Македонија
Првото бебе во Новата 2020 година во Битола е женско
Пет минути по полноќ, во Клиничката болница во Битола на гинеколошко-акушерското одделение се роди првото бебе во новата 2020 година, девојче, кое на свет дојде по нормален пат. Името и е Евгенија и е прва радост на нејзините родители.
Првороденото бебе го посети градоначалничката Наташа Петровска, која на мајката и го честита донесувањето на свет на малата Евгенија и и посака таа да израсне во човек кој ќе остави свој впечаток во општеството.
„Нема поголема радост од радоста за нов живот, пет минути после полноќ го имаме првото бебе во Битола, женско, Евгенија, која ни донесе радост на сите. Нека е здрава и жива, да и се радуват во семејството, да има спокоен живот, да ни израсне во голем човек и со неа да се гордееме како битолчани. Честитки и до екипата која што се вложи да го имаме овој радосен момент и годинава нека ни биде бериќетна на сите“, рече Петровска.
Раководителот на одделението, прим. д-р Елизабета Чипуровска, од името на дежурната екипа им ја честиташе Новата година на сите жители на општината и порача младите да формираат среќни семејства во оваа година и да имаат принови, бидејќи иднината останува на младите.
„За време на новогодишната ноќ имавме доста работа, пред доаѓањето на новата година се породија две пациентки, треторотки, а во новата година, првото бебе породено по нормален пат од мајка Анита дојде на свет 5 минути по 12 часот, со тежина од 3.530 грама. Се течеше во најдобар ред и мајката и бебето се во одлична состојба“, истакна Чипуровска.
Градоначалничката, покрај вниманието кон мајката со букет свежо цвеќе, на првороденото бебе му подари ваучер во вредност од 20.000 денари. Таа ги посети и останатите родилки и нивните деца, подарувајќи им букети.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Мали остатоци од снег има на планинскиот превој од (село Лисец – Попова Шапка) кои се задржани на коловозот, извести АМСМ.
Врнежи од снег со слаб интензитет има на патниот правец (Крива Паланка – г.п.Деве Баир) кој не се задржува на коловозот и намалена видливост поради појава на магла има на планинските премини Плетвар до 30 метри, Ѓавато до 100 метри и планинскиот превој Крушево до 40 метри.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект ф-100мм на крстосницата Његошева/Софиска, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Софиска, Његошева, Бриселска, Копенхагенска, Стокхломска, Петар Драганов и Гаврил Лесновски, општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд. Претпладне, врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег и во некои од повисоките места. Ќе дува слаб до умерен, а попладне наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 3 до 10 степени.
Во Скопје, претежно облачно со услови за слаб дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на оваа седмица следува период на претежно облачно време со повремени врнежи од дожд, кои на повисоките планини, ќе преминуваат во врнежи од снег. Повремено наместа врнежите ќе бидат пообилни. До сабота ќе дува југоисточен и југозападен ветер, а во недела ветерот ќе го смени правецот и ќе дува засилен северен ветер.

