Македонија
Казна за директорката на МНТ поради прославата на „Шверцери“

На денешната седница на Владата е усвоена информацијата за настанот од 23 ноември оваа година, кога во Македонскиот народен театар беше организирана прослава по повод јубилеј на навивачката група „Шверцери“.
Владата го задолжи Министерството за култура во соодветна постапка да ѝ наложи на директорката на МНТ од организаторите на настанот да побара надомест на штетата направена за време на настанот, а на директорката да ѝ биде изречена казна со намалување на платата за 15 проценти во траење од 3 месеци затоа што направила пропуст и дала согласност за отстапување на МНТ без писмен договор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Проблемот на Државниот архив останува – ДПМНЕ си ги мие рацете со реконструкција на покривот, велат од Левица

Според партијата Левица, Владата на ДПМНЕ наместо да го реши проблемот со Државниот архив на Македонија и да го врати во старата наменска зграда за Архив, како што бараат вработените и стручната јавност, повторно ќе фрла пари за санација на нефункционален простор.
Од таму велат дека владата на Мицкоски одобрила реконструкција на покривот на Археолошки музеј кој е сместен на шестиот кат во оваа зграда.
„Десет години пропаѓа целата историска и културна меморија на Македонија, најзначајните, оригинални и ретки историски документи кои се темел на државотворноста се во опасност од уништување, затоа што се чуваат во несоодветни услови.
Покривот на зградата, изградена од владата на ДПМНЕ во проектот „Скопје 2014“ прокиснува, нема вентилација, а низ ѕидовите каде што се чува документацијата поминуваат одводни и доводни цевки. Исто толку време вработените и стручната јавност бараат Архивот да се врати во наменски изградената зграда во која архивот функционираше од 1969 година се до неговото исселување во 2014 година, кога оваа зграда беше отстапена на Обвинителство за организиран криминал“.
Појаснуваат дека наменски изградената зграда за Архив ги поседува сите потребни елементи од одвоени простории за администрација и депоа, до депоа изградени по сите стандарди за архивско работење, дури и маркица за градба на второ депо ако првото се наполни.
Според оваа партија, Владата на ДПМНЕ на чело со Груевски го исели Архивот од неговата наменски изградена зграда за грант од 600.000 евра од европските фондови.
Додаваат дека СДС пред да дојде на власт ветуваше решавање на проблемот но, откако седна на премиерското столче Заев ја препушти работата на Зорица Апостоловска, министер без ресор, која се истрча со нереален предлог за изградба на нова зграда за Архив.
„Денес, владата на Мицковски си ги мие рацете со реконструкција на покривот“.
Левица апелира да престанат игрите со една од најзначајните институции и Државниот архив на Македонија да се врати во својата наменски изградена зграда.
Македонија
Уште еден пациент од Бугарија се враќа дома, во странство остануваат да се лекуваат уште 55 повредени

Министерството за здравство информира дека денеска се враќа еден пациент, кој беше на лекување во Бугарија. Во странство во моментот се хоспитализирани 55 пациенти.
Непроменета останува состојбата на пациентите што се третираат во странство, вклучително и состојбата на критичните пациенти, соопшти Министерството за здравство.
Во болниците во земјата во моментот се лекуваат 10 пациенти, од кои четворица на Хируршката клиника „Св. Наум Охридски“, по еден пациент на Клиниката за токсикологија, на Клиниката за детска хирургија, на Клиниката за пулмологија и во ГОБ „8 Септември“, како и двајца пациенти во приватната болница „Систина“.
Министерството за здравство континуирано ја следи состојбата со повредените пациенти со цел обезбедување најдобар можен третман, како и натамошна рехабилитација, велат од таму.
Македонија
Развојот на интероперабилноста во SEEBRIG значи побезбеден регион и посилна алијанса: Мисајловски на денот за високи гости на вежбата Seven Stars 25

Министерот за одбрана Владо Мисајловски заедно со началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски денеска присуствуваше на Денот на високи гости на вежбата „Seven Stars 25“ која се реализираше во велешката касарна „Алексо Демниевски – Бауман“ каде порача дека оваа е мултинационална вежба во која учествуваат шест држави и дека таа е исклучително значајна за нас како земја-домаќин на Командата на Бригадата на Југоисточна Европа.
Министерот им честиташе на учесниците на вежбата и на Командата на SEEBRIG предводена од командантот, бригадниот генерал Билбил Битри за покажаниот врвен професионализам и високи стандарди во организација на една ваква комплексна вежба која вклучува компјутерски симулиран елемент и теренска вежба на армискиот полигон „Криволак“.
„Навистина ми е драго што преку 200 луѓе директно учествуваат во оваа вежба и што можеме да видиме како заеднички се справуваат со сите несакани појави, но и потоа како да се воспостави мир што е многу важно. Ги поздравувам сите, навистина професионално. Честитки до SEEBRIG, честитки до сите земји и учесници“, рече министерот.
На новинарско прашање поврзано со плановите за развој на одбраната и Армијата, Мисајловски информираше дека континуирано се реализира процесот на опремување и модернизација на Армијата, споменувајќи дека годинава се очекува да се комплетира целата набавка на JLTV возила, да пристигнат оклопните возила Stryker, како и против-воздушните системи Mistral и артилериските системи Boran. Мисајловски потврди дека се работи на надминување на правните предизвици поврзани со набавката на хеликоптери и дека за тоа избрана е компанија која ќе дава правни совети во овој процес. Додаде дека се одвојуваат значителни средства и за реконструкција на објекти на Армијата, вклучувајќи ги и објектите на подрачните единици, како и за набавка на нови униформи и чизми за припадниците на македонската Армија.
Генералот Лафчиски, пак, порача дека интероперабилноста помеѓу сите учесници на вежбата е на завидно ниво, оценувајќи ја за успешно реализирана. Лафчиски информираше дека 90 проценти од учесниците на теренскиот дел од вежбата се припадници на Вториот баталјон од Првата пешадиска бригада на Армијата.
На денот за високи гости во велешката касарна присуствуваа и заменичката на министерот, Елфет Исмаили, заменикот на началникот на Генералштабот, генералот Азим Нуредин, државниот секретар во Министерството, Елизабета Чуповска Ристова, директорот на Генералштабот, генералот Орце Јордев, командантот на Командата за операции, генералот Мирче Ѓоргоски и командантот на Командата за обука и доктрини, генералот Лулзим Нуредини.
Вежбата „Seven Stars 25“ е организирана од Командата на Бригадата секоја втора година. Годинава во активностите се вклучени над 200 припадници на SEEBRIG, а целта е увежбување на НАТО процедури и постапки во функција на развој на интероперабилноста и постапките за команда и контрола. Оваа вежба придонесува кон зацврстување на мирот, безбедноста и соработката во регионот и ја демонстрира подготвеноста на Бригадата за извршување на мултинационални операции во поддршка на мирот.