Македонија
(Видео) Георгиевски : ВМРО-ДПМНЕ го блокира буџетот на Гази Баба
„Како на централно така и на локално ниво, ВМРО-ДПМНЕ нуди само блокади, кочења и деструктивно однесување на штета на граѓаните.Последен доказ за тоа е негласањето на Буџетот за 2020 година на општина Гази Баба од страна на советниците на ВМРО-ДПМНЕ. Општина Гази Баба е без буџет за наредната година, само затоа што ВМРО-ДПМНЕ го злоупотребува фактот што има мнозинство во Советот и се реши да не го гласа буџетот“, изјави Борис Георгиевски, градоначалник на општина Гази Баба.
Според него, ова е класичен пример за неодговорно, деструктивно однесување на штета на граѓаните и цела општина Гази Баба.
„Ако на централно ниво ВМРО-ДПМНЕ во Собранието блокираше и се уште блокира важни закони за државата и граѓаните, на локално ниво оваа партија го блокира најважниот документ на една општина – Буџетот.Немањето на буџет значи дека нема да може да се продолжи навремено градење на градинката во Стајковци. Да започне изградбата на фекалната канализација во населените места Гоце Делчев, Црешево и Смилковци. Општината нема да има средства да изврши ревитализација на каптажите во Раштак и Булачани. Нема да може конечно да се изградат улиците во новата населба Хиподром 2, улицата Фуштанска, како и улиците во Јурумлери и Трубарево каде се гради канализациона мрежа.
Недонесувањето на буџетот значи целосно закочување на подготовката на проектите за изградба на нови 4 детски градинки во Синѓелиќ, Инџиково, Ќерамидница и Трубарево. Блокирани ќе бидат и проектите за изградба на спортски сали ООУ Кирил и Методиј и ООУ Наум Охридски. Закочена е и изградбата на монтажните гаражи во Автокоманда кои беа предвидени во буџетот за 2020 година. Нема да може да се врши сервисирање на уличното осветлување, ниту пак да се започне нов проект.Се тоа на директна штета на граѓаните“, додаде тој.
Според Георгиевски, ништо не е сменето во ВМРО-ДПМНЕ. Христијан Мицкоски е ист како неговиот ментор Никола Груевски.
„Партијата предводена од Мицкоски и Груевски која со години ја пустошеше државата и општината, сега безмилосно удира по граѓаните на општина Гази Баба. Граѓаните ќе го ценат ваквото однесување на ВМРО-ДПМНЕ и многу скоро ќе ја испорачаат казната. На 12 април ВМРО-ДПМНЕ ќе доживее нов убедлив пораз“, додаде тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

