Економија
Нов јавен повик на ФИТР – „Стартапувај 2“
Фондот за иновации и технолошки развој објави нов јавен повик за стартап-компании. Презентацијата на инструментот на ФИТР, кој е наменет за финансиска поддршка на фирми не постари од 6 години, како и критериумите и условите за аплицирање, се одржа во амфитеатарот на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово.
Фокусот на оваа мерка поддржана од Светската банка се младите, а целта на инструментот е поттикнување на истражувачките и развојните процеси на нови бизниси.
Проф. д-р Абдулменаф Беџети, ректор на Универзитетот на Југоисточна Европа, посочи дека кадарот што добива високо образование таму е меѓу најконкурентните на пазарот на трудот.
„Најновите статистики покажуваат дека 70 проценти од студентите на додипломските студии на Универзитетот на Југоисточна Еврпша се вработуваат најдоцна во период од 12 месеци по завршувањето на студиите. Ова е доказ дека дека Универзитетот има наставен кадар што ги подготвува студентите со теоретска, но и практична настава, за потребите и барањата на пазарот на трудот. Токму затоа сметам дека Фондот за иновации и технолошки развој ја избрал најсоодветната високообразовна институција, каде што ќе ги презентира своите активности и можности за младите претприемачи, односно ќе го презентира новиот повик за стартап-комапнии“, рече Беџети.
Јован Деспотовски, директорот на Фондот, кој се обрати пред присутните студенти и претставници на бизнис-заедницата, нагласи дека приоритет на активностите на ФИТР се токму младите луѓе за кого државата нуди конкретна поддршка и мерки за развивање сопствен бизнис дома.
„Целта на Фондот е да поттикнеме што повеќе млади луѓе да се охрабрат да основаат свој бизнис во сопствената држава и да аплицираат. Минатата година успеавме во тоа, а потврда за тоа се бројките: 85 стартап-компании се поддржани од овој инструмент, што претставува 30 отсто од портфолиото на Фондот. Вкупниот износ на вложени средства во овие компании се 2,4 милиона евра, а ако го земеме предвид минатото искуство, овој износ ќе се зголемува во иднина. Сакам да потенцирам дека иновациите се применливи насекаде и сакам да ги охрабрам студентите и младите лица во државата да аплицираат за овој инструмент бидејќи компаниите што добиваат поддршка од ФИТР се одличен показател дека добра идеја може да се реализира во добар бизнис, а државата нуди конкретни механизми и спроведува конкретни активности да ги задржи тука“, истакна Деспотовски.
Условите, критериумите и целта на инструментот за кофинансирани грантови за стартап и спиноф-компании ги презентира Пиштар Љутфиу, член на Управниот одбор на Фондот и поранешен министер за образование и наука. Тој истакна дека механизмите на ФИТР за финансиска поддршка, како и мерките преземени во поглед на подобрување на формалното и неформалното образование, даваат очигледни резултати.
„Фондот нуди конкретни мерки како да ги задржи младите луѓе дома и за таа цел соработува со сите општествени фактори и релевантни институции, како што се Агенцијата за вработување, УСАИД, УНДП, УНИЦЕФ, но и сите засегнатни министерства во процесот. Ова е еден од најважните сектори во државата, кој заслужува ваков вид поддршка затоа што инвестирањето во младите е иднината на оваа земја. Со овој инструмент на Фондот се отвораат нови работни места, се стимулираат истражувањето и развојот на бизнис-идеите кај младите и се подобрува целокупната економија. Затоа, моја препорака е да ги искористите можностите што ви ги нуди државата и да го разбудите претприемачот во себе,“ истакна Љутфиу.
Вкупниот буџет на овој јавен повик е зголемен и сега изнесува 1,5 милион евра. Максималната сума што може да биде доделена од страна на ФИТР е во висина од 30.000 евра, што претставува 85 отсто од вкупната вредност на проектот. Преостанатите 15 проценти треба да ги обезбеди апликантот.
Јавниот повик за кофинансирани грантови за новоосновани стартап и спиноф-компании на Фонд за иновации и технолошки развој е објавен денес (25.12.2019 год) и ќе трае до 15.2.2020 год.
Сите детали за овој јавен повик на ФИТР можете да ги најдете следниот линк:fitr.mk/startapuvaj-2.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Угостителите во Македонија за една година ги поскапеа цените за 3,4 проценти
Цените на угостителските услуги во јануари 2026 година се зголемени за 0,2 проценти во однос на претходниот месец.
