Македонија
Синдикатот на Клиничкиот центар е против иницијативата за формирање синдикат на УКИМ
Синдикатот на Клиничкиот центар категорично се спротивставува на иницијативата за формирање синдикат на УКИМ затоа што потекнува од министерот за образование, а се спроведува преку другите работодавци, што претставува директно мешање на власта во синдикалното организирање, велат од Синдикатот.
Од таму го повикуваат членството да не пристапува кон овој синдикат, кој, како што се наведува во соопштението, се формира директно по налог од работодавецот.
„На оние што веќе потпишале им укажуваме дека постапката за основање и дејствување на овој синдикат е спротивна на законот. На оние што во име на единицата доставуваат пристапници за овој синдикат, кој се формира директно по налог од работодавецот, им укажуваме дека прават или направиле постапки спротивни на законот“, се наведува во соопштението.
„Во електронскиот допис со работен наслов ‘Основање синдикат на УКИМ’, генералниот секретар на УКИМ во прилог доставува документација поврзана со иницијативата, односно барањата на Министерството за образование и наука на РСМ во согласност со темата на дописот, при што одредува рокови и замолува за придржување до нив. Во воведот на документот во прилог на дописот со наслов ‘Основање синдикат на вработените во УКИМ’ се укажува дека на состанокот од страна на министерот за образование и наука со ректорите и генералните секретари на јавните универзитети во РСМ на присутните им било кажано дека поради планираното зголемување на платите на вработените на јавните универзитети во висина од 10 отсто, почнувајќи со платата за јануари 2020 година, потребно е да се склучи колективен договор и да се формира синдикат на вработените на УКИМ. Во понатамошниот дел на документот се укажува на единицата (факултет или научен институт) да ‘пушти пристапници за членство до сите вработени на единиците (наставен и ненаставен кадар)’, а ‘копии од пристапниците да се достават до генералниот секретар’“, појаснуваат од Синдикатот.
Во соопштението се наведува дека иницијативата, содржината и препораките изразени во дописот и документот се директно спротиставени на конвенцијата бр. 87 на Меѓународната организација на трудот за слобода на здружување и заштита на правото на организирање, 1948, која Република Македонија ја има ратификувано на 17.11.1991 година, на членот 37 од Уставот, а особено на
членот 195 од Законот за работните односи, во кој јасно се укажува дека работодавците и нивните здруженија не смеат да имаат надзор над основањето и дејствувањето на синдикатите.
„За неверување е препораката на генералниот секретар на УКИМ и од него утврдената членарина од 50 денари месечно да се уплаќа на приватна сметка на идниот претседател, со тоа што тој ќе потпише изјава дека ќе ги префрли на сметката на синдикатот кога таа ќе биде отворена. Истовремено, крајно понижувачка се намената и целта за формирање на овој синдикат, сведени само на покачување на платите на вработените од 10 отсто“, велат од Синдикатот.
Од таму велат дека постапувајќи по дописот на генералниот секретар на УКИМ и документот во прилог, во претходните денови била вршена агитација во одредени универзитетски клиники и институти, Стоматолошкиот клинички центар „Свети Пантелејмон“ – Скопје, а особено на Медицинскиот факултет, УКИМ Скопје, за зачленување членови на Синдикатот на Клиничкиот центар од наставно-научниот кадар во овој синдикат во формирање.
„Речиси сите вработени од наставно-научниот кадар и докторите специјалисти на Медицинскиот факултет, УКИМ Скопје, се членови на Синдикатот на Клиничкиот центар, а во сите универзитетски клиники и институти нашиот синдикат е репрезентативен на ниво на работодавец. Не сакаме да веруваме дека покачувањето од 20 отсто, а не 25 отсто во јавното здравство за наставно-научниот кадар, може да биде дел од некоја поголема игра. Синдикатот на Клиничкиот центар има искуство со синдикат формиран и организиран од работодавец или т.н. синдикат по нарачка, а во нашиот случај како контрасиндикат. Нејасно е како во изминатиот период владејачките партии не го разбраа за нив негативниот ефект од ваквите синдикати по нарачка“, велат од Синдикатот на Клиничкиот центар.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Костовски и Бајовски со ново, заедничко, ветување: Канализација ќе добијат сите улици во Бел Камен и Кучевишка Бара кои досега беа изоставени
Градоначалниците на Бутел и на Чучер-Сандево, Дарко Костовски и Зоран Бајовски со заеднички проект ќе го решаваат проблемот со канализација во Кучевишка Бара и Бел Камен. Населбите се една до друга, но припаѓаат на две различни општини и со децении градоначалниците ветуваат дека ќе им изградат фекална канализација, но досега ниту еден не го реализираше ветувањето.

