Економија
ЕСМ ќе набави еколошки автобуси за превоз на работниците во РЕК Битола
АД ЕСМ објави јавен повик за купување на шест нови автобуси за превоз на работниците во РЕК Битола. Автобусите ќе бидат еколошки, со погон на метан. За оваа цел предвидени се 88 милиони денари или 1,4 милиони евра, сопствени средства на АД ЕСМ.
„Ова е прва ваква набавка на автобуси од 2000 година. Дел од автобусите кои и денес се користат за превоз на работниците биле набавени како половни во 2014 година. Тоа доволно зборува за катастрофалната состојба во која се наоѓа автобускиот возен парк на РЕК Битола”, рече генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски.
Според него, со набавката на новите, еколошки автобуси за превоз на работниците од РЕК Битола, ќе бидат постигнати неколку цели.
„Прво, ќе биде зголемена безбедноста и квалитетот на превозот на работниците од РЕК Битола кои работат во исклучително тешки услови. И во рудниците, и во термоелектраната. Тие тоа го заслужуваат. Второ, од еколошки аспект, автобусите кои сега ги превезуваат работниците многу ја загадуваат животната средина и не ги исполнуваат минималните еколошки стандарди. Граѓаните со право реагираат. И мене како на битолчанец не ми е пријатно кога ги гледам низ улиците на Битола. И трето, со набавката на новите автобуси, АД ЕСМ и РЕК Битола ќе ја потврдат општестевната одговорност кон општините Битола, Новаци и Могила. Овие автобуси кога нема да превезуваат работници на РЕК Битола, согласно законската регулатива, ќе вршат превоз на ученици, студенти, во вторник и петок пензионери, спортски клубови, членови на здруженија и невладини организации. И сето тоа, секако во согласност со нашите можности”, рече Ковачевски.
Директорот на РЕК Битола, Златко Ќурчиевски, додаде дека набавката на новите автобуси на природен гас за РЕК Битола е исполнување на уште едно ветување со цел подобрување на условите за работа во комбинатот, намалување на трошоците за работа и заштита на животната средина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
За една година поскапеа и кафаните: угостителските услуги зголемени за 3,5 проценти
Цените на угостителските услуги во декември 2025 година се зголемени за 3,5 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.
На годишно ниво, односно во периодот јануари – декември 2025 година во однос на истиот период од 2024 година, угостителските услуги се поскапени за 4,8 проценти.
Истовремено, статистиката покажува дека во декември нема промени во однос на претходниот месец. Цените на угостителските услуги останале на исто ниво како и во ноември 2025 година.

Фото: unsplash
Економија
МФ: Пласирани над 224 милиони евра за поддршка на инвестиции кон компаниите, исплатена нова транша од Буџетот кон Развојната банка
Министерството за финансии од Буџетот изврши исплата нова транша во вредност од 424,9 милиони денари или 6,9 милиони евра кон Развојната банка за поддршка на домашните компании.
Со исплатата на оваа транша вкупната поддршка на државата кон домашната економија изнесува 13,8 милјарди денари или 224,3 милиони евра од вкупно планираните 250 милиони евра за поддршка на домашните компании, велат од Министерството за финансии.
„Владата ги обезбеди овие средства преку кредитна линија од Унгарската експорт-импорт банка со цел поддршка на домашната економија. Поддршката се состои од пласман на средства по поволни услови за компаниите во насока на реализација на приватните инвестиции, со што тие ќе обезбедат сопствен развој и поттикнување на економскиот раст. Средствата се пласираат до крајните корисници преку деловните банки, каматната стапка е 1,95% годишно, рокот на отплата е до 15 години и грејс период до 3 години.
Вкупниот буџет за поддршка на домашните компании предвидени во Буџетот изнесува 250 милиони евра, а вредноста на инвестицискиот циклус се проценува на околу 300 милиони евра“, се додава во соопштението на Министерството за финансии.
Економија
Мицкоски најави построги казни за супермаркетите што го кршат законот: „Ако така продолжат, ќе мора да стават клуч на врата“
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека годишната инфлација ќе се движи околу четири проценти, најавувајќи засилени инспекциски контроли и законски измени со значително повисоки казни за трговските ланци што ги прекршуваат правилата за нефер трговски практики.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски изјави дека ваквите проекции за инфлацијата се присутни веќе со месеци и дека Владата активно делува преку зачестени контроли на инспекциските служби.
„Ќе предложиме законски измени со многу поголеми казни за сите ланци на супермаркети коишто го изигруваат законот за нефер трговски практики. За некои од ланците веќе имаме докази и мислам дека ако така продолжат, ќе мора клуч да стават на врата“, изјави премиерот.

