Македонија
(Видео) Спасовски: Очекуваме одлука за почеток на преговорите со ЕУ пред самитот во мај
„Влегуваме во важен период во кој очекуваме сериозни исчекори напред кон реализација на една од нашите суштински стратешки цели – членството во Европската Унија, во кој со право очекуваме одлука за почеток на пристапните преговори во претстојните месеци по 15 години во чекалницата со статус држава кандидат за членство“, истакна техничкиот премиер, Оливер Спасовски, на денешната заедничка прес-конференција со еврокомесарот за соседска политика и проширување, Оливер Вархеи, кој е во еднодневна работна посета на нашата земја.
Спасовски и еврокомесарот Вархеи во Владата имаа тет-а-тет средба по што ги предводеа разговорите на билатералната средба на делегациите на Владата на Северна Македонија и на Европската комисија.

„Со ништо нема да го загрозиме постигнатото поради што добивме и признание од Европската комисија минатата година кога на Европскиот совет му беше препорачано итно и безусловно почнување на пристапните преговорите. Препораката дојде како резултат на успешно спроведените темелни реформи и како резултат на храбрите одлуки за решавање на недоразбирањата со нашите соседи, кои нашите аспирации за членство во ЕУ ги направија реалност. Ја очекувавме најавената одлука во октомври минатата година по сѐ она што се очекуваше од нашата земја за да ги почнеме преговорите“, рече Спасовски.
„Иако доживеавме разочарување, нагласи Спасовски, прифативме дека стратегиската грешка ќе биде поправена бргу и дека нашите резултати ќе бидат валоризирани според заслуженото иако со одложување“.
Тој изрази благодарност за јавните изјави на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Леен, и на комесарот Вархеи дека одлуката за почеток на пристапните преговори треба да се донесе што побргу и дека програмата на новата Европска комисија претставува нова, голема надеж за државите од Западен Балкан и зајакнување на нашите позиции како идни членки на ЕУ.
„Европската комисија отсекогаш била и останува наш прв, искрен и чесен сојузник во нашите настојувања за приближување кон ЕУ. Го сметаме процесот за постигнување на стандардите на ЕУ за особено значаен и токму затоа влеговме со уште посилна мотивација за спроведување на реформите. За нас е од особено значење што Европската комисија, по Европскиот совет во октомври 2019 година, ја презеде обврската до крајот на овој месец да биде презентиран документ со предлог за изменета на методологијата за водење на пристапните преговори“, потенцира Спасовски.
Тој истакна дека нашата земја е заинтересирана што побргу да се објави методологијата и да се постигне консензус за отворање на преговорите што побргу. Спасовски на прес-конференцијата рече дека го информирал еврокомесарот Вархеи за подготовките за фер, демократски и успешни парламентарни избори.
„Нашата држава се наоѓа во исклучително значаен период кога се очекува непречено функционирање на сите институции на државната власт. Ова е период во кој до максимален израз треба да дојде личната и институционалната политичка и професионална одговорност и да се даде најдобриот придонес за доброто на граѓаните и за развојот и напредокот на Северна Македонија, како и внимателно да се следат одлуките на Европскиот совет поврзани со почетокот на преговорите за членство во Европската Унија за да не се доведат во ризик“, нагласи Спасовски и додаде дека сите политички фактори што учествуваат во Владата треба да бидат на висина на задачата и одговорноста што ја имаат во преодната Влада до предвремените парламентарни избори на 12 април 2020 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Голем број документи, а сè повеќе кршења на човековите права
По повод Меѓународниот ден на човековите права, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на Свечената седница на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје.
Таа укажа дека 10 декември е симбол на современата култура на човекови права, без чие почитување нема правна држава, ниту демократија.
За неа, парадоксален е расчекорот меѓу огромниот број правни документи и институции, од една страна, и алармантниот пораст на конфликти, бегалци и нови форми на прекршување на правата како дигитално надгледување и алгоритамска дискриминација до климатски неправди што директно го засегаат правото на живот, здравје и достоинство, од друга.
Според неа, климатската криза и современите војни ја разголуваат ранливоста и неефикасноста на меѓународниот правен систем и поредок.
Таа истакна дека Меѓународниот ден на човековите права не треба да биде само ден за комеморација, туку момент на соочување со тешките прашања како:
‒ Дали нашите институции гарантираат правичност, еднаквост и достоинство или само ги опишуваат и набројуваат?
