Македонија
Наќе Чулев е новиот предлог на ВМРО-ДПМНЕ за министер за внатрешни работи
ВМРО-ДПМНЕ како предлог за министер за внатрешни работи во техничката влада го кандидира Наќе Чулев, поранешен директор на Агенцијата за разузнавање.
Наќе Чулев е дипломиран криминалист со постдипломски студии по мир и развој на Институтот за одбранбени и мировни студии при Филозофскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј Скопје“. Има богато искуство од областа на безбедносната политика и прашањата од Министерството за внатрешни работи.
„Во неговата богата биографија стои дека поминал низ програмата за тероризам и безбедносни студии ‘Џорџ Маршал’, Европскиот центар за безбедносни студии од Германија и Лондон, Велика Британија. Завршил обука и на Трансатлантската академија (ТАСА) при Универзитетот ‘Бон’ во Германија. Се усовршувал за трансформација на конфликти со мировни средства на Софискиот универзитет во Бугарија. Бил дел и од Школата на балканската мрежа за човекови права во Дубровник, Хрватска. Учествувал и на безбедносниот форум за стратегиска комуникација и евро-атлантска интеграција, што беше дел од НАТО-колеџот за одбрана“, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.
Работи во Директоратот за разузнавање меѓународен тероризам и организиран криминал при Агенцијата за разузнавање. Чулев е и редовен предавач на Дипломатската академија на МНР.
Во периодот од 2013 до 2017 година бил директор на Агенцијата за разузнавање. Од 2017 до 2019 бил генерален помошник на директорот на Агенцијата за разузнавање. Воедно, во 2017 година бил и предавач на Академијата за судии и јавни обвинители. Работел и како советник во Агенцијата, а бил и прв секретар во Амбасадата на Македонија во Анкара од 2003 до 2007 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Трајановски: Паметно осветление во сите паркови и дворови на градинките и училиштата
Во нашата програма предвивуваме низа на реални и остварливи проекти кои значително ќе го подобрат квалитетот на живот во нашата општина. Старото јавно осветлување го заменуваме со ново СМАРТ економично јавно осветлување, со цел да добиеме модерен систем за јавно осветлување што ќе креира заштеда на средства, вели Александар Трајановски, кандидат за градоначалник на општина Аеродром од редовите на СДСМ.
Како што појасни на почетокот овој проект ќе се имплементира во јавните паркови, дворовите на сите детски градинки и основни училишта низ општината.
Потоа ќе продолжи и кон замена на јавното осветлување и на сите улици и паркинзи во општината.
„Овој проект ќе овозможи Енергетска ефикасност и заштеда на финансиски средства.
Затоа ве повикувам на 2 ноември да дадеме поддршка на концептот што ќе гради и создава иднина, а не коцнепт на кочење и не работа“.
Македонија
Трипуновски: Килограм свежо македонско овошје неделно ќе добива секое дете во детските градинките
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски ја посети детската градинка „Срничка” во општина Аеродром.
Согласно Програмата за поттикнување на потрошувачка на свежо овошје за 2025 година, објавена во Службен весник бр. 27/2025 од 07.02.2025 година, околу 38.000 деца од сите градинки во државата ќе добиваат домашно и квалитетно овошје.
Издвоени се 40 милиони денари за набавка на околу 880.000 килограми домашно овошје. Во текот на три месеци, секое дете ќе добива еден килограм овошје неделно, односно по два вида овошје неделно, кое ќе се консумира во градинките како дел од дневната ужинка.
За првпат се предвидени и количини на овошје од органско потекло, што претставува дополнителен квалитет во исхраната на најмалите.
Оваа програма претставува инвестиција во здравјето на најмалите, градење на навики за здрава исхрана од најрана возраст и конкретна поддршка за македонските земјоделци, велат од МЗШВ
Преку директната набавка на домашно овошје, Министерството придонесува за зајакнување на земјоделското производство и обезбедување стабилен пазар за земјоделците.
„Децата заслужуваат „Македонско најдобро“ од најмала возраст. Секое дете заслужува здрава исхрана, а секој земјоделец заслужува поддршка. Заедно градиме здрава иднина за децата и одржлив развој за македонското земјоделство”, истакна министерот.
Македонија
Потпишан меморандум меѓу МОН и ИНОФЕИТ за соработка во унапредувањето на дигиталните вештини на наставниците, со фокус на вештачката интелигенција
Центарот за трансфер на технологии и иновации ИНОФЕИТ при Факултетот за електротехника и информациски технологии во Скопје се приклучува кон заложбите на Министерството за образование и наука за унапредување на дигиталните компетенции на наставниот кадар, поттикнување на иновативни педагошки практики и одговорна употреба на генеративната вештачка интелигенција во наставниот процес.
Двете страни денес потпишаа меморандум за соработка кој предвидува искористување на научно-стручните, професионалните, материјално-техничките и просторните услови за организирање на обуки за наставникот кадар, како и работилници за развој и примена на иновации во образованието со фокус на генеративната вештачка интелигенција.
МОН и ИНОФЕИТ заеднички ќе учествуваат во проекти и иницијативи од областа на дигиталната трансформација на образованието, а периодично на работни средби ќе дискутираат за прогресот на активностите, ќе договараат континуитет или изменување и дополнување на истите.
На потпишувањето на меморандумот, министерката за образование и наука Весна Јаневска, од една страна и деканот на ФЕИТ, Владимир Атанасовски и управителот на ИНОФЕИТ, Димитар Ташковски, од друга страна изразија задоволство што се воспоставува соработка за јакнење на најважната алка во образовниот процес – наставниот кадар, како и за полесно интегрирање на технолошките иновации во наставата. До крајот на годината ќе се организира и првата обука за наставници на тема одговорна примена на вештачката интелигенција за едукативни цели.

