Македонија
Одбележан почетокот на изградба на новиот објект за крим-техника
„Во низата суштествени, реформски и програмски зафати во рамките на Министерството за внатрешни работи, што ги подготвувавме и реализиравме изминативе години, бездруго важно место заземаат и напорите за квалитативно унапредување на сегментот на крим-техничкото, форензичко работење. Тоа денеска го официјализираме и со најавата за почнување на градежните работи за изградба на новиот објект за криминалистичко-технички испитувања, со современа форензичка лабораторија на МВР, што ќе се реализира во текот на 2020 година“, истакна министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, на настанот по повод почетокот на изградбата на нов објект наменет за одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења на МВР.
„Станува збор за објект што ќе биде опремен во согласност со сите најнови европски полициски стандарди во доменот на крим-техниката, односно форензиката. Или, пластично кажано, објект што реално претставува есенција во полициско-истражителското дејствување, така што со право очекуваме во голема мера да се подигнат на уште повисоко ниво не само професионалните стандарди туку и конкретните ефекти на овој дел од оперативното полициско работење“, рече Спасовски.
Тој појасни дека во рамките на ИПА-програмите за 2013 и 2014 година, во изминатите три години се реализирани проекти во делот за набавка на опрема за институциите од областа на правдата и внатрешните работи, како и во делот на натамошното јакнење на капацитетите за истраги на местото на настанот, со што се овозможи квантитативно и квалитативно унапредување во овој домен, а круна на целиот тој пат е изградбата на новата форензичка лабораторија – проект за чија реализација во рамките на ИПА-програмата за 2016 година се издвоени потребните над три милиони евра.
За претседателот на Владата, Зоран Заев, со овој проект се отвора нова страница во историјата на службата за криминалистичка техника во нашата држава.
„Со изградбата на овој објект, конечно, се унапредуваат условите за работа на крим-техничките работници во нови лабораториски и канцелариски простории. Го фаќаме чекорот со современите постапки во оваа сфера и нивна хармонизација со најдобрите европски практики и стандарди. Уверен сум дека оваа инвестиција ќе даде голем придонес во правосудниот систем во нашата држава бидејќи услугите што ги нудат форензичките лаборатории се клучни во сите постапки на судовите и обвинителствата. Придобивки од условите, кои ќе ги нуди новиот објект, ќе имаат и граѓаните како крајни корисници на услугите. Модерната форензика ќе биде од придонес за поголема ефикасност и ефективност на судските постапки со навремено, квалитетно и стручно спроведување на потребните анализи и вештачења“, нагласи премиерот Заев изразувајќи задоволство од реализацијата на нови инвестиции во државата и уверување дека Владата и институциите остануваат партнер во унапредување на условите за работа и нивно усогласување со европските и меѓународните стандарди.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

