Македонија
Ѓорчев: СДСМ и Зоран Заев го штитат Курто Дудуш во сите негови насилства
„Денеска имаме ново продолжение, каде што Курто Дудуш спрема претепаното лице упатува навреди, закани и омаловажување со говор на омраза. Имаме цела низа и цела композиција на однесување, кое е крајно загрижувачко. Јасно е дека има киднапирања, претепувања и катастрофално однесување“, изјави Влатко Ѓорчев, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието.
Според него, во јуни минатата година имавме директна изјава од Зоран Заев, кој самиот рече дека ако се потврди случајот со Курто Дудуш, лично ќе му побарал оставка. Случајот со Курто Дудуш не само што се потврди туку тој се повторува и на дневна основа, а гледаме дека нема никаква реакција.
„Пораката е повеќе од страшна. Ќе ги кажам работите во композиција, кои се однесуваат на Курто Дудуш. Курто Дудуш како пратеник директно пред камери рече дека членската книшка на СДСМ е нова лична карта, нова возачка дозвола и дека со членската книшка на СДСМ ќе се добива социјална помош.
Курто Дудуш како дел од својата кампања е посредно и непосредно поврзан со претепувањето и кршењето череп на својот противкандидат за време на локалните избори. Курто Дудуш во својата канцеларија како градоначалник на СДСМ претепа и киднапира лице, сега со истото лице се исмева, на истото лице му се заканува. Каква е реакцијата? Нема реакција, туку, напротив, тој е заштитен од Зоран Заев и СДСМ, а Оливер Спасовски го посетува во неговата канцеларија. Значи, пораката од ова е повеќе од јасна.
СДСМ ги заштитува насилниците. СДСМ ги заштитува оние што се изживуваат врз луѓето, нема никакви последици врз нив, а напротив, тоа голем ризик и за претстојните парламентарни избори. Луѓето како Курто Дудуш и Зоран Заев треба да си заминат. И двајцата треба да си поднесат оставка и Македонија треба да биде нормална земја. Ова не се случува и не е нормално да биде редовна состојба и несанкционирана во кое било демократско општество“, вели Ѓорчев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на Светскиот економски форум во Давос, премиерот очекува плодни резултати
Премиерот, Христијан Мицкоски, придружуван од висока владина делегација, од денеска ќе учествува на 56. годишен состанок на Светскиот економски форум (WEF) во Давос, Швајцарија.
„Придружуван од висока владина делегација ќе учествуваме на 56 годишен состанок на Светскиот економски форум (WEF) во Давос, Швајцарија. Следните денови ќе имаме бројни состаноци коишто очекуваме значително да влијаат на подобрување на економската состојба и привлекување на голем број на инвестиции. Учесник ќе бидам на три панели на коишто ќе ги презентирам можностите за инвестирање во Македонија, истовремено ќе оствариме и бројни билатерални средби со многу компании од светот. Очекувам плодни резултати, успешни состаноци и успешна посета во Давос“, изјави премиерот, Христијан Мицкоски.
Овогодишниот форум, кој се одржува под мотото „Во духот на дијалог“, обединува над 65 шефови на држави и влади, со цел изнаоѓање решенија за најгорливите глобални предизвици.
Премиерот Мицкоски ќе оствари серија билатерални средби со претставници на водечки светски корпорации и финансиски институции, презентирајќи ги поволностите за инвестирање во македонската економија, со посебен фокус на енергетиката и технологијата.
На панел дискусиите поврзани со одржливиот развој, во кои ќе учествува македонската делегација ќе ги презентира стратешките планови за енергетска трансформација и инфраструктурно поврзување на регионот.
За време на самитот, премиерот Мицкоски е предвидено да учествува на затворени сесии за лидери, како и на јавни дебати фокусирани на вештачката интелигенција, енергетиката и новите патишта за економски раст во Европа.
Владината делегација во Давос ќе оствари средби и со високи државни претставници и претставници на меѓународните организации, со цел забрзување на реформските процеси и обезбедување поддршка за клучните национални проекти.
Македонија
Зегин во духот на хуманоста и желбата за сплотеност повторно го поддржа големиот празник Богојавление (Водици)
Големиот Христијански празник Водици, Богојавление и оваа година беше поддржан од компанијата Зегин. Покрај минусните температури повеќе од 160 учесници беа пријавени на главната Скопска манифестација а истата се одржа и во останатите Скопски општини како и во градовите ширум цела држава.

Според верувањата оној кој ќе го фати светиот крст ќе го следи здравје, среќа и бериќет низ целата година како и сите оние кои со голема храброст влегоа во светите води.

Хуманоста, желбата да се помогне и да се сплоти доброто во човекот е водечка сила која компанијата Зегин традиционално ја истакнува и на овој Христијански празник со тоа што обезбеди награди за преку 70 општини во земјата.

Со овој празник се заокружуваат дванаесетте „некрстени денови“, како и циклусот на зимски празници.

Компанијата Зегин посакува многу здравје, среќа, успех и мир на сите оние кои беа дел од манифестацијата, како и на нивните семејства.

ПР
Македонија
Македонски Концепт упати Дипломатски манифест до САД: Веруваме дека Македонија припаѓа во кругот на стабилни, демократски и доверливи западни сојузници
„Политичката партија Македонски Концепт, како легитимен политички субјект во Република Македонија со јасна про-западна, демократска и реформска ориентација, упатува Дипломатски манифест до САД, со цел да придонесе кон јасно, отворено и одговорно преиспитување на состојбата на билатералните односи. Ние веруваме дека демократијата има право и обврска да се брани“, соопштуваат од Македонски Концепт.
„Манифестот беше усвоен од страна на Националниот Комитет на МК на 19.02.2026 година, кој констатира дека стратешкото партнерство со САД претставува клучен столб на националната безбедност, политичката стабилност и про-западна ориентација. Секое сериозно нарушување или релативизирање на ова партнерство создава вакуум кој ја зголемува институционалната ранливост, отвора простор за деструктивни влијанија и ја поткопува довербата во демократските процеси.
Со особена загриженост го констатираме фактот дека Република Македонија во одредени контексти се третира во ист ранг со држави кои се соочуваат со сериозни безбедносни и институционални колапси. Тоа не е резултат на еден настан, туку на долгорочна државна слабост и недоволна решителност во справувањето со појави на верски радикализам, антизападни и прокомунистички идеолошки наративи и институционална корупција и недоследно владеење на правото.
Во таа насока, Манифестот ја афирмира потребата од политичка и економска декомунизација, лустрација, заштита на христијанско културно – историско наследство и сузбивање на појавите на нелегалната миграција која ги уништува традиционалните вредности во нашите општества. Искажуваме политичка волја за јасна корекција кон донесување на законодавни и институционални механизми против верски радикализам, јасно дистанцирање од комунистичката и секоја тоталитарна идеологија, системска борба против корупцијата, со мерливи и проверливи резултати.
Македонски Концепт ја поддржува идејата за продлабочен билатерален стратешки и безбедносен компактен однос меѓу Македонија и САД, а како членка на НАТО и деклариран сојузник, имаме легитимно право на отворен дијалог, фер проценка и почитување на постојните договори за стратешко партнерство. Охрабруваме директна комуникација, јасни критериуми и заемна одговорност, како основа за обновување на довербата.
Македонски Концепт верува дека Македонија припаѓа во кругот на стабилни, демократски и доверливи западни сојузници. Овој Дипломатски Манифест, го упатуваме како израз на сериозна политичка намера, вредносна усогласеност и подготвеност за одговорно партнерство со Соединетите Американски Држави“, соопштуваат од Македонски Концепт.

