Свет
Следната недела би можело да почне судењето за отповикување на Трамп
Претставничкиот дом на американскиот Конгрес денеска ќе гласа зa резолуцијата, која содржи формално обвинение против Доналд Трамп, да се достави до Сенатот, со што ќе се отвори патот за почеток на судењето на американскиот претседател во горниот дом на Конгресот.
Лидерот на републиканското мнозинството во Сенатот, Мич Меконел, најави дека судењето би можело да почне во вторник, на 21 јануари, а некои прелиминарни чекори би можеле да бидат финиширани до крајот на неделава.
Во декември Претставничкиот дом изгласа импичмент на Трамп под обвинение дека ја злоупотребил својата позиција така што веќе одобрена воена помош користел како средство за уцена врз украинските власти да отворат истрага против неговиот демократски противник Џо Бајден и дека го опструирал Конгресот, потсетува „Гласот на Америка“.
По состанокот зад затворени врати на демократите во Претставничкиот дом, претседавачката Нанси Пелоси најави дека ќе назначи тим на демократски членови од Конгресoт, таканаречени менаџери, кои на судењето ќе ги изнесат обвиненијата против претседателот.
„Следниот чекор е едноставен. Сенатот треба да одржи фер судење “, изјави демократскиот конгресмен Хаким Џефрис.
Пелоси веќе еден месец го одложува испраќањето на резолуцијата за отповикување во Сенатот, неуспешно обидувајќи се да го натера републиканскиот лидер во ова тело, Мич Меконел, да се согласи во сведочењето да вклучи и нови сведоци.
Меконел, кој вети дека ќе се координира со Белата куќа, оцени дека случајот на демократите е слаб и дека не е работа на Сенатот повторно да отвора истрага.
„Ако постоечкиот случај е силен, нема потреба судијата и поротата повторно да ја отворат истрагата. Ако случајот е слаб, тогаш демократите во Претставничкиот дом не требаше да усвојат импичмент за претседателот“, рече тој.
Неколку републиканци навестија дека нема да ја поддржат иницијативата за отфрлање обвиненија против претседателот, без соодветна постапка во Сенатот.
Потребни се само 51 глас за да се принудат сведоците да сведочат за време на судењето.
Џон Болтон, поранешниот советник за национална безбедност на претседателот, се понуди да сведочи во случајот доколку го добие задолжителниот повик, но претседателот Трамп најави дека би можел да ја искористи својата извршна привилегија за да го спречи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Данската премиерка: Нема да го продадеме Гренланд и покрај заканите од САД
Премиерката на Данска, Мете Фредериксен, изјави дека Копенхаген нема да се откаже од Гренланд поради американските закани за царини кои имаат за цел да ја принудат продажбата на островот.
Коментирајќи ја можноста ЕУ да воведе реципрочни мерки против САД, Фредериксен рече дека трговската војна меѓу сојузниците е „многу лоша идеја“, објави „Ројтерс“.
Иако се надеваше дека мерки како што е таканаречената „трговска базука“ можат да се избегнат, таа рече дека Европа мора да најде одговор ако САД воведат царини.
Сепак, Фредериксен посочи дека би претпочитала да се справи со безбедносните загрижености на САД со соработка. Таа рече дека Копенхаген предложил потрајно безбедносно присуство на Арктикот за таа цел.
фото/Depositphotos
Свет
(Видео) Макрон со очила за сонце одржа говор во Давос: Се движиме кон свет без правила
Францускиот претседател, Емануел Макрон, им се обрати на учесниците на Светскиот економски форум во Давос, велејќи дека ова треба да биде време на мир, стабилност и предвидливост, што предизвика смеа во салата.
Тој рече дека е очигледно дека светот влегува во период на „нестабилност и нерамнотежа“, и безбедносна и економска, предупредувајќи на „поместување кон автократија“ и војни низ целиот свет во текот на 2024 година.
„Конфликтот стана нормализиран“, заклучи Макрон, кој им се обрати на присутните со очила за сонце што ги носеше јавно во последните денови поради инфекција на окото.
Во својот говор во Давос, Макрон предупреди дека светот влегува во период на длабока нестабилност и дека постои закана од „движење кон свет без правила“, во кој меѓународното право се повеќе се „гази“ и преовладува правото на посилниот. Тој оцени дека ова е „многу загрижувачко време“, директно предупредувајќи за агресивната надворешна политика на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп.
Зборувајќи за трговските односи, Макрон рече дека конкуренцијата од Соединетите Американски Држави во склучувањето договори што „ги поткопуваат нашите извозни интереси, бараат максимални отстапки и отворено имаат за цел да ја ослабат и потчинат Европа“, во комбинација со, рече тој, „бесконечното акумулирање на нови тарифи“, е „фундаментално неприфатливо“ за Европа.
„Уште посериозно е кога тарифите се користат како лост за притисок врз територијалниот суверенитет“, рече тој.
Американскиот претседател Доналд Трамп утрово јавно сподели порака што ја добил од Макрон, во која предлага состанок на Г7 на самитот во Давос во Швајцарија. Трамп, исто така, рече дека ќе воведе царина од 200 проценти на францускиот шампањ и вино ако е вистина дека Макрон не сака да се приклучи на неговиот „Комитет за мир“.
Извор близок до францускиот претседател утрово изјави дека заканите на американскиот претседател за воведување царина од 200 проценти на францускиот шампањ, поради намерата на Франција да ја отфрли неговата покана за учество во таканаречениот „Комитет за мир“, се неприфатливи.
фото/епа
Свет
Лавров: Трамп знае дека Русија нема никаква врска со Гренланд
Министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров, рече дека „воопшто не се сомнева“ дека Вашингтон знае дека Русија „нема никаква врска“ со Гренланд.
Тој додаде дека „нема докази“ дека Русија има намера да го окупира Гренланд.
Лавров, исто така, истакна дека Москва ќе продолжи да ја следи „сериозната геополитичка ситуација“.
Рускиот шеф на дипломатијата денес изјави и дека Гренланд „не е природен дел“ од Данска и дека прашањето за поранешните колонијални територии станува сè порелевантно.
Тој истакна дека Русија нема планови поврзани со Гренланд, но дека ја следи „сериозната геополитичка ситуација“ околу островот. Додаде дека НАТО треба да одлучи за Гренланд во рамките на алијансата.
фото/Depositphotos

