Македонија
Гостиварец, кој се занималал со продажба на станови, затаил данок од над 700.000 денари

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против Л. Е. (52) од Гостивар поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело даночно затајување.
Во периодот од 2014 до 2018 година во Гостивар, пријавениот, во својство на физичко лице, во континуитет избегнал да уплати персонален данок на доход на други видови приходи во вкупна вредност од 713.824 денари со пресметана вкупна камата за временскиот период во износ од 184.720 денари.
Паричните средства, како што информираат од полицијата, пријавениот ги остварил од изградба и продажба на станови за кои бил обврзан да плати данок констатиран со записник од надворешна контрола, извршена од страна на Управата за јавни приходи – дирекција Тетово.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Меџити во Чаир, Касами во Тетово, Бакиу во Скопје – ВЛЕН ги објави кандидатите за градоначалници

Централното претседателство на ВЛЕН ги избра кандидатите за претстојните локални избори. Во Тетово за нов мандат ќе се бори актуелниот градоначалник, Билал Касами. Во Чаир, ќе се кандидира првиот вицепремиер, Изет Меџити, а во Струга, ВЛЕН го поддржува независниот кандидат Менди Ќира.
Во Кичево ќе го кандидира министерот за Социјална политика, Фатмир Лимани, во Дебар кандидат на ВЛЕН ќе биде заменик-директорот на Управата за јавни приходи, Фисник Мела.
Во Градот Скопје, ВЛЕН го предлага директорот на Дирекцијата за општи услуги во Универзитетскиот клинички центар во Скопјe, Башким Бакиу.
Во Сарај, кандидат на ВЛЕН ќе биде директорот на претпријатието „Номагас“, Мухамед Елмази, во Липково директорот на Државните резерви на нафта, Неџмедин Садику, во Арачиново ВЛЕН ќе настапи со Даут Беќири.
Во Желино актуелниот градоначалник на оваа општина, Блерим Сејдиу, во Теарце ќе се кандидира директорот на Бирото за регионален развој, Даут Мемиши, во Боговина, ВЛЕН го кандидира Фети Абази, во Брвеница директорот на Државниот инспекторат за локална самоуправа, Хаќим Рамадани и во Долнени, ВЛЕН ќе се кандидира со наставникот Блерим Ислами од село Цернилиште.
Од ВЛЕН велат дека сè уште нема конечна одлука за кандидатите за општините Гостивар, Врапчиште, Студеничани и Чашка и дека во разговори се со неколку кандидати.
„Тука нагласуваме дека сите овие се кандидати на ВЛЕН и, како што претходно одлучивме, ниту еден од нив не се кандидира под партиско лого. Всушност, освен што се кандидати на ВЛЕН и идни градоначалници на општини, тие ќе бидат слуги на сите граѓани без оглед на етничката, религиозната и политичката припадност“, велат од ВЛЕН.
Македонија
Метеж на границите: на Табановце и Богородица се чека по 45 и 30 минути

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен, информира АМСМ.
Поради летните одмори се бележи зголемена фреквенција на возила, на ГП Табановце времето на чекање за влез е околу 45 минути додека на ГП Богородица времето на чекање за влез и излез од државата е околу 30 минути.
На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
ВНИМАТЕЛНО: АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делегации на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје, Пелинце, Крушево и Ташмаруништа по повод 2 Август, Денот на Републиката

Делегации на ВМРО-ДПМНЕ по повод Денот на Републиката, 2 Август, ќе положат свежо цвеќе на неколку локации низ Македонија, во Скопје, Пелинце, Крушево и Ташмаруништа.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, ќе ја предводи партиската делегација во Ташмаруништа, каде ќе положи свежо цвеќе заедно со претседателот на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Струга и заменик министер за правда, Ален Деребан и пратеникот Јован Јаулески.
Во Скопје на 3 локации, партиската делегација ќе ја предводат градоначалникот на Општина Кисела Вода и кандидат за градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојковски и пратеничката, Катерина Димитровска. Тие ќе положат свежо цвеќе пред Споменикот на Претседателот на Крушевската Република, Никола Карев во 10:00 часот, пред споменикот на АСНОМ (парк Жена Борец) во 10:20 часот и пред споменикот на првиот претседател на Президиумот на АСНОМ Методија Андонов-Ченто (плоштад Македонија) во 10:40 часот.
Партиска делегација ќе положи свежо цвеќе и во Пелинце во 11 часот, која ќе ја предводи пратеникот Бране Петрушевски, а во состав на пратеникот и член на ИК, Миле Лефков, како и директорот на Државниот студентски дом Скопје, Александар Каровски.
Во Крушево, партиската делегација ќе положи свежо цвеќе на Споменикот на хероите на месноста „Слива“ во 10 часот и на Мечкин Камен во 12 часот. Делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ во Крушево ќе ја предводи Генералниот секретар, Ѓорѓија Сајкоски, а истата ќе биде во состав на претседателот на Унијата на млади сили, Сергеј Попов, претседателката на Унијата на жени, Жаклина Пешевска, членот на ИК, Ристо Симеонов и членот на ИК, Олга Лозановска.
Делегации на Унијата на млади сили, Унијата на жени, Унијата на ветерани и Патриотскиот институт, утре ќе положат свежо цвеќе на бројни локации во општините низ државата.