Македонија
Со промена на прозорци и врати во градинките Бутел се бори против аерозагадувањето
Проект за промена на внатрешни и надворешни прозорци и врати во градинките и проект за зелени површини, се двете мерки што Општина Бутел ги промовира како дел од борбата против аерозагадувањето.
За првиот проект Општината аплицирала на јавен повик од Владата и за него одобрени се средства во износ од 1.154.094 денари. По однос за зелени површини, Владата одобрила сума од 1.433.844 денари.
Мерките ги промовираа градоначалникот на Бутел, Велимир Смилевски, и заменик-министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули.
„Набавена е опрема, односно во фаза на извршување е промена на внатрешни и надворешни прозорци и врати во градинките ‘Бутел 1’ и ‘Бутел 2’. Детската градинка ’11 Октомври – Бутел 1′ ја користат 229 деца и 17 вработени, кои се директни корисници на оваа мерка за аерозагадување. Детската градинка ’11 Октомври – Бутел 2′ ја користат 140 деца и 13 вработени, кои деректно ја користат мерката за аерозагадување и енергетска ефикасност“, објасни градоначалникот.
Во однос на зелените површини, рече дека во ОУ „Живко Брајковски“ уредена е дворната површина со засадување дрвја со брзорастечки карактеристики, како и зелен ѕид за да се создаде поголема зелена маса.
„Вкупната зелена површина во училиштето изнесува 5.324 квадратни метри и бидејќи е лоцирано во урбана средина со голем број живеалишта и голем недостиг на зелени површини хортикултурното уредување на зелена површина ќе ги поттикне учениците и жителите од населбата за поголема грижа и заштита на зеленилото“, беше посочено на промоцијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Проштална средба на Гаши со американската амбасадорка Агелер
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Република Северна Македонија, Ангела Агелер.
На средбата, претседателот Гаши изрази благодарност за нејзината лична посветеност, професионален пристап и поддршка на демократските процеси во државата. Посебно беше нагласена нејзината улога во јакнењето на институционалната соработка, градењето доверба и унапредувањето на дијалогот со Собранието.
Претседателот Гаши упати благодарност и до Амбасадата на САД за континуираната и силна поддршка на Република Северна Македонија во зајакнувањето на демократските институции, владеењето на правото, стабилноста и евроатлантската ориентација на земјата. Во тој контекст, беше нагласена и благодарноста до Соединетите Американски Држави како стратешки партнер и сојузник.
Претседателот Гаши нагласи дека придонесот на амбасадорката Агелер и на САД оставил видлива и позитивна трага во развојот на демократските и современите процеси во државата. Тој, исто така, изрази уверување дека пријателските односи и соработката ќе продолжат и во иднина.
Македонија
Утре без вода дел од Центар
Утре без вода ќе останат дел од корисниците од Општина Центар.
„Од ЈП Водовод и Канализација добивме известување дека на ден 14.01.2026 година ( среда ) поради поврзување на водоводна и хидрантска мрежа за стариот објект на Комерцијална Банка на плоштад Пресвета Богородица бр. 3 од страна на фирмата Бауер БГ, во периодот од 08.00 часот па се до завршување на работата без вода ќе останат објектите на МНТ, Музичкото Училиште, Министерството за Транспорт и Врски, како и Управата за издавање на матични книги“, информира РЦУК – Скопје.
Македонија
Отворена нова подрачна канцеларија на Агенцијата за катастар во Општина Ново Село
Агенцијата за катастар на недвижности отвори нова подрачна канцеларија во Општина Ново Село.
Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Иван Живковски, денес заедно со градоначалникот на Општина Ново Село официјално ја отворија новата подрачна канцеларија на Агенцијата.
Со отворањето на оваа канцеларија, повеќе од 10.000 жители на Општина Ново Село и околните населени места од денес ќе можат побрзо и поедноставно да ги остварат своите катастарски права и обврски, без потреба од патување до Струмица.
Директорот на Агенцијата, Иван Живковски, при посетата на новата канцеларија истакна дека ова е дел од поширокиот процес на реорганизација и системско приближување на институцијата до граѓаните, со цел обезбедување подостапни, поефикасни и поквалитетни услуги.

