Економија
(Видео) Заев најави отпис на камати и репрограмирање на долгови на граѓаните

Владата ќе му достави на усвојување на Собранието предлог-закон за отпис на камати и репрограмирање на долгови и трошоци на физички лица и за измени и дополнувања на Законот за извршување, со кои за сите предмети дадени за извршување до крајот на 2017 година се предлага отпишување на камати за граѓаните должници кон јавни и државни претпријатија, или државни органи и установи и во таа насока за праведно опфаќање на сите граѓани, ќе им биде предложено и на приватните доверители оваа постапка да ја следат со доброволно бришење на каматите на долговите на граѓаните, соопшти денеска на прес-конференција премиерот Зоран Заев.
Заев информираше дека со законските измени што се предлагаат се предвидува и репрограмирање на долгот, односно плаќањето на главниот долг да биде на рати. Колку е поголем долгот толку ќе се зголемува рокот на отплата, односно ќе се исплаќа на повеќе рати.
„Не по своја вина, граѓаните, особено социјално ранливите – се соочија со камати кои повеќекратно го надминуваат основниот долг за кој и онака имаат потешкотии да го исплатат. Ова ја направи отплатата на долгот уште потешка, и во голем број случаи го загрози достоинството на граѓаните. Со денот на стапување во сила на овој закон, извршителите прекинуваат со присилно извршување по предметите. Владата се грижи за достоинството и социјалната сигурност на граѓаните. Со оваа иницијатива исправаме уште една неправда направена во 2011 година, кога старите судски извршни предмети беа префрлени од судовите на извршителите и нотарите“, истакна премиерот.
Тој појасни дека доверителите кои се во државна или јавна сопственост, по сила на овој закон, се должни да направат целосен отпис на каматите и репрограмирање на главниот долг и трошоците во рок од три месеци од денот на стапување во сила на овој закон и треба да ги известат извршителите во рок од 30 дена од отписот на каматите.
„Се надевам дека и приватните доверители, и апелирам особено оние кои можат да си го дозволат тоа, на доброволна основа да го прифатат овој предлог и да се солидаризираат со граѓаните“, повика премиерот.
Во однос на репрограмирањето со новото законско решение се предлага плаќањето на главниот долг и трошоците во постапките пред судот, нотарот и извршителот, да се врши во месечни рати, во зависност од висината на долгот и трошоците.
На прес-конференција Заев најави уште една измена на Законот за извршување, со која ќе бидат изземени од извршување граѓаните корисници на гарантирана минимална помош, која ја најави МТСП, според која граѓаните приматели на просечна плата, на граѓаните со пензија до висина на просечната пензија, на децата корисници на семејна пензија и на хранителските семејства кои згрижуваат деца, извршувањето на главнината на долгот да се спроведува до една петина на платата или пензијата, а не до една третина како досега.
Предлог-законот за отпис на камати и репрограмирање на долгови и трошоци на физички лица, предлогот за измени и дополнувања на Законот за извршување, како и предлог-законот за отпис на камати и репрограмирање на долгови и трошоци на јавни претпријатија, ќе бидат утврдени на утрешната седница на Владата, по што веднаш ќе бидат испратени на усвојување во Собранието.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Дурмиши за новата потрошувачка кошничка: ќе служи за градење политики поврзани со минималната плата и ќе се усогласи со европските стандарди

На четвртата седница на Економско-социјалниот совет, министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши ја истакна важноста од повторното активирање на трипартитниот дијалог меѓу Владата, синдикатите и работодавачите, кој претставува суштински механизам за социјална кохезија и економски напредок. Тој ги поздрави новите претставници на Конфедерацијата на слободни синдикати, со што, како што рече, се враќа легитимитетот на Советот.
Министерот информираше дека е успешно завршена постапката за утврдување на репрезентативноста на синдикатите – прашање што подолг период го блокираше нормалното функционирање на ЕСС. Воедно, се предложени измени на Законот за работни односи, со кои прагот за репрезентативност се намалува од 10 на 5 проценти, со цел да се поттикне поинклузивен и плуралистички социјален дијалог.
Дурмиши го претстави и процесот за изработка на нова, официјална методологија за пресметка на потрошувачката кошничка, заснована на проверливи и релевантни податоци од Анкетата за потрошувачка на домаќинства, спроведена од Државниот завод за статистика. Новата кошничка ќе служи како основа за градење политики поврзани со минималната плата и социјалните трансфери и ќе биде усогласена со европските стандарди.
Економија
Трипуновски: Откупните цени за пиперката се зголемени – прва класа ќе се откупува по 45 денари за килограм

Откупните цени за пиперката се зголемени – прва класа ќе се откупува по 45 денари за килограм, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.
„На состанокот се договорија откупните цени по класи за пиперката. За прва класа откупната цена на пиперката изнесува 45 денари, за прва-втора класа е 35 денари, за втора класа откупната цена изнесува 20 денари, а за трета класа откупната цена ќе биде 15 денари”, појасни министерот.
Тој посочи дека тоа се почетните цени со кои што ќе започне откупот на пиперката за реколтата 2025 година.
„Пиперката во Македонија се одгледува во два региони – струмичкиот и прилепскиот регион. Бербата треба да биде во договорен период за да не се соочиме со зголемена количина на берба на пиперка во текот на денот и да имаме застој во откупот”, додаде министерот Трипуновски.
Министерот истакна дека оваа година откупните цени за пиперката се зголемени во однос на минатата година.
„Текот на откупот ќе го следиме преку Државниот инспекторат за земјоделство. Како Министерство стоиме на располагање, а трендот на зголемување на земјоделското производство треба да продолжи и понатаму”, посочи тој.
Економија
Владата работи на зголемување на просечната плата, најави Мицкоски

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање во врска со растот на платите во државата, со оглед на најновите статистички податоци, според кои просечната нето плата бележи раст и изнесува 45.800 денари, изјави:
„Прво што сакам да кажам е дека и тоа не е доволно. Дека треба да биде уште поголема просечната плата, и во таа насока продолжуваме, како Влада, да работиме. Но и самиот факт и бруто и нето, од просечната плата растат повеќе од 11% е демант за сите оние, би рекол, некрофили во рамките на опозицијата, кои што изминатиов период континуирано конструираа и лиферуваа лаги во јавноста, дека платите не растеле, дека платите стагнирале итн. Но овие податоци коишто пристигнуваат се само доволен доказ дека тие, освен тоа што не говорат вистина, шпекулираат, конструираат и креираат невистини. Друго ништо не можат да сработат и токму затоа таква е состојбата во опозицијата, и токму затоа народот ја изгуби довербата во нив.“
Владата продолжува да работи, рече премиерот, за граѓаните да имаат уште повисоки примања.
„И нормално, ние како Влада продолжуваме и понатаму да работиме за уште повисоки примања на работниците, затоа што тоа е наша цел, да испорачаме тоа што граѓаните од нас очекуваат.“, објасни Мицкоски.