Македонија
Манчевски: Зајакнувањето на дигиталните вештини на населението е клучна определба
Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, учествува на Светскиот образовен форум во Лондон, а на маргините на форумот зборуваше и на трибина со наслов: „Дигитални вештини: трансформација во една генерација“.
„Зајакнувањето на дигиталните вештини останува постојана реформа во нашите економии и јас сум навистина среќен што можам да кажам дека Северна Македонија спроведува неколку мерки за решавање на ова прашање. На пример, Оперативниот план за активни мерки за вработување и програми и услуги на пазарот на трудот за 2018 година донесе одлични мерки и резултати, а донесениот Оперативен план за 2019 година предвидува поддршка на дополнителни 700.000 евра за обука во областа на ИТ и дигиталните вештини. Исто така, се вклучивме во неформални едукативни активности со ученици од основните училишта во земјата за да зборуваме за сајбер-безбедноста и предизвиците за тоа“, рече министерот.
Тој ја посочи и Иницијативата за обука за дигитални можности, која, како што рече, ќе обезбеди прекугранични обуки за најмногу 6.000 студенти и неодамнешни дипломирани студенти меѓу 2018 и 2020 година.
„Целта е на студентите од сите дисциплини да им се даде можност да се справат со дигиталното искуство во полиња што ги бара пазарот. Несомнено е дека ние ја поставивме рамката и ги направивме првите клучни чекори за унапредување на дигиталните вештини и притоа Берлинскиот процес служеше како патоказ на некои видови за нашите економии. За време на дигиталниот самит на Западен Балкан 6 во Скопје ги поддржавме целите и го потврдивме нашиот интерес за интеграција во рамките на Коалицијата за дигитални вештини и работни места на ЕУ, преку поддршка на целите и принципите на Коалицијата“, истакна Манчевски.
На трибината учествуваа и министерот за образование и наука, Арбер Адеми, како и министерката за образование, спорт и млади на Албанија, Беса Шахини, министерот за образование на Србија, Младен Шарчевиќ, министерката за образование и култура на Република Српска, Наталија Тривиќ, и министерот за образование на Црна Гора, Дамир Шеховиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Уапсени возачи од Скопје и Куманово, возеле без возачка, одземени им се возилата
Полицијата уапси двајца возачи од Скопје и Куманово, возеле без положен возачки испит, одземени им се возилата.
Попладнево во 12:40 часот на патот Куманово-с. Липково, полициски службеници го лишија од слобода Ш.А.(31) од Куманово. При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „голф“ со кумановски регистарски ознаки, при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. Ш.А. е задржан во полициска станица, а возилото е одземено.
На 03.02.2026 во 13:00 часот на улица „Јустинијан први“ во Скопје, полициски службеници го лишија од слобода И.Џ.(20) од Скопје. При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. И.Џ. е задржан во полициска станица, а возилото е одземено.
По документирање на случаите, ќе бидат поднесени соодветни пријави по член 297-а од КЗ.
Македонија
Партиите со осуда за нападот врз новинарот Видиновски
Политичките партии го осудија нападот врз новинарот Александар Видиновски.
„Ги осудуваме нападите врз новинарот Александар Видиновски, кои се последица на бугарскиот национализам и шовинизам. Нападот врз новинарот Видиновски е напад врз слободата на говор и врз медиумите, од страна на структури кои разгоруваат омраза, а се мотивирани од бугарскиот национализам. Сите напади како овој врз новинарот Видиновски го разјадуваат општеството и ја подгреваат омразата, и мора веднаш да престанат“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Осуда стигна и од ЛДП.
„Либерално-демократската партија (ЛДП) најостро го осудува однесувањето на онлајн насилниците со коментари исполнети со говор на омраза кон новинарот на Канал 5, Александар Видиновски. Ваквиот начин на изразување и на воспоставување дијалог не е воопшто соодветен за било кое демократско општество. Ја изразуваме нашата поддршка за Видиновски, бараме независното новинарство да остане независно од секакви влијанија и бараме брза реакција на институциите за расчистување на случајот“, велат од ЛДП.
Македонија
Македонија и ОАЕ потпишаа Меморандум за размена на искуства во областа на развојот и модернизацијата на владата
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Дубаи оствари билатерална средба со вицепремиерот и министер за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Абдула бин Зајед Ал Нахјан, во чии рамки беше потпишан Меморандум за разбирање меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Обединетите Арапски Емирати за размена на искуства во областа на развојот и модернизацијата на владата.

„Со Меморандумот се воспоставува институционална рамка за систематска соработка насочена кон унапредување на јавните политики, јакнење на административните капацитети, дигитална трансформација и примена на иновативни модели на управување“, соопштија од МНР.
Од таму додаваат дека потпишувањето на документот отвора нови можности за размена на знаења, експертиза и добри практики, како и за реализација на заеднички активности и проекти во области од заемен интерес, со цел зголемување на ефикасноста и квалитетот на владините услуги.
На средбата станало збор и за можноста за воспоставување директна авиолинија меѓу Скопје и Обединетите Арапски Емирати. Воедно бил направен сеопфатен преглед на билатералните односи, при што биле разгледани можностите за нивно натамошно продлабочување. Посебен акцент бил ставен на унапредувањето на политичката соработка, јакнењето на економските врски и интензивирањето на трговската размена меѓу двете земји.
Двете страни ја потврдиле заедничката определба за натамошно зајакнување на партнерските односи и развој на конкретни иницијативи кои ќе придонесат за одржлив економски раст, институционална ефикасност и продлабочена соработка меѓу Република Северна Македонија и Обединетите Арапски Емирати.

