Македонија
Нови рочишта за „ТНТ” и „Траекторија”
Во Основниот кривичен суд во Скопје денеска треба да се одржат нови рочишта за случаите „ТНТ” и „Траекторија”. Судењето за уривањето на комплексот „Космос” на инвеститорот Фијат Цановски треба да почне од почеток, откако вчера судијата поротник Лилјана Ивановска Кочковска поднесе неотповиклива оставка.
За случајот се обвинети повеќе лица, меѓу кои ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и тогашниот градоначалник на Општина Гази Баба Тони Трајковски, додека во отсуство му се суди на поранешниот премиер Никола Груевски.
Судењето за постапката за избор на компанија за изградба на автопатиштата Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид, „Траекторија” се наоѓа во доказна постапка и го води судијата Горан Бошевски, а застапник на обвинението е Лиле Стефанова. Случајот се води против ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски и ексдиректорот на ЈП „Државни патишта“ Љупчо Георгиевски, како и против поранешниот премиер Никола Груевски. Според обвинението, обвинетите во втората половина на 2012 година и во текот на 2013 година презеле повеќе дејства со кои во постапката за избор на компанија за изградба на автопатиштата Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид ги искористиле и ги пречекориле своите овластувања. Со тоа му нанеле штета на буџетот од најмалку 155 милиони евра.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одлуки за учество на припадници на Армијата на вежби во Германија, Бугарија, Косово
Владата на денешната седница донесе и повеќе одлуки на предлог на Министерството за одбрана, меѓу кои и за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество на вежбата „BEYOND HORIZON 24“, во Република Бугарија, за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество во НАТО операцијата „КФОР“ во Република Косово и за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество на вежбата „Combined Resolve 24-2“ во Сојузна Република Германија.
Македонија
Личните документи ќе можат да се подигнат и в среда, извести МВР
Во пресрет на претстојните Претседателски и Парламентарни избори што ќе се одржат утре, Министерството за внатрешни работи ги известува граѓаните дека Одделот за граѓански работи, односно сите отсеци за управни работи на оваа организациона единица при МВР на 08.05.2024 ќе работат за издавање на лични документи со работно време од 08.00 до 19.00 часот.
„Исто така ги известуваме граѓаните дека сите барања за лични карти кои се поднесени до 03.05.2024 година, се веќе изготвени и граѓаните можат да ги подигнат“, соопшти МВР.
Македонија
Пронајдени три полуавтоматски пиштоли и 139 куршуми, ОЈО Велес отвори истрага за недозволено држење оружје
Основното јавно обвинителство Велес донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кривично дело – Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или експлозивни материи од член 396 став 5 во врска со став 3 на Кривичниот законик.
„При претрес во домот на осомничениот во селото Мелница, општина Чашка, полицијата пронашла поголемо количество оружје и муниција – три полуавтоматски пиштоли и 139 куршуми со различен калибар. За осомничениот поднесен е предлог за определување мерка притвор“, соопшти Обвинителството.
ОЈО Велес продолжува да постапува и да презема дејствија за проверка на сомненијата за изборен поткуп во однос на овој осомничен и на уште едно лице во велешко кај кое во текот на вчерашниот ден беа извршени претреси, се додава во соопштението.