‒ Дали нашето судство има сила да каже „не“ кога политиката вели „да“?
‒ Дали медиумите имаат простор да истражуваат корупција без страв?
‒ Дали ранливите групи се видливи во нашите политики?
„Човековите права се секогаш резултат на постојана и секојдневна борба, на институционална храброст и на граѓанска свест и совест. Секоја генерација мора одново да ги освојува, брани и толкува низ призма на современите предизвици“, заклучи таа.
На Свечената седница се обратија и проф. д-р Сашо Георгиевски, декан на Правниот факултет и Олег Солдатов, раководител на програмската канцеларија на Советот на Европа во Скопје.
Македонија
Градот Скопје обезбедува сопствен стан, шелтер центар за заштита на жртвите од родово базирано насилство
На денешната седница на Советот на град Скопје беше донесена одлука со која се отвора можност еден стан во сопственост на градот да се користи како безбеден, заштитен и привремен дом за жртвите на семејно и родово базирано насилство.
Овој простор ќе овозможи итен смештај, стручна поддршка, советување и целосна грижа сè до стабилизација на ситуацијата и изнаоѓање трајно решение.
„Ова е силна и јасна порака дека ниту една жена и ниту едно дете не смеат да останат сами во моментите кога им е најтешко. Градот Скопје создава безбедно место кое ќе биде подадена рака, засолниште и нов почеток“, изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Со воспоставувањето на првиот градски шелтер-центар, Скопје практично ги реализира приоритетните политики за заштита, поддршка и превенција од насилство. Оваа мерка претставува важен чекор напред во градењето на систем кој обезбедува сигурност, институционална грижа и достоинствено опоравување на жртвите.
„Градот мора да биде засолниште за сите свои граѓани, особено за најранливите. Затоа ова е само почеток. Ќе продолжиме да инвестираме во силни, функционални и хумани услуги, затоа што секоја спасена жена и секое заштитено дете е наша заедничка победа“, додаде градоначалникот Ѓорѓиевски.
Градот веќе ги подготви сите неопходни услови за објава на јавниот повик, кој ќе биде наменет за организација со докажано искуство и специјализирани услуги во областа на социјалната заштита и поддршка.
Со ова започнуваме нова фаза на одговорно, транспарентно и човечно работење, со цел изградба на град во кој насилството нема место, а поддршката е достапна за секој што ја бара.
Македонија
Тошковски во Брисел: Македонија ја потврдува посветеноста во борбата против криумчарењето мигранти
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска во Брисел учествуваше на Втората меѓународна конференција на Глобалната алијанса за борба против криумчарењето мигранти – значаен светски форум кој ги обединува партнерите во справувањето со еден од најсериозните транснационални безбедносни предизвици.
Во име на Македонија, министерот Тошковски ја поддржа Заедничката декларација на Алијансата, со што државата уште еднаш ја потврдува својата цврста посветеност на засилената превенција и поефикасен институционален одговор на криумчарењето мигранти. Ова претставува важна потврда за улогата на Македонија како активен и доверлив партнер во глобалните напори за борба против организираниот криминал.
Во рамки на конференцијата, министерот Тошковски оствари билатерална средба со Европскиот комесар за внатрешни работи и миграција, Магнус Брунер. Разговорите беа фокусирани на процесот на европска интеграција на Македонија, како и на важноста од координирани европски политики во делот на управувањето со границите.
На маргините на конференцијата министерот Тошковски се сретна и со Сузане Раб, новоизбраната генерален директор на Меѓународниот центар за развој на миграциска политика (ICMPD), со која разговараше за актуелните миграциски предизвици и можностите за продлабочување на идната соработка.
Министерот оствари и средба со министерот за внатрешни работи и контрола на наркотици на Пакистан, Мохсин Раза Накви. На средбата беше разговарано за зајакнување на билатералната безбедносна соработка, која во наредниот период треба да се формализира преку потпишување на Меморандум за разбирање помеѓу двете министерства.
Учеството на Македонија во работата на Глобалната алијанса за борба против криумчарењето мигранти уште еднаш ја нагласува улогата на државата како активен и кредибилен партнер кој придонесува кон европската и глобалната безбедност.

