Македонија
Отфрлена кривичната пријава на Ременски против Гордана Јанкулоска
Скопското Обвинителство ја отфрли кривичната пријава што пратеничката Фросина Ташевска-Ременски ја поднесе против ексминистерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, и за заменик-директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Силјан Аврамовски, за злоупотреба на службената положба и несовесно работење во службата.
Пријавата првично беше поднесена против две лица, а потоа со дополнително доставен поднесок беше проширена за уште едно лице.
Во пријавата се наведува дека во периодот од 22 мај 2014 година до 29 април 2015 година првопријавената во својство министер во Министерството за внатрешни работи со пречекорување на границите на своето овластување и спротивно на Законот за внатрешните работи му прибавила корист на второпријавениот, кој во наведениот период бил заменик-директор на Управата за безбедност и контраразузнавање. Имено, таа овозможила и по исполнување на условите за старосна пензија, второпријавениот да остане во работен однос и месечно да прима плата. За третопријавената, помошник-министер за правни работи и човечки ресурси во Министерството, се наведува дека во периодот од 22 мај 2014 година до крајот на месец мај 2017 година спротивно на законот свесно пропуштила да го извести министерот дека барањата за продолжување на работниот однос поднесени од второпријавениот се недозволени и сочинила решенија за продолжување на неговиот работен однос.
Јавниот обвинител, постапувајќи по пријавата, со две последователни наредби од Министерството за внатрешни работи обезбеди податоци за работниот ангажман на второпријавениот, правните акти на кои се засновал, висината на паричниот износ што месечно му бил исплаќан и други околности.
„Од материјалната документација, прилозите кон пријавата и писмените известувања обезбедени од МВР произлезе дека првопријавената како министер за внатрешни работи на 14.4.2014 година донела решение со кое констатирала дека на 31.4.2014 година ќе настапи прекин на работниот однос на второпријавениот заменик-директор на УБК поради исполнување на условите за остварување старосна пензија – 40 години пензиски стаж. По барање поднесено од второпријавениот, одобрено од директорот на Управата, да му се дозволи да ги спроведе веќе почнатите опреативни активности под негово раководство, првопријавената на 22.5.2014 година го поништила решението, а второпријавениот на 26.8.2014 година поднел изјава за продолжување на работниот однос. Постапувајќи по барањето, првопријавената донела решение, изготвено од третопријавената, со кое го продолжила работниот однос на второпријавениот за период од една година, заклучно со мај 2015 година. Решението било донесено врз основа на Законот за изменувањето и дополнувањето на Законот за внатрешните работи, кој влегол во сила на 13.8.2019 година и бил со одложена примена од 12.3.2015 година, со кој се предвидувала можност за продолжување на работниот однос до 45 години пензиски стаж.
На сличен начин, на 29.4.2015 година, по претходно барање од второпријавениот, првопријавената донела ново решение, со кое работниот однос му го продолжила за уште една година, заклучно со мај 2016 година. Кога со нов акт за систематизација на работни места во Управата, второпријавениот бил прераспореден, тој поднел уште две барања врз основа на кои со решение на министерот за внатрешни работи неговиот работен однос бил продолжен до октомври 2017 година кога исполнил 45 години пензиски стаж и остварил право на старосна пензија. Во периодот од ноември 2017 година до ноември 2019 година второпријавениот и натаму бил работно ангажиран за потребите на Министерството за внатрешни работи со договор на дело.
Врз основа на ваквите податоци, како и на прибраните вербални докази, надлежниот јавен обвинител процени дека во дејствата на пријавените не се содржани битни обележја на наведените кривични дела. Имено, пропустите по однос на основот за работниот ангажман на второпријавениот во Управата не се на линија на неправо во кривично-правна смисла, туку единствено може да претставуваат неправилност при примена на норми со кои се регулираат работните односи. Особено што постапувањето се базирало на процена на безбедносните ризици, запазување на континуитетот на класифицирани оперативни проекти и заштита на интересите на државната безбедност.
Притоа, за првопријавената јавниот обвинител оцени дека не може да се утврди дека дејствувала со умисла да му прибави имотна корист на второпријавениот, а на штета на Министерството. Второпријавениот, пак, единствено истакнувал барања за продолжување на работниот однос за кои постоела можност да бидат прифатени или одбиени. Дејствата на третопријавената се исцрпуваат со изготвување решенија, кои ги потпишувал и ги ставал во правна сила ресорниот министер“, велат од Обвинителството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Јавното обвинителство мора да отвори предмет за тендерот од 1,2 милиони евра“, бара СДСМ
„Јавното обвинителство не смее да молчи за криминалните тендери туку да делува. Обвинителството мора веднаш да отвори предмет и да започне истрага за скандалозниот тендер од 1,2 милиони евра во АД Пошта, доделен на фирма на советник од ЗНАМ“, велат од СДСМ.
„Антикорупцискиот тим објави конкретни наводи и докази од свиркач, вработен во Пошта за организирано испумпување јавни пари и системска кражба на пари од граѓаните.
Постојат основани сомнежи дека над 300.000 евра годишно, пари на граѓаните, се вадат преку корупциски шеми.
Како? Според наводите, недостасуваат постојано околу 14 хигиеничари а други работата со половина работно време и покрај тоа што за сите нив се исплаќа целосен износ, како да се вработени и присутни цел ден.
Како се прикрива сето ова?
Со потпишување лажни дневници за отсутни хигиеничари, лажни извештаи за наводни генерални чистења кои никогаш не се реализираат.
Ако институциите не постапуваат значи дека се заштитници на криминалот на ВМРО и ЗНАМ.
Бараме Јавното обвинителство да отвори предмет и итно да покрене истрага.
Секој што го прекршил законот мора да одговара“, се наведува во соопштението на СДСМ.
Македонија
Делови од Карпош и Кисела Вода денеска без вода
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека денеска:
· поради отстранување дефект на водоводна мрежа со пречник од ф-100 мм на ул. Нобелова крстосница со ул. Хелсинки, од 09:00 часот до завршување на интервенцијата, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од улиците: Нобелова, Виенска, дел од ул. Хелсинки и дел од ул. Лондонска. (Општина Карпош)
· поради изведување приклучок на водоводна мрежа со пречник од ф-100 мм на ул. Жил Верн бр. 10, од 10:00 часот до завршување на интервенцијата, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од ул. Жил Верн и ул. Есенинова. (Општина Кисела Вода)
Македонија
Делови од неколку скопски општини денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:00 до 14:00 часот, корисниците од дел од с. Ќојлија. (Општина Петровец)
· од 08:30 до 09:30 часот, корисниците од селата: Драчевица и Цветово. (Општина Студеничани)
· од 08:55 до 09:55 часот, корисниците од селата: Горно Соње, Долно Соње , Чифлик и Света Петка. (Општина Сопиште)
· од 09:00 до 14:00 часот, корисниците од дел од ул. Веле Марков. (Општина Ѓорче Петров)
· од 12:30 до 14:30 часот, корисниците од дел од улиците: Димо Хаџидимов и Христо Татарчев. (Општина Кисела Вода)

