Македонија
Тековен сообраќај по суви коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози, информира АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини, од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има појава на утринска магла и можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Организирана акција за садење дрвца во општина Кисела Вода
Во духот на грижата за животната средина и создавање поздрава животна средина за идните генерации, денес во oпштина Кисела Вода се спроведе голема акција за пошумување. Настанот, кој вклучи засадување на 1000 чемпреси, донација од комапнијата Џонсон Мети и Хуманитарната организација Свети Спас, го предводеа градоначалникот Орце Ѓорѓиевски и заменик генерaлниот директор на ЈП Национални шуми Кире Михаилов, а во акцијата учествуваа и волонтери од Џонсон Мети, како и претставници од локалната администрација. Се садеше во поголемите паркови, Паркот на шахот, како и во паркот “Феникс”, Дупки во Драчево. Во периодот што следува, ќе бидат засадени 500 брзорастечки дрвца, кои ги обезбеди Општина Кисела Вода.
– Секое дрвце што го засадуваме денес е симбол на нашата посветеност кон зачувувањето на природата и обезбедување подобар квалитет на живот за сите нас. Пошумувањето не е само акт на разубавување на просторот, туку и важен чекор во борбата против загадувањето и климатските промени. Грижата за животната средина е високо поставена на листата на приоритети на Општина Кисела Вода, за што говорат седумте новоизградени паркови и 13 спортско-рекреативни центри во овие три години, преку кои, ја оплеменивме општината со 80 000 м2 зеленило. Сакам да упатам благодарност до заменик генерaлниот директор на ЈП Национални шуми Кире Михаилов, до компанијата “Џонсон Мети” и до до отец Оливер и Хуманитарната организација Свети Спас, кои несебично донираа значителен број дрвца за оваа акција, како и до сите волонтери кои се вклучија. Исто така, и ние како општина обезбедивме брзорастечки дрвца, како уште еден од многуте проекти кои ги реализираме за поздраво и поубаво опкружување. Ваквите акции ќе продолжат и во иднина, со уште поголем обем и учество, изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Македонија
Изградил хотел во Скопската чаршија, надградил ходници, скали, рецепција без одобрение за градење: поднесено обвинение против инвеститор
Основното јавно обвинителство Скопје, по спроведена истражна постапка, поднесе Обвинителен акт против едно лице за кривично дело – Бесправно градење од член 244-а став 1 од Кривичниот законик.
Обвинетиот 60-годишник, во текот на 2018 и 2019 година, во својство на инвеститор, во Старата скопска чаршија, на постоечки објект – дуќан од 93 м2 во негова сопственост, извел надградба од ходници, скали, лифт, рецепција и други простории, а на соседна парцела извршил целосна изградба на објект – хотел со подрум, 4 ката и поткровје, без да поседува одобрение за градење од надлежното министерство, но и без основен конзерваторски проект и конзерваторско одобрение од Управата за заштита на културно наследство.
Скопје
Мицкоски ако јас сум кума на хаосот, ти си гробарот на јавниот превоз, реагира Арсовска
„Реформата на јавниот сообраќај која ја споменуваш “патриоту” Мицкоски, ти ја вети заедно со мене пред скопјани, ти ја саботираш таа реформа, ти го колабираш со своите полтрони советници јавниот превоз“, реагира градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, на соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
„Мицкоски, ти не гласаш за нови автобуси затоа што побарав сите партии во советот на Град Скопје да се вклучат во избор на спецификација и услови за набавка, ама така ти “патриоту” Мицкоски нема да можеш да преговараш со производители на автобуси како што правеше на почетокот на мандатот кога за тебе бев најдобриот менаџер во Европа.
Ајде „патриоту“ Мицкоски одлучи се, или сум јас најдобриог менаџер во Европа кој ТИ со твоите мицковистички полтрони во советот го саботираш, или сум најлошиот градоначалник кој е ТВОЈ избор, градоначалник кој ТИ го молеше да го поддржиш на избори бидејќи твоите кандидати не ти се допаѓаа и не ти биле доволно градски луѓе.
„Патриоту“ Мицкоски, се што разбра јавноста за тебе во овие изминати години е дека не може да ти се верува, исто како за враќање на името на Македонија, исто како за уставобранителите, исто како и за набавката за нафта за ЈСП која преку твојата директорка Богева ја поништи, за да креираш криза од која сега ќе не спасуваш!“, се додава во реакцијата на Данела Арсовска.