Македонија
Усвоени измените во законот за извршување, социјално загрозените нема да плаќаат

Законодавниот дом ги изгласа најновите измени и дополнувања на Законот за извршување кои ги подготви Министерството за правда. Ова е втора измена на законот, а од Министерството нагласуваат дека двете измени се во насока на градење на концепт на правично извршување и заштита на достоинството на граѓаните.
Со измените целосно се изземаат од присилното извршување примањата на граѓаните кои се корисници на гарантирана минимална помош, примањата на децата согласно Законот за заштита на децата, како и примањата за социјална сигурност на старите лица, согласно прописите за социјална сигурност на старите лица.
„Измената на Законот за извршување е одраз на реалната потреба за помош и поддршка на загрозените категории на граѓани кои се соочуваат со егзистенцијални проблеми. Социјално ранливите групи на лица, не по своја вина, не се во можност да ги намират своите долгови без да им се загрози егзистенцијата – не само личната – туку и на нивните семејства“, велат од Министерството.
Дополнително, со измените се намалува износот на максималната вредност која може да биде задржана, односно се менуваат ограничувањата на извршувањето и тоа од 1/3 на 1/5 од плата и пензијата за лицата приматели на просечна плата и пензија, надомест на трошоци за сместување на лице и надоместок за згрижување на згрижувачко семејство, како и за децата корисници на семејна пензија.
Примената на законските одредби ќе се однесува и за веќе започнатите извршувања бидејќи станува збор за поповолен закон за граѓаните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Активен е еден пожар на територијата на Македонија, два се под контрола, извести ЦУК

Во текот на изминатото деноноќие, на територијата на Македонија имало вкупно 27 пожари на отворен простор, од кои еден е активен, два се под контрола, а изгаснати се 24 пожари, соопшти Центарот за управување со кризи.
ЦУК извести дека е активен пожарот во општина Долнени, село Долгаец, каде што гори мешана шума.
Под контрола се два пожари, во општина Македонски Брод: Повеќенаменско подрачје Јасен (мешана шума) и во општина Гевгелија, на планината Кожуф (висока шума).
Како што информираше ЦУК, изгаснати се 24 пожари.
Македонија
„Влен“: Бујар Османи го вети автопатот Скопјe-Блаце, но донесе само лаги

„Поминаа 5 години, 7 месеци и 8 дена од свеченото потпишување на договорот за „првите 2 километри“ на автопатот Скопје – Блаце, а ветувањето на Бујар Османи со кое се фотографираше и политички се фалеше остана нереализирано“, велат од „Влен“.
„ФБ сесии, фотографи, изјави, скапи видеа, но резултати нула. Тоа е Бујар Османи. Ветуваа автопати, оставија само албуми со слики. Ветуваа нови болници, оставија семејни трагедии. Ветуваа водоводи, оставија пустош.
Бујар Османи беше министер во владата на Груевски, вицепремиер за европски прашања и министер за надворешни работи кај Заев и Ковачевски, вкупно повеќе од една деценија на највисоки државни функции. За тоа време немаше резултати за овој проект, ниту за албанските општини за кои најмногу ветуваше. Имаше Фејсбук сесии, снимени видеа и лажни ветувања, а резултати нула.
Доста беше со промотивни настани на лажни големи ветувања. Бујар Османи нема што да покаже како резултат зад себе, нема реализирани проекти, нема изградено ништо, нема помогнато никому.
Бујар Османи е политичар кариерист, без резултати. Неговите ветувања денес за Чаир се исти како ветувањето за автопатот кон Блаце пред пет и половина години. Празни“, се наведува во соопштението на „Влен“.
Македонија
На Табановце за излез од државата се чека околу 30 минути

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози. Интензитетот на сообраќајот на патиштата надвор од градските средини е зголемен, извести АМСМ.
Поради летните одмори, се бележи зголемена фреквенција на возила, на ГП Табановце времето на чекање за излез е околу 30 минути. На останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања при влез или излез од државата.