Економија
Регистрација и дерегистрација на ДДВ-обврзник до 15 јануари
Од 1 јануари стапи на сила нов праг за ДДВ-обврзници во износ од 2 милиони денари, со цел да се излезе во пресрет на барањата на граѓаните и малите фирми.
Заклучно 15 јануари сите правни или физички лица кои во 2019 година имале промет под 2 милиони денари, а се регистрирани како ДДВ-обврзници, имаат можност да се дерегистрираат од Регистарот на ДДВ-обврзници, додека оние кои во 2019 година имале промет над 2 милиони денари, а не се регистрирани треба да се регистрираат како ДДВ-обврзници.
Пријава за регистрација за целите на данокот на додадена вредност можат да достават и даночните обврзници кои сакаат доброволно да се регистрираат за целите на данокот на додадена вредност.
Пријавите за регистрација може да се достават по пошта, лично до Регионалната дирекција на Управата за јавни приходи, согласно седиштето или живеалиштето на даночниот обврзник или по електронски пат на http://etax.ujp.gov.mk .
Даночните обврзници, кои во 2019 година имале промет под прагот од 2 милиони денари, доколку сакаат, пријавата за дерегистрација за ДДВ-обврзник, можат да ја поднесат до даночната канцеларија на УЈП или во електронска форма на линкот http://etax.ujp.gov.mk .
Министерството за финансии направи прирачник во кој граѓаните и фирмите ќе можат да се информираат повеќе за новиот праг и кој сè има или нема обврска како ДДВ-обврзник. Прирачникот можете да го најдете на веб-страницата на Министерството за финансии: https://www.finance.gov.mk/files/final%20v3_0.pdf .
Инаку, прагот за ДДВ-обврзник беше зголемен од 1 милион денари на 2 милиони денари кон крајот на минатата година со цел да се намали административниот товар за граѓаните и фирмите. Кога ги презентираше законските измени, министерката за финансии, Нина Ангеловска, рече дека сеопфатата анализа на Министерството за финансии покажала дека даночната администрација троши повеќе време за малите ДДВ-обврзници кои придонесуваат со два проценти во вкупната наплата на ДДВ, отколку на оние кои придонесуваат со 73 проценти. Исто така, со ова Владата им дава поддршка на малите и средни компании да растат и да се развиваат.
Исто така, со новите законски измени променет е и периодот во кој обврзникот е должен да остане во системот на ДДВ и истиот е скратен на три години од претходните пет години.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
БРАКО на АНАНАС: медицинскиот мебел на БРАКО отсега и со онлајн продажба на Ананас
Дел од програмата на медицински мебел на БРАКО отсега ќе може да се купи на сајтот за онлајн тргување Ананас. На сајтот се изложени производи кои се од домашно македонско производство и кои досега беа достапни за купување директно oд капацитетите во фабриката во Велес.
На овој начин, со партнерството со популарниот сајт за онлајн продажба Ананас, се излегува во пресрет на приватни лица и помали правни субјекти од областа на здравството и козметологијата да можат набават опрема за лично користење и за обавување на својата дејност, на начин кој е во тек со светските трендови на купување.
На сајтот се достапни кревет за медицински преглед, столчиња за медицински преглед, медицински паравани, рефлектори, сталаци, отомани за физиотерапија и масажа, сервисни колички и други производи.
Палетата на БРАКО која ќе биде достапна на Ананас во иднина ќе се проширува и ќе биде од корист особено за постари лица и лица кои се соочуваат со одредени физички здравствени попречености и на кои им се потребни помагала за олеснување на секојдневното функционирање, дома и надвор од домот.
Сите големи нарачки на медицински мебел и натаму се возможни во директен контакт со производителот БРАКО.
(ПР)
Економија
Македонските вина се продаваат во 40 држави во светот, Владата најавува зголемено производство и извоз
Македонија денес се претставува на „Винскa визија на Отворен Балкан“ во Белград.
Оваа година 80 винарски визби се претставуваат на овој саем од кои што 68 се мали семејни винарии и 12 винарски визби кои што се дел од здружението „Wines of Macedonia“, а за првпат имаме и изложувачи на квалитетна македонска традиционална храна.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, рече дека ова е одлична можност македонските квалитетни вина да бидат промовирани на саемот.
Тој посочи дека е зголемена продажбата на македонското вино надвор од границите на државата.
„Република Македонија е на 22 место во светот по производство на вино, а се наоѓа на 29-то место по извоз на вино во светот“, заклучи министерот.
Трипуновски додаде дека Владата има за цел да се зголеми производството на вино во државата со што ќе се зголеми и извозот на истото во светот. Девизен прилив од извоз на вино за 2023-та година изнесуваше над 57 милиони евра.
„Нашите вина се продаваат во преку 40 држави во светот. А, најголем дел се пласира овде во регионот, односно на Балканот“, истакна тој.
„Како Влада продолжуваме посветено да работиме во делот на секторот винарство бидејќи е втора најзначајна гранка во Република Македонија по извоз и девизен прилив“, нагласи министерот Трипуновски.
Економија
Илон Маск го сруши сопствениот рекорд на богатство, има 347,8 милијарди долари
Богатството на американскиот тајкун Илон Маск достигна рекордни 347,8 милијарди долари во петокот, поттикнато од континуираните добивки во акциите на „Тесла“ и новата рунда на финансирање откако неговиот стартап со вештачка интелигенција беше проценет на 50 милијарди долари.
Многу компании на Маск забележаа пораст на нивната вредност откако изборната победа на Доналд Трамп го круниса со политичко внимание.
Акциите на Тесла пораснале за 3,8 отсто во петокот, продолжувајќи да го поттикнува оптимизмот дека плановите на тимот на Трамп за автономни возила и субвенции за електрични возила ќе и дадат предност на компанијата на Маск пред конкуренцијата.
Маск, најбогатиот човек на светот, сега го собори сопствениот рекорд од 340,4 милијарди долари поставен во ноември 2021 година, според индексот на милијардери на „Блумберг“.