Свет
Помпео: Војската на САД ќе напаѓа само законски цели

Американскиот државен секретар Мајк Помпео изјави дека која било цел на американската војска кон Иран, во случај Иран да и се одмазди на Америка за убиството на својот најмоќен генерал Касим Сулејмани, ќе биде легална, според законите за вооружен конфликт.
Тој беше запрашан за коментар на оваа тема, откако претходно американскиот претседател, Доналд Трамп, на неговиот профил на „Твитер“, се закани дека САД имаат на нишан 52 ирански цели (што претставуваат 52 заложници задржани од страна на Иран пред многу години), од кои некои се на многу високо ниво и важни за Иран и иранската култура.
„Секоја цел што ќе ја погодиме ќе биде легитимна цел, цел со единствена мисија – одбрана и заштита на Америка“, рече Помпео.
Законите за вооружени судири забрануваат намерно напаѓање на културните локалитети во повеќето случаи, пренесе „АП“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Бафет: Царините се до одреден степен чин на војна

Американскиот милијардер, претседател и извршен директор на „Беркшир Хатавеј“, изјави дека новите царини што ги воведе американскиот претседател Доналд Трамп за неколку земји „до одреден степен се чин на војна“.
„Имавме големо искуство со нив. Царините се всушност чин на војна, до одреден степен. Со текот на времето, тие стануваат данок на стоки. И тогаш што? Тоа прашање секогаш треба да го поставувате во економијата. Секогаш велите: А што тогаш?“, рече Бафет во интервју за CBS News, одговарајќи на прашањето како царините ќе влијаат на инфлацијата. Овој 94-годишник, кого медиумите го нарекоа „Пророк од Омаха“, додаде дека најголемиот дел од парите со кои управува „секогаш ќе бидат во САД бидејќи тоа е најдоброто место“. Бафет ги поддржуваше претседателските кандидати во минатото, вклучувајќи ги Барак Обама и Хилари Клинтон, но одби да ги поддржи демократите на изборите во 2024 година.
Царините од 25 отсто за Мексико и Канада, предложени од американскиот претседател Доналд Трамп, стапија на сила денеска, а во февруари САД воведоа царини од 10 отсто за стоки од Кина.
Трамп, исто така, најави царина од 25 отсто за целиот увоз на челик и алуминиум во САД, што треба да стапи на сила на 12 март. Тој минатиот месец рече дека ќе наплати „реципрочна тарифа“ на земјите кои имаат такви даноци за американските стоки.
Тој, исто така, се закани дека ќе воведе царина од 25 отсто за земјите од Европската унија, како и 100 отсто царина за земјите од БРИКС, доколку тие го заменат американскиот долар како своја резервна валута, пренесува Танјуг.
Регион
(Видео) Тепачка, димни бомби: бурен почеток на седницата во собранието во Србија

Хаос избувна денеска на седница на српскиот парламент кога се степаа пратениците на власта и опозицијата, пишуваат српските медиуми.
Пратениците фрлаат димни бомби. Салата е полна со чад. Претседателката на парламентот, Ана Брнабиќ, која реагира на чадот во салата, рече дека седницата мора да се прекине.
Пратениците меѓусебно се туркаа, удираа, фрлаа вода, а подигнат беше и транспарент на кој пишува „Србија се крева за да падне режимот“.
Во Собранието пристигна министерот за полиција, Ивица Дачиќ.
Според најавите, треба да биде констатирана и оставката на премиерот Милош Вучевиќ, која ја поднесе на 28 јануари.
Пратеникот на СНС, Миленко Јованов, предложи точката за разрешување на претседателката на собранието, Ана Брнабиќ, да се симне од дневен ред. И покрај негодувањето на опозицијата, владините пратеници го усвоија овој предлог.
„Почитувани пратеници, ова собрание ќе продолжи да работи. Барам пратениците од мнозинството да се вратат во своите фотелји, треба да донесеме закони. Имаме работа, Србија никогаш нема да застане. Седнете и ајде да работиме. Ваква Србија никогаш нема да победи“, рече претседателката на собранието, која, поради димот, се закашла и не можеше да зборува.
Свет
Џеј-Ди Венс: Најдобра гаранција за безбедноста на Украина е економска соработка со Америка

Потпретседателот на Соединетите Американски Држави, Џеј-Ди Венс, синоќа изјави дека давањето на Американците економска можност во иднината на Украина ќе послужи како најдобра безбедносна гаранција и дека тоа треба да се направи.
„Ако сакате вистински безбедносни гаранции, ако навистина сакате да се осигурите дека (рускиот претседател) Владимир Путин повторно нема да ја нападне Украина, најдобрата безбедносна гаранција е да им дадете на Американците економска можност во иднината на Украина“, рече Венс мислејќи на договорот за минерали предложен од претседателот Доналд Трамп.
Тој смета дека „тоа е многу подобра гаранција за безбедност од 20.000 војници од некоја случајна земја која не била во војна 30 или 40 години“.
Претседателите на Соединетите Американски Држави и на Украина во петокот се вклучија во жестока дебата во Овалната соба, при што Трамп и потпретседателот Џеј-Ди Венс постојано го напаѓаа Зеленски обвинувајќи го дека е неблагодарен за годините американската воена и економска помош за воено разурната Украина.