Економија
ФИТР: Рекордна реализација од 99,9 oтсто на средствата за поддршка на домашната економија
Фондот за иновации и технолошки развој ја заврши 2019 година со рекордна реализација од 99,97 отсто на предвидениот буџет наменет за финансирање на домашните компании и останати корисници на средства, информираат од Фондот.
Во измината година ФИТР кон домашните компании исплати вкупно 633,6 милиони денари финансиска поддршка за реализација на инвестициски проекти. Средствата се обезбедуваат од буџетот на Владата, како и од Светската банка. Со овие средства, како и сопствените пари што компаниите ги уплаќаат на наменски сметки, вкупниот обем на реализарани средства преку проектите на ФИТР за 2019 година надминува 1 милијарда денари.
Дополнително, исплатени се над 12,6 милиони денари за проекти во делот на образованието, заштитата на животната средина, како и примената на иновациите во јавниот сектор.
Во 2019 година Фондот во целост ја реализираше предвидената програма за реализација на нови јавни повици и обезбедување поддршка за инвестициски проекти во економијата. Така, за комерцијализација на иновации предвидените 12,5 милиони евра се искористени 100%, додека во тек се два јавни повици – за поддршка на технолошки развој и стартап-компании, за што средства беа обезбедени со ребалансот на буџетот за 2019г.
Заклучно со декември, ФИТР има склучено (или во фаза на склучување на) договори за кофинансирање на 320 компании и 54 основни и средни училишта. Вкупниот обем на инвестиции кај домашните компании е во вредност од околу 57 милиони евра, од кои 22 милиона евра се учество на самите компании. На овие проекти има директно ангажирани 769 лица, од кои дури 360 се новоотворени работни места, со просечна плата од 700 евра.
Првичните анализи на работењето на дел од компаниите чија реализација на проектите е во понапредна фаза, покажуваат дека по поддршката од Фондот приходите им пораснале за 50 отсто, а нето-добивката пораснала за 64 отсто. Зголемен е и бројот на вработени за 27 отсто, а забележан е и пораст од 40 отсто кај просечната месечна плата исплатена во овие компании.
Фондот ја стартуваше и кампањата „Создаваме успешни приказни“, која има за цел презентација на кофинансираните проекти и постигнатите резултати преку личните приказни на нашите корисници.
„Преку нив сакаме да ви го доближиме заедничкиот успех. Гледате околу вас дека станува збор за луѓе од вашето соседство, ваши врсници, луѓе кои ги познавате и кои веќе успешно ги развиваат сопствените бизниси. И тие треба да бидат наша, ваша и заедничка инспирација и мотив да продолжиме понатаму. Во следниот период ќе слушате и гледате многу вакви успешни приказни. Нашата политика и нашата посветеност е да продолжи поддршката на економијата“, рече директорот на ФИТР, Јован Деспотовски, на презентацијата на работата на ФИТР во 2019 и на кампањата „Создаваме успешни приказни“.
Фондот минатата година воведе и повеќе новини и измени со цел поедноставување на постапката за аплицирање. Меѓу другото воведена е и таканаречената „fast track“ скратена постапка за аплицирање. Отсега компаниите кои ги поминале фазите на административна проверка и претселекција и добиле соодветни забелешки и препораки од Комитетот за одобрување на инвестиции на Фондот во последна фаза, ќе може да достават подобрен проект на следен јавен повик користејќи ја скратената процедура. Ова право се однесува за сите јавни повици на Фондот објавени во период од 12 месеци од добиеното известување на компанијата од Комитетот на претходен јавен повик.
Со скратената постапка се намалуваат трошоците за компаниите, но и на Фондот и значително се намалува времето од аплицирање до одлука на Комитетот за одобрување на инвестиции. Во практика, од досега потребните 60 – 90 денови (зависно од број на пристигнати апликации) постапката за компаниите што реаплицираат со ист или подобрен проект би траела двојно помалку.
Скратената постапка веќе почна да се применува од декември со јавните повици за „Ко-финансирани грантови за технолошки развој “ со вкупен буџет од 6.000.000 евра, и нов повик за новоосновани трговски друштва „стартап“ и „спиноф“ со вкупен буџет од 1.500. 000 евра. Апликациите за истите се отворени до 05.02.2020г. за технолошки развој, однос до 25.02.2020 г. за стартап-компании.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
За една година поскапеа и кафаните: угостителските услуги зголемени за 3,5 проценти
Цените на угостителските услуги во декември 2025 година се зголемени за 3,5 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.
На годишно ниво, односно во периодот јануари – декември 2025 година во однос на истиот период од 2024 година, угостителските услуги се поскапени за 4,8 проценти.
Истовремено, статистиката покажува дека во декември нема промени во однос на претходниот месец. Цените на угостителските услуги останале на исто ниво како и во ноември 2025 година.

Фото: unsplash
Економија
МФ: Пласирани над 224 милиони евра за поддршка на инвестиции кон компаниите, исплатена нова транша од Буџетот кон Развојната банка
Министерството за финансии од Буџетот изврши исплата нова транша во вредност од 424,9 милиони денари или 6,9 милиони евра кон Развојната банка за поддршка на домашните компании.
Со исплатата на оваа транша вкупната поддршка на државата кон домашната економија изнесува 13,8 милјарди денари или 224,3 милиони евра од вкупно планираните 250 милиони евра за поддршка на домашните компании, велат од Министерството за финансии.
„Владата ги обезбеди овие средства преку кредитна линија од Унгарската експорт-импорт банка со цел поддршка на домашната економија. Поддршката се состои од пласман на средства по поволни услови за компаниите во насока на реализација на приватните инвестиции, со што тие ќе обезбедат сопствен развој и поттикнување на економскиот раст. Средствата се пласираат до крајните корисници преку деловните банки, каматната стапка е 1,95% годишно, рокот на отплата е до 15 години и грејс период до 3 години.
Вкупниот буџет за поддршка на домашните компании предвидени во Буџетот изнесува 250 милиони евра, а вредноста на инвестицискиот циклус се проценува на околу 300 милиони евра“, се додава во соопштението на Министерството за финансии.
Економија
Мицкоски најави построги казни за супермаркетите што го кршат законот: „Ако така продолжат, ќе мора да стават клуч на врата“
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека годишната инфлација ќе се движи околу четири проценти, најавувајќи засилени инспекциски контроли и законски измени со значително повисоки казни за трговските ланци што ги прекршуваат правилата за нефер трговски практики.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски изјави дека ваквите проекции за инфлацијата се присутни веќе со месеци и дека Владата активно делува преку зачестени контроли на инспекциските служби.
„Ќе предложиме законски измени со многу поголеми казни за сите ланци на супермаркети коишто го изигруваат законот за нефер трговски практики. За некои од ланците веќе имаме докази и мислам дека ако така продолжат, ќе мора клуч да стават на врата“, изјави премиерот.

