Македонија
Сочувство од Пендаровски за смртта на академик Ѓорѓи Филиповски

Претседателот Стево Пендаровски по повод смртта на академик Ѓорѓи Филиповски упати писмо со сочувство до семејството Филиповски и до претседателот на Македонската академија на науките и уметностите, академик Таки Фити.
„Со длабоко жалење ја примив веста за смртта на академик Ѓорѓи Филиповски. Како претседател на Република Северна Македонија, во името на македонските граѓани и во мое лично име, ве молам да ги примите изразите на најдлабоко сочувство.
Како еден од тројцата основачи на МАНУ, академик Филиповски придонесе за создавање на врвната академска институција, во која повеќе од пет децении се обмислува научниот, културниот и уметничкиот развој на нашата држава. Во текот на годините МАНУ прерасна во вистински генератор за развој на науката и научната дејност во Република Северна Македонија, промотор на македонската уметност и култура, но и мост за поврзување со европската и светската наука и уметност. Академик Филиповски стана препознатлив како јавно ангажиран интелектуалец, кој отворено и објективно зборува за предизвиците со кои се соочува не само македонската наука туку и македонското општество. Со сето она што го направи на научен и општествен план тој нè задолжи да продолжиме да го вложуваме најдоброто од нас, независно од околностите и годините.
Нека почива во мир“, наведува Пендаровски во писмото.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
32-годишен скопјанец осомничен за разбојништво во Бучимци: маскиран и со ловечки нож ограбил соселанец

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против едно лице осомничено за кривично дело – Разбојништво од член 237 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Осомничениот 32-годишен скопјанец, на 18 август, маскиран со маица со која си го покрил лицето и капа, преку незаклучена влезна врата влегол во домот на негов соселанец во селото Бучимци. Во рацете држел ловечки нож и кога во една од собите го затекнал сопственикот, му се заканил дека ќе го убие ако не му даде пари.
Оштетениот, исплашен за својот живот, извадил 4.000 денари од комодата, но го замолил разбојникот да му дозволи да задржи барем 1.000 денари, бидејќи му се неопходни.
Осомничениот се согласил и го напуштил местото со 3.000 денари кои противправно ги одзел од сопственикот.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот, бидејќи постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство, можност за влијание врз сведокот/оштетен со заплашување и уценување, како и можност да го повтори делото.
Македонија
Зголемена фреквенција на возила на граничните премини Табановце и Богородица

Поради пожар во националниот Парк Јасен, регионалниот пат Р1106 Македонски Брод – Скопје затворен е за секаков вид на возила, извести АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќајот на патиштата надвор од градските средини е зголемен. Поради летните одмори, се бележи зголемена фреквенција на возила, на ГП „Табановце“ времето на чекање за влез е околу 20 минути, за излез е околу 40 минути.
На ГП „Богородица“ времето на чекање за излез знесува околу 20 минути, додека на останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања при влез или излез од државата.
Македонија
Вицепремиерот Николоски во Будимпешта на прослава на Националниот ден на Унгарија

Вицепремиерот Александар Николоски на покана на премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, присуствува на Националниот ден кој се слави во чест на Свети Стефан основачот на унгарската држава и христијанството во Унгарија.
Покрај учеството на прославата на националниот ден, предвидени се повеќе средби со високи претставници на владата на Унгарија, неколку министри и потенцијални инвестиции. На средбите е предвидено да се разговара за динамиката на проектите во Македонија како и за идната засилена економска соработка помеѓу двете држави.
Посетата на вицепремиерот е уште една потврда за одличното пријателство и соработката помеѓу Македонија и Унгарија, се додава во соопштението на Министерството за транспорт.