Во споредба со истиот месец од минатата година, цените се повисоки за 3,4 проценти, сопшти Државниот завод за статистика.
На годишно ниво, односно во 2025 година во однос на 2024 година, цените на угостителските услуги се зголемени за 4,8 проценти.
Во јануари 2026 година, во однос на декември 2025 година, цените по групи се зголемени за: 0,3 проценти кај храна, 0,2 проценти кај алкохолни пијалаци. Кај групите Безалкохолни пијалаци и ноќевања не се забележани промени на цените.
Економија
Македонија добива можност да учи AI од Google, Microsoft, Amazon и IBM
AIatWork од денес овозможува 14-дневен целосно бесплатен пристап до својата платформа, со цел вештачката интелигенција да стане разбирлива, применлива и достапна за поширок круг корисници во Македонија.
Со бесплатниот 14-дневен пристап, корисниците добиваат можност практично да ја испробаат платформата и да користат водечки AI модели како ChatGPT, Gemini и Claude, над 50 практични AI алатки за пишување, анализа, дизајн и автоматизација, како и онлајн курсеви во живо, водени од AI практичари со искуство во глобални технолошки гиганти како Google, Microsoft, IBM и други.

Во Македонија вештачката интелигенција сè уште често се доживува како нешто нејасно и тешко совладливо за луѓето без ИТ позадина. Исто така AI често се поистоветува со една алатка, наместо да се разбере како поширок сет на практични решенија што веќе се користат во секојдневната работа низ светот. Голем дел од популацијата би сакала да знае да користи AI, но не знае кои алатки се навистина релевантни и како AI реално може да им помогне во работата.
Токму тука AIatWork се појавува како практичен одговор, нудејќи јасна насока за практична употреба на AI во секојдневната работа.
Во видеото што е дел од објавата, тимот на AIatWork објаснува дека изминатите месеци биле посветени на унапредување на корисничкото искуство и поддршката на платформата, со јасна цел: секој нов корисник уште од првиот момент да знае точно од каде да започне со изучување на вештините и алатките на иднината.
Само овој месец, на платформата се одржуваат 12 активни AI курсеви, во соработка со експерти и компании како Boeing, Google и Salesforce.
Во време кога AI станува составен дел од работата ширум светот, за земји како Македонија таа претставува можност за побрза дигитална трансформација и зголемена конкурентност. Бесплатниот пристап им овозможува на корисниците самите да проверат како AI може да им помогне во секојдневната работа, без ризик и без обврска.
Прашањето повеќе не е дали AI ќе стане дел од работата, туку дали ќе бидете подготвени кога тоа ќе се случи.
Пробајте AIatWork бесплатно – 14 дена, без обврска.
(ПР)
Економија
Владата предложи покачување на платите за администрацијата до 40 отсто, со почетно зголемување од 8 проценти од април
Премиерот Христијан Мицкоски, изјави дека денешната средба со Синдикатот на УПОЗ била конструктивна и дека на маса е предлог за зголемување на платите на административните службеници за 40 проценти во наредниот период.
Во интервју за Дневникот на МРТ, Мицкоски рече дека Владата ги презентирала условите и правилата под кои е подготвена да го реализира процесот на покачување на платите и дека сега се очекува одговор од синдикатите дали го прифаќаат предлогот.
„Денеска имавме состанок со УПОЗ. Ние дадовме понуда, истата онаа понуда за која јас зборував во јавноста. Ги поставивме условите и правилата под кои сме подготвени да го движиме овој процес напред“, изјави Мицкоски.
Тој посочи дека претставниците на УПОЗ и КСС најавиле дека ќе се консултираат со своите раководства и дека во текот на утрешниот ден ќе ја соопштат нивната одлука. Доколку се постигне согласност, според најавите, договорот би бил финализиран во недела, а од понеделник би започнала изработка на примерок на индивидуален синдикален договор.
Мицкоски појасни дека исплатата на зголемените плати би започнала во април, за мартовската плата, со осумпроцентно зголемување на збирот од постојната плата и минималната плата. Истиот модел би се применувал и во 2027 и во 2028 година.
„Тоа значи дека за околу две години и два до три месеци, административните службеници ќе имаат најмалку 40 проценти повисоки плати во споредба со сегашното ниво“, истакна премиерот.

