Македонија
Изменет сообраќаен режим низ Скопје поради Водици

Поради манифестациите што ќе се одржат по повод верскиот празник Водици, сообраќајната полиција при СВР Скопје ќе воведе посебен режим на сообраќај на одредени улици во централното градско подрачје, како и во општините Ѓорче Петров, Аеродром и населбата Хром.
Како што информираат од МВР, во периодот од 10:00 часот па до завршувањето на настаните по повод Водици, во центарот на Скопје за сообраќај ќе бидат затворени улиците Филип Втори Македонски до булеварот Гоце Делчев и кеј 13 Ноември до булеварот Кочо Рацин.
Во општината Ѓорче Петров од 10:00 часот црковната литија ќе се движи почнувајќи од црквата „Свети Петар и Павле“, десно по булеварот Партизански одреди, десно по улицата Ѓорче Петров, лево по улицата Васил Чакаларов, како и од црквата „Свети Пантелејмон“ по улицата Демир Трајко и лево по улицата Васил Чакаларов до Железничкиот мост на реката Вардар.
Во општина Аеродром од 10:00 часот за сообраќај ќе биде затворен локалниот пат кон сeло Лисиче.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Работна посета на министерот Муцунски на Кралството Шведска

Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, во наредните два дена ќе престојува во работна посета на Кралството Шведска, на покана на шведската министерка за надворешни работи, Мариа Малмер Стенергард.
Во рамки на посетата, покрај билатералната средба со министерката Стенергард, предвидено е министерот Муцунски да оствари средби и со министерката за европски прашања, Џесика Розенкранц, како и со државниот секретар за меѓународна развојна соработка и надворешна трговија, Хакан Јеврел.
Во шведскиот Парламент – Риксдаг, министерот ќе се сретне со Шерштин Лундгрен, трет заменик-претседател на Риксдагот. На средбата ќе присуствуваат и високи претставници и членови на парламентарните комисии за надворешни работи и европски прашања, како и членови на Групата за пријателство и соработка со Собранието на Република Северна Македонија.
Во рамки на престојот, министерот Муцунски ќе оствари средби и со претставници на македонската дијаспора, како и посета на црквата „Св. Наум Охридски“ во Малме.
Целта на посетата е интензивирање на севкупните билатерални односи преку зајакнување на политичкиот дијалог и продлабочување на економската соработка меѓу двете земји. Во фокус на разговорите ќе бидат унапредувањето на билатералните односи, реафирмирањето на шведската поддршка за европската интеграција на Република Северна Македонија, како и размена на мислења за клучни регионални, европски и глобални прашања.
Македонија
„Соопштението кое го објави СДСМ е жална мешавина на параноја, невистини и примитивни политички спинови“, реагира ЗНАМ

„Соопштението кое денеска го објави СДСМ е жална мешавина на параноја, невистини и примитивни политички спинови кои повеќе зборуваат за нивната состојба отколку за Движењето ЗНАМ или за претседателот Максим Димитриевски“, реагира ЗНАМ.
„Прво, нема никаков корупциски скандал поврзан со Димитриевски или со ЗНАМ. Тоа се фабрикувани лаги, пуштени од кујната на партија која очигледно веќе одамна нема допир со реалноста ниту поддршка од народот. Димитриевски останува отворен и доследен борец против корупцијата, без разлика дали таа доаѓа од СДСМ или било која друга партија.
Второ, ЗНАМ не е ничија алатка, ниту нечија продолжена рака. ЗНАМ е граѓанско-политичко движење израснато од незадоволството на народот од токму вакви, арогантни и криминализирани структури како што е актуелното раководство на СДСМ. Вашата потреба да не нарекувате „неавтентични“ само зборува колку ве боли фактот што вистинската поддршка на терен се прелева кај нас.
Трето, тврдењата дека членови се враќале назад во СДСМ се најобична измислица. Никој не сака да се врати во потонат брод, во партија која ја изгуби секоја допирна точка со реалноста и граѓаните. Единствените што ве напуштаат сте вие, господа од СДСМ, бидејќи веќе никој не сака да биде дел од вашата срамна историја.
На крај, да ве потсетиме – токму ваквото ниско ниво на политичка комуникација, полуписменоста што ја споменувате и криминалот против кој се бориме, се синоними за вашето владеење. Народот ве прочита и ви го покажа тоа на изборите“, се вели во реакцијата на Движењето ЗНАМ-ЗА наша Македонија на денешното соопштение на СДСМ.
Македонија
Утре посебен режим на сообраќај во Скопје поради одржување улична трка

СВР Скопје ги известува граѓаните дека на в недела со почеток во 08.30 до 10.30 часот поради одржување на улична трка на 10 км, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот при што сообраќајот ќе се пренасочува по околните сообраќајници.
Трката ќе започне со стартна позиција на бул.„Илинден“–локација Фонтана, а натпреварувачите ќе се движат по бул.„Илинден“ до крстосница со ул.„Никола Парапунов“, потоа до крстосница со бул.„Партизански Одреди“, десно (во десниот коловоз кон н.Ѓорче Петров) до мост Влајко каде што вртат полукружно и назад по истиот коловоз до крстосницата со ул.„Љубљанска“ каде што вртат полукружно и по истиот коловоз се враќаат назад на ул.„Никола Парапунов“ и по бул.„Илинден“ до целта на локација-Фонтана на бул.„Илинден“.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да се почитуваат наредбите кои ќе ги даваат полициските службеници по сообраќајниците каде што ќе се одвива настанот.