Македонија
Пендаровски, Џафери и Спасовски на божикен ручек и именден кај г.г. Стефан

Претседателот Стево Пендаровски присуствуваше на свечен ручек што го приреди поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, г.г. Стефан, по повод божикните празници и неговиот именден – празникот на архиѓаконот и првомаченик Свети Стефан.
На божикниот ручек, кој традиционално се приредува во резиденцијата на архиепископот, присуствуваа и претседателот на Собранието, Талат Џафери, премиерот Оливер Спасовски, како и членови на Светиот синод на МПЦ-ОА.
Како што информираат од претседателскиот кабинет, Пендаровски на средбата порачал дека празничната топлина треба да инспирира за споделување мир, љубов и разбирање во текот на целата година.
„Да се насочиме кон она што нè обединува, а не она што нè разликува и сите заедно да придонесуваме кон градењето заедништво, солидарност, меѓусебно почитување и напредок на општеството“, истакнал македонскиот претседател.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Соработка за одржлива природа“, порака на министерот Меџити од Тетово

Првиот заменик претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, учествуваше и се обрати на Регионалниот форум со тема: „Добро управување и меѓуинституционална соработка во заштитените подрачја во Северна Македонија, Албанија и Косово“, кој се одржа во градот под Шара, Тетово.
Во своето обраќање, министерот Меџити истакна дека природните ресурси како водата, воздухот и шумите не познаваат политички или административни граници, додека начинот на нивно управување ја одразува капацитетот на државата и на регионот во целина.
„Водата што тече од нашите планини, воздухот што циркулира низ долините и шумите што ги покриваат нашите природни граници не ја познаваат администрацијата, ниту политичките бариери. Но, начинот на кој ги штитиме овие природни ресурси, особено управувањето со заштитените подрачја и националните паркови, претставува директен одраз на нашите институционални капацитети – како држави и како регион“, изјави Меџити.
Министерот посочи дека заштитените подрачја се најчувствителните и највредни делови од територијата, каде што се зачувува загрозената биолошка разновидност, се штитат природните ресурси и се обезбедува еколошка стабилност.
‘Како дел од конкретните активности, Министерството за животна средина и просторно планирање ја зголеми заштитената површина од 11,5% на 13,9%, со прогласувањето на Националниот парк Шар Планина и подготовките за заштита на регионот Јабланица. Во фокус се и подготовките за хармонизација со европската мрежа Natura 2000 и Конвенцијата CITES, преку инвестиции во обуки, дигитални системи и платформи за управување со податоци’, додаде Меџити.
Министерот Меџити потенцираше дека природата е целина, а нејзината заштита е заедничка одговорност. Заштитените подрачја како Шар Планина, Маврово, Галичица и Преспанско-Охридскиот регион се природни мостови што ги поврзуваат нашите држави и народи.
Во рамки на форумот беа презентирани и добри практики, како поставувањето на соларни огради во Шар Планина за заштита на земјоделските култури од диви животни – решение засновано на природата и одржливоста.
На крај, министерот повика на понатамошна координација меѓу институциите на Северна Македонија, Албанија и Косово, како и со европските партнери, за да се обезбеди ефективно управување со заштитените подрачја и да се изгради здрава, зелена и одржлива иднина за сите.
Македонија
(Видео) „Филипче е срам за Македонија, наместо да ја кодоши државата, треба да биде во линија со националните интереси“, вели Петрушевски

„Венко Филипче е срам за Македонија, наместо да биде во линија со националните интереси, тој по примерот на Зоран Заев оди и ги поткопува позициите на државата во Атина. Венко Филипче го користи секој свој јавен настап надвор за да ја кодоши државата и да ги руши нејзините позиции со лаги и измислици“, вели Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„Што го тера Венко Филипче да ја пљука државата надвор? Дали Венко Филипче знае дека како опозиционер има обврска да биде во линија со националните интереси, или сепак не може да се надмине себе си, и струмичката политика на Заев, која се темели на предавства и коленичење?
Македонија под водство на ВМРО-ДПМНЕ во преден план ги има долгорочните интереси на нацијата и државата.
ЕУ е една од тие цели, но целта сама по себе не може да биде оправдување за лоши чекори за нејзина реализација.
ЕУ е местото каде природно припаѓаме, и таму мора да влеземе под јасни критериуми, а не со билатерални условувања, кои немаат врска со демократија, европски вредности и начела.
Филипче мора да разбере, дека покрај ЕУ, целта на државата и нацијата е да го зачува достоинството. Затоа кога следен пат ќе му текне да кодоши, нека се сети дека не му прави штета на ВМРО-ДПМНЕ, што всушност посакува, туку на идните генерации кои очекуваат одговорна политика од оваа генерација политичари, од кои и тој е дел“, изјави Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
„Актуелното раководство се бори со катастрофата создадена од СДСМ во РЕК ‘Битола’ и во ‘Осломеј’“, реагираат од АД ЕСМ

„Катастрофата што СДСМ ја создаде во АД ЕСМ е најочигледна преку секојдневната борба на новото раководство да го одржи производството во Рударско-енергетските комбинати РЕК Битола и РЕК Осломеј. Актуелното раководство ја наследи компанијата во целосен колапс и за тоа ќе одговараат виновниците“, реагираат од АД ЕСМ.
„Нема ден да не се соочуваме со предизвици како резултат на недомаќинското и нестручното управување со производствените капацитети во изминатите години. Штетата нанесена на термоцентралите и рудниците за јаглен бара натчовечки напори за стабилизација и за жал, последиците од нивното неразумно владеење и деструкција ќе се чувствуваат уште некое време. Процесите на консолидација се комплексни и едноставно не можат да се реализираат за неколку месеци.
Зачудувачка е дрскоста на опозицијата што се осмелува да коментира за одржувањето на постројките, кога токму тие се одговорни за:
· Оставање на термокапацитетите без неопходни ремонти.
· Систематска негрижа за механизацијата и урнисување на рудниците преку хаотично копање надвор од рударските проекти.
· Празни депонии без јаглен.
· Неплански исцицан хидропотенцијал.
· Систематско полнење со партиски, нестручни кадри во сите сектори, подружници и ДООЕЛ-и, и за деформирани систематизации кои ја доведоа компанијата во финансиска и организациска бездна.
· Закупи на LNG терминал и прекугранични капацитети преку кои не е можно да се донесе ниту 1 грам гас до државата и за кои ќе претрпиме најмалку 50 милиони евра штета во наредните 15 години, за колку што нè врзале со штетни договори.
И за сето останато за кое се доставени или допрва ќе се достават сите наоди до соодветните институции за постапување.
Затоа, апелираме СДСМ да престане со шпекулации и со дрски обвинувања заради собирање евтини политички поени преку грбот на РЕК Битола и Осломеј“, се наведува во соопштението на АД ЕСМ.