Во работнта група се вклучени експерти, технички служби и претставници на граѓаните
Градоначалникот на Чучер-Сандево попладнево на социјалните мрежи се пофали дека првпат двете соседни општини пристапуваат заеднички и координирано за решавање на овој долгорочен проблем, со јасни рокови и распределба на обврски.
„Денеска заедно со градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски, ја формиравме оперативната работна група за решавање на заедничките проблеми на жителите од Чучер Сандево и Бутел. Главна задача на групата е финализирање и доработка на основниот проект за фекална канализација, со цел проектот да ги опфати сите улици кои досега беа изоставени. Со зголемување на опфатот ќе бидат вклучени и улиците како Бутелска 27, 29, 31, 33 и 35, како и други критични точки кои бараат итна интервенција“, објави градоначалникот Бајовски.
Во работнта група се вклучени експерти, технички служби и претставници на граѓаните за да се обезбеди транспарентен процес и квалитетна техничка документација.

Главна задача на работната група е доработка на проектот со цел да ги опфати сите улици кои досега беа изоставени
„Нашата цел е да обезбедиме трајно и одржливо решение за управување со отпадните води, што ќе го подобри здравјето и квалитетот на живот во двете општини“, вели градоначалникот Бајовски.
Револтирани што на терен нема никакви активности и оти градоначалникот Бајовски фекалната канализација во Бел Камен не ја ставил на листата со приоритети, како што им вети пред изборите, претставници на жителите од двете населби пред два месеца го потсетија на ветувањето и му кажаа дека доколку не почне да работи за решавање на нивниот проблем, подготвени се да протестираат.
Градоначалникот Бајовски, за „Макфакс“ на крајот на ноември изјави дека, за да почне да го решава проблемот, прво ќе направи ребаланс на буџетот, а потоа ќе работи на нов проект кој ќе ги опати и улиците каде што никогаш не е изградена фекална канализација.
Македонија
Блокиран сообраќајот на патниот правец Ресен-Битола
Во 16:10 часот блокиран е сообраќајот на патниот правец А-3 Ресен-Битола кај месноста викана Ромската населба Битола, информира АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Сиљановска-Давкова на средба со швајцарскиот претседател Пармелан во Дубаи
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамки на учеството на Светскиот самит на владите во Дубаи, оствари средба со претседателот на Швајцарската конфедерација, Ги Пармелан.
„На средбата беше реафирмирано високото ниво на партнерство меѓу двете држави, што се основа на пријателство, заемна доверба и почит. Претседателката изрази уверување за натамошно продлабочување на политичкиот дијалог на највисоко ниво. Во таа насока, претседателката упати покана за официјална посета на претседателот Пармелан“, соопштија од Кабинетот на Сиљановска-Давкова.
Таа се заблагодарила за проектната помош во различни области, со што Швајцарија е меѓу најголемите билатерални донатори во нашата држава.
Посочила на важноста на поддршката што Швајцарија ја дава за стратешките определби на нашата држава, што според неа ја демонстрира швајцарската посветеност за стабилност, развој и европска иднина на нашиот регион.
Соговорниците го споделиле мислењето за важноста на бројната македонска заедница во Швајцарија како важна нишка во развојот на односите меѓу двете држави.
Претседателката повикала на натамошно интензивирање на економската соработка и зголемување на трговската размена, вклучително и зголемување на швајцарските директни инвестиции.
Сиљановска-Давкова изразила сочувство за трагедијата во ноќниот клуб во Кран Монтана на новогодишната ноќ и загубата на човечки животи, како ужасен потсетник на трагедијата во Кочани, што остави трајни рани во македонското општество.
Двајцата претседатели размениле мислења и за актуелните случувања на глобален план.

