Македонија
Општина Центар најави поставување вендинг-машини за рециклирање

ЈП ПОЦ и Општина Центар најавија дека во 2020 година ќе бидат поставени повратни вендинг-машини за пластични и стаклени шишиња со цел да ги мотивираат жителите да се вклучат во процесот на рециклирање. Директорот на ПОЦ, Васко Кичевски, најави дека до крајот на 2020 година ќе бидат поставени 27 повратни вендинг-машини, кои локациски ќе бидат распределени на целата територија на општина Центар.
„Веќе се набавени 9 машини од планираните 27 и ќе почнеме со нивно поставување на почетокот на март. На овој проект работиме повеќе од една година и сметам дека ќе има големо влијание не само на развојот на нашето претпријатие туку и за подигање на свеста кај граѓаните од потребата за рециклирање“, рече Кичевски.
Сите жители што ќе се вклучат во процесот на селективно одложување отпад ќе добијат субвенции од Општината во замена за пластични и стаклени шишиња, односно за секое шише ќе добијат одреден прилив на пари на новата платежна картичка Green Pay Card, со која ќе имаат можност да купуваат со попуст во одредени маркети, продавници, локали и сл. или да плаќаат за услугите што ги нуди претпријатието.
„За овој проект Општина Центар има предвидено субвенции во буџетот за 2020 година и за секое рециклирано шише е обезбеден 1,5 денар, а воедно обезбедени се и средства за другите 18 повратни вендинг-машини. Се надевам дека овој позитивен пример ќе биде еден почеток во кој понатаму ќе се вклучат и другите општини, институции, како и приватни компании, сè со цел Општината, Градот и Република Северна Македонија да ги направиме поубаво место за живеење“, додаде градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ.
Кичевски најави и воведување мрежен систем за автоматска наплата за отворените и затворените паркиралишта со кои стопанисува со цел да се зголемат контролата и безбедноста на паркиралиштата. Овој мрежен систем вклучува АНПР-камери (камери за автоматско препознавање регистарски таблички), сензори и мобилни АНПР-камери, кои ќе овозможат точна идентификација на возилата и ефикасна контрола и управување со пристапот од сите влезови на паркиралиштата.
„Колку за илустрација, според првичните процени, на територијата на општина Центар ќе бидат поставени приближно 1.500 камери во рок од 3 до 4 години. Овој проект значи врзување цела мрежа од камери. со што буквално ќе го имаме Центар на дланка. За жал, поради законските нормативи, ЈП ПОЦ нема да може да чува снимки од камерите, но се надеваме дека по воспоставување на мрежата, сите релевантни институции ќе се вклучат во проектот и со тоа ќе можеме безбедноста во централното градско подрачје да ја кренеме на сосема ново ниво“, објасни директорот на ЈП ПОЦ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Андоновски: Бесплатни WI-FI зони за граѓаните во повеќе од 60 општини низ Македонија

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, денес во посета на Ѓорче Петров, заедно со градоначалникот на општината, Александар Стојковски го најави проектот за нови бесплатни WI-FI зони низ државата, со што се става акцент на граѓаните, со тоа што ќе можат да користат бесплатен интернет во овие зони, а првата ваква зона ќе биде токму паркот во Ѓорче Петров.
„Поставуваме бесплатни WI-FI зони за граѓаните, Ѓорче Петров е една од првите општини каде што ова ќе се реализира, со проект поддршка од ЕУ, преку планот за Западен Балкан, односно WI-FI за Западен Балкан. Освен во Ѓорче Петров, имаме апликации во повеќе од 60 општини низ државата“, најави Андоновски.
Овој проект кој е во соработка со ЕУ во интерес на државите од Западен Балкан, како што беше појаснето е од големо значење и поддршка на сите држави кои партиципираат, затоа што ќе се зголеми пристапноста до интернет и ке се подигне дигиталната писменост.
Андоновски најави исто така дека во Скопје ќе има десетина вакви зони, кои како што рече тој, младите ќе бидат најголеми корисници на овој проект.
„Во Скопје ќе имаме повеќе од 10 локации каде што ќе бидат поставени овие WI-FI зони, каде граѓаните, особено младите ќе имаат пристап до бесплатен интернет овозможен од овој проект во соработка со ЕУ”, рече Андоновски.
Градоначалникот Стојковски изрази задоволство од досегашната соработка со Министерството за дигитална трансформација и најави целосно дигитализирање на општинските услуги, бидејќи како што рече дигитализацијата нуди подобри и поефикасни услуги за граѓаните.
Македонија
Злоупотребен профилот на основно училиште во општина Аеродром за политичка кампања, МОН и ДИК да реагираат, бара СДСМ

СДСМ Аеродром реагира на, како што велат, скандалозниот чин во кој основното училиште „Браќа Миладиновци” споделило видео-спот од политичка кампања за локалните избори.
„Ова претставува директно прекршување на законите, принципите на непристрасност и професионалност, и претставува срамно партизирање на јавните институции.
Училиштата се место за образование, воспитување и градење на вредности, а не алатка за партиска промоција.
Злоупотребата на училишните профили и, уште полошо, можната злоупотреба на деца во политичка кампања е крајно недозволива и опасна“.
Бараат итна реакција од Министерството за образование и наука и од Државната изборна комисија.
СДСМ Аеродром, нагласуваат од оваа партија, ќе поднесе соодветна пријава до надлежните институции за да се утврди одговорноста и да се санкционира овој обид за партизирање на образовниот систем.
„Јавните институции се на граѓаните, не на партиите. Ќе се спротивставиме на секој обид децата и училиштата да се користат како средство за политичка пропаганда“.
Македонија
Меџити до Османи: Биди маж и избери време и место за телевизиска дебата и земи ги со себе Груевски и Мијалков

Кандидатот на владејачката коалиција „Вреди“ за градоначалник на општина Чаир, Изет Меџити, му одговори на неговиот противкандидат од редовите на НАИ, Бујар Османи, по изјавата дека на дебата, Меџити треба да го земе со себе премиерот Христијан Мицкоски.
Меџити возврати: „Денес слушнав нешто ново, дека сум рекол да дојде на дебата со Али, со Артан и со неговите ПР агенции, за да ги соочиме аргументите, политиките и визиите за Чаир. Тој, пак, ми одговорил дека треба да го земам со себе Мицкоски. Јас Мицкоски ќе го земам како премиер, но тогаш добро би било тој, покрај Али и Артан, со себе да ги земе и Никола Груевски и Сашо Мијалков, и тука да ја затвориме оваа дебата. Нека биде маж и нека закаже термин, нека избере национална телевизија, и од денес му порачувам дека таму ќе ме најде“.