Македонија
Владата денешната седница ќе ја одржи во Штип
Владата денешната редовна 4. седница ќе ја одржи во Штип како четврта од серијата седници што се одржуваат во 10 региони во земјата.
Централна точка на дневниот ред на оваа седница е информацијата за состојбите и извршените посети во општините Штип, Пробиштип, Свети Николе, Радовиш, Конче, Чешиново – Облешево, Карбинци и Лозово.
Во рамките на оваа точка градоначалниците на овие општини ќе презентираат информации од интерес на граѓаните и ќе информираат за одредени прашања и проекти од плановите за работа на локалните заедници од прва рака и, согласно тоа, на седницата ќе се дадат насоки за политики и одлуки за проекти кои можат да се реализираат во соработка меѓу локалната и централната власт.
На денешната седница на Владата во Штип ќе се разгледа и ќе се донесе одлука по предлог-програмата за работа на Владата на Република Северна Македонија во 2020 година.
Во агендата на седницата е и информацијата за отпочнување со реализација на проектот изградба на насипна брана со придружни објекти „Отиња“ во Општина Штип.
На предлог на Министерството за одбрана на оваа седница ќе се одлучува по предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за заштита и спасување, како и по предлог-законот за ратификација на амандманот кон Монтреалскиот протокол за супстанциите што ја осиромашуваат озонската обвивка, што за седницата го подготви Министерство за надворешни работи.
Владата денеска ќе ја разгледа и информацијата за потребата од започнување на активностите за склучување меѓународен договор меѓу Република Северна Македонија со Агенцијата за комуникации и информации на НАТО (NATO Communication and Information Agency – NCIA), како и информацијата за пристапување на Република Северна Македонија кон Делумната спогодба за Младинската картичка со цел промовирање и олеснување на мобилноста на младите во Европа.
Седницата со која ќе претседава премиерот Оливер Спасовски се очекува да почне во 17:30 часот и ќе се одржи во зградата на Општина Штип.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ по повторените локални избори: Народот ја казни неконструктивноста на СДСМ
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека повторените локални избори во државата завршиле со, како што наведуваат, уште еден дебакл и пораз за таканаречениот „клан Дубаи“.
Според соопштението, со победата на Онер Јакупоски во општина Маврово и Ростуше со повеќе од двојна разлика во гласови, ВМРО-ДПМНЕ освоила вкупно 56 општини, додека СДС останала на, како што се наведува, минимални шест општини.
Од ВМРО-ДПМНЕ оценуваат дека овие локални избори ја извадиле на површина „болна вистина“ за опозициската СДСМ предводена од Венко Филипче, наведувајќи дека тој, како лидер на партијата, загубил сè што можело да се загуби и дека СДСМ е сведена на четврта политичка сила на политичката сцена во Македонија.
Во соопштението се наведува дека, според ВМРО-ДПМНЕ, неконструктивниот пристап на опозициската партија бил жестоко осуден и казнет од граѓаните, кои бараат работа и резултати, а не инает и пропаганда за ситни политички поени.
Партијата оценува дека станува збор за пораз на политика која, според нив, со години произведувала криминал, конфликти, национални предавства и деструкција, и ја држела државата во застој.
Од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека СДСМ мора да се соочи со своето коруптивно минато и со криминалците во сопствените редови, наведувајќи дека без такво расчистување партијата нема да има кредибилитет, доверба ниту иднина.
Македонија
Водата се повлекува во повеќе региони, дел од патиштата затворени поради поплави, одрони и снег
Центарот за управување со кризи информира дека по обилните врнежи, состојбата на терен е стабилизирана во дел од регионите, а водата постепено се повлекува од поплавените подрачја. Информацијата се однесува на состојбата до 8 часот.
Во Пелагонискиот регион, во општините Битола, Могила и Новаци, водата се повлекува од површините каде што претходно имало излевање. Нивото на реката Црна кај селото Новаци во 18:00 часот изнесувало 320 сантиметри. Во Демир Хисар, поради оштетување на мостот на Боишка река, затворен е локалниот пат кон селото Мренога. Излевање сè уште има на реката Црна во атарот на селата Жван и Единаковци, каде се поплавени поголеми земјоделски површини. Во Ресен се поплавени земјоделски површини, а во текот на денот интервенирано е со градежна машина за расчистување на коритото на Голема Река.
Во Југозападниот регион, во Охрид, на реката Сушица е изграден заштитен насип со багер, со што е спречено понатамошно излевање, но сè уште има поплавени подрумски простории и дворови. Во струшкото село Мислешево поплавени се дворови и обработливи земјоделски површини, а санацијата е отежната поради неможност за изведување пропуст за истек на водата. Во селото Калишта има поплавени дворови и подруми, при што се преземаат дополнителни мерки за санација. Во Дебар, реката Радика има зголемен водостој, но засега нема опасност од излевање, а патните правци се проодни со појава на помали одрони на делниците Жировница – Дебар и Дебар – Струга.
Во Западниот регион, во Кичево, водостоите на Зајашка река и реката Треска се намалени и нема опасност од нови поплави. Во тек е расчистување на поплавените домови и дезинфекција, а евакуираните лица се сместени во спортската сала „Христо Узунов“.
Во Вардарскиот регион, во Кавадарци, интервенирано е со механизација на повеќе ридско-планински патни правци, каде снежната покривка достигнува до 15 сантиметри.
Во Североисточниот регион, патниот правец меѓу селата П’клиште и Герман во општина Ранковце е непрооден поради снежни наноси, а во тек е негово расчистување.
Во Полошкиот регион, на патот Тетово – село Бањиче била падната голема карпа, по што сообраќајот е нормализиран, додека на патот кон Маврово кај каменоломот е евидентиран одрон и се преземаат активности за негово расчистување.
Македонија
ВЛЕН: Албанците зборуваа со еден глас, 10 општини за промени, им честитаме на Лимани и Шабани
„ВЛЕН е апсолутен победник на локалните избори, со 10 освоени општини, силно потврдувајќи ја граѓанската доверба и широката поддршка што Албанците ја дадоа за промените“, велат од ВЛЕН.
„Го поздравуваме официјалното завршување на локалниот изборен процес, кој заврши вчера со повторените избори во Гостивар и Врапчиште. Во оваа пригода, им честитаме на кандидатите на опозицијата, Валбон Лимани и Исен Шабани, за нивната победа.
Овие избори јасно докажаа дека Албанците зборуваа со ЕДЕН ГЛАС. Десетте освоени општини се неоспорен доказ дека ВЛЕН е политичката локомотива на Албанците, силата што води, обединува и носи долгоочекувана промена на локално ниво.
ВЛЕН ќе продолжи да работи одговорно, за граѓаните и во интерес на Албанците насекаде, трансформирајќи ја оваа доверба во конкретна работа и вистински развој“, се додава во соопштението на ВЛЕН.

