според Министерството, оваа средба претставува значаен чекор кон зајакнување на соработката, градење институционални капацитети, размена на експертиза и меѓусебна поддршка помеѓу Македонија и САД.
Средбите завршија со договор за наредни чекори, вклучително и утврдување приоритетни области за соработка и редовна комуникација меѓу тимовите, со цел подготовка и реализација на конкретни активности и проекти во претстојниот период.

