Македонија
ЕСЧП пресуди во корист на детето со попреченост, кое беше врзувано за кревет – државата системски потфрлила
Хелсиншкиот комитет за човекови права во 2015 година, во име на малолетниот Л. Р., лице со повеќекратна попреченост, поднесе апликација до Европскиот суд за човекови права за нечовечки и понижувачки третман вршен од страна на вработените во Заводот за рехабилитација „Бања Банско“. Европскиот суд за човекови права денеска донесе пресуда со која едногласно утврди прекршување на членот 3 од Европската конвенција за човекови права – забрана за нечовечки или понижувачки третман. Оваа одлука претставува и своевиден преседан на прифаќање на апликација во име на малолетно лице со попреченост, без можност да даде согласност да биде застапувано пред Европскиот суд.
Во случајот се работи за осумгодишно дете, кое при посета од страна на народниот правобранител во 2013 година беше најдено врзано за својот кревет во Заводот за рехабилитација „Бања Банско“. Случајот беше обелоденет во јавноста во 2014 година за веднаш потоа Л. Р. да биде посетен од страна на претставници на Хелсиншкиот комитет за човекови права, кој иницира постапка пред Јавното обвинителство.
„Л. Р. бил напуштен од своите родители по неговото раѓање во 2004 година и за негов старател бил назначен Центарот за социјални работи, кој спровел негово згрижување во неколку државни институции за социјална грижа. На едногодишна возраст му биле утврдени пречки во развојот, а кога Л. Р. наполнил три и пол години, тим на лекари му дијагностицирал интелектуална и физичка попреченост (церебрална парализа) и пречки во говорот. Врз основа на оваа дијагноза, во 2012 детето било сместено во Заводот за рехабилитација, институција од отворен тип, наменета за лица со физичка попреченост, несоодветна да одговори на потребите на малолетниот Л. Р.. Заводот и пред сместувањето на Л. Р., а и за време на неговиот престој таму, во повеќе наврати реагирал до надлежните дека не може да сместува лица со ментална попреченост бидејќи немаат доволно персонал, а дека постојниот не е квалификуван да комуницира со Л. Р., кој е глув и не може да зборува“, наведуваат од Хелсиншкиот комитет.
Постапувајќи по случајот, Јавното обвинителство почна истрага врз основа на која било утврдено дека сместувањето на Л. Р. во оваа институција било несоодветно и дека тој повремено бил врзуван за својот кревет со јаже од безбедносни причини, односно за да го спречат да избега и со тоа да се стави себеси во опасност. Но, и покрај утврдените неправилности, Јавното обвинителство не најде основ за кривично обвинение со објаснување дека кај вработените не постоела намера детето да се подложи на нечовечки и понижувачки третман. Ваквата одлука беше обжалена од страна на Хелсиншкиот комитет без позитивен исход и со потврдување на одлуката од страна на Вишото јавно обвинителство.
Европскиот суд одлучи дека во случајот на Л. Р. против Северна Македонија државата потфрлила во спроведувањето соодветна истрага за случајот, системски потфрлила и постапувала спротивно на забраната за нечовечки и нехуман третман. Дополнително, Европскиот суд одлучи дека Северна Македонија треба да му исплати 18.000 евра на апликантот за нематеријална штета и 1.650 евра за трошоци.
„За да можеме да зборуваме за извршување на оваа пресуда, сега од особена важност е државата да му обезбеди соодветна рехабилитација и да осигури дека средствата ќе бидат употребени за негова заштита“, велат од Хелсиншкиот комитет, од каде што велат дека имаат сознанија оти Л. Р. во моментот е сместен во мал групен дом и напоменуваат дека будно ќе го следат извршувањето на пресудата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Во текот на декември подигнати 𝟣𝟥 𝟢𝟢𝟢 тони комунален отпад во Скопје
Во текот на месецот декември 2025 година, ЈП Комунална хигиена-Скопје подигна и транспортираше вкупно 13 000 тони комунален отпад од кантите во индивидуалните домувања и контејнерите поставени на јавни површини на територијата на градот Скопје, известуваат од ЈП Комунална хигиена-Скопје.

„Воедно, екипите на Претпријатието отстранија и 2200 кубни метри претежно кабаст и градежен отпад од диви депонии лоцирани во сите скопски општини.

Во текот на последниот месец од минатата година, Еко-патролата на ЈП Комунална хигиена-Скопје реализираше голем број едукативни разговори со претставници на стопанските субјекти, како и со лица коишто биле затекнати при неправилно одлагање на отпад, при што се изготвени 225 записници.

Најголем број на записници – вкупно 85 – се врачени во скопската општина Kарпош“, се додава во соопштението на ЈП Комунална хигиена-Скопје.
Македонија
РСБСП Апелира: Возете внимателно и одговорно во зимски услови!
Според прогнозите во наредните денови се најавени снежни врнежи и значителен пад на температурите, РСБСП потсетува на потребата од внимателно и одговорно управување со моторните возила, како и задолжително правилно користење на зимска опрема. Пред поаѓање на пат, неопходно е возилото соодветно да се подготви за управување во зимски услови.
„Направете проверка на возилото која вообичаено опфаќа: проверка антифриз, нивото на гориво, состојба на бришачите и течноста за ветробранското стакло, состојбата на акумулаторот и состојбата и притисокот на пневматиците“.
РСБСП апелира возачите да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и поставената сообраќајна сигнализација, навреме да се информираат за состојбата на патиштата и нивната проодност, да ја прилагодат брзината на движење според условите и состојбата на патот, да одржуваат безбедно растојание меѓу возилата – со цел зголемување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот. Истражувањата покажуваат дека неповолните временски услови бараат од возачот поголемо внимание за време на управување со возилото.
Затоа, РСБСП упатува јасен апел: Само со одговорно однесување во сообраќајот сите заедно можеме да придонесеме за побезбеден сообраќај на патиштата – секој живот е важен.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, кон крајот на денот дожд и снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта во северозападните делови ќе има повремени врнежи од дожд, на планините од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -9 до -2, а максималната ќе достигне од 3 до 9 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до -6, а максималната ќе достигне до 4 степени.
Времето во наредните денови
Во сабота ќе има локални врнежи, на планините и на повисоките места од снег, а во пониските од дожд и снег. Врнежите ќе бидат пообилни во западните делови, а висината на снежната покривка дополнително ќе се зголеми.
Во недела и понеделник ќе дува умерен до засилен северен ветер (над 60 km/h) и ќе има повремени локални врнежи од снег. Температурата ќе биде во опаѓање, а наместа дневната ќе остане под нула степени. Од вторник следува период на стабилно и суво време.

