Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Шилегов изнајмил опрема за чистење снег од 1 милион евра

Петре Шилегов во име на Град Скопје склучил договор за изнајмување на опрема за чистење на снег за 2020 и 2021 година во висина од 1 милион евра, изјави денеска Светлана Колариќ од ВМРО-ДПМНЕ.
Според договорот кој го потпишал Шилегов, вели Колариќ, станува збор за изнајмување на 15 машини, кои имаат обврска за чистење од 40 часа месечно, а се што ќе биде над тоа ќе се плаќа дополнително од страна на градот.
„Петре Шилегов наместо да ги троши парите на граѓаните за чистење на снегот кој не падна можеше да купи 5 нови машини за чистење на снег кои ќе бидат во сопственост на градот и ќе можат да бидат користени повеќе години. Шилегов не работи домаќински. Шилегов го раскрчмува едноставно градот“, рече Колариќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Дожд викендов во целата држава, најмногу во Крива Паланка, Виница и Струмица

Низ цела Македонија, викендов има врнежи од дожд, а во изминатите 24 часа, најмногу дожд 20 литри на метар квадратен се забележани во Крива Паланка, Виница и Струмица.
Според информацијата на УХМР, 16 литри на метар квадратен дожд паднале во Штип и Кавадарци, 14 во Битола и Берово, 13 во Тетово, Прилеп, Крушево, Попова Шапка, 11 Тополчани, 10 Скопје-Петровец, Куманово, 9 во Претор, 8 – Демир Капија, 7 во Скопје-Зајчев Рид, 6 Велес, 5 Охрид, Гевгелија, Лазарополе, 4 Маврови Анови.
Времето во текот на денот ќе биде променливо облачно и свежо со повремени врнежи од дожд, пообилни во југоисточните делови (над 25 литри на метар квадратен). До крајот на денот врнежите ќе престанат. Ќе дува умерен до засилен северен ветер (наместа над 70 километри на лас), особено долж Повардарието.
Дневната температура ќе биде во интервал од 11 до 17 степени.
Во Скопје, променливо облачно и свежо, претпладне со повремен дожд. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен северен ветер. Дневната температура ќе достигне до 16 степени.
Македонија
Европска недела на ХИВ тестирање: „Тестни се! Прегледај се бесплатно, доверливо и безбедно“

Во рамки на Европската пролетна недела на ХИВ тестирање, ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација, ги повикува сите граѓани на бесплатно и доверливо тестирање за ХИВ и сексуално преносливи инфекции (СПИ) кое ќе се одвива од 27 до 30 мај, секој ден од 15.00 до 18.00 часот, во Младинскиот центар „Сакам да знам“ на Водно.
Денес ХИВ е контролирана здравствена состојба со достапната и ефективна терапија, важна е само навремената дијагноза. Доцната дијагноза е тивок ризик, нешто што можеш да се избегне со само еден мал чекор.
Раното тестирање значи:
· навремена и ефективна терапија;
· квалитетен и долг живот;
· нула ризик за пренос на ХИВ (кога луѓето со ХИВ се на терапија и вирусот е недетектибилен, тогаш ХИВ не се пренесува преку сексуален пат).
Дополнително, граѓаните може да се тестираат и за сифилис, гонореја и кламидија, со резултати готови за најмногу 30 минути. Тестирањето е анонимно, бесплатно и доверливо и се спроведува од обучени медицински лица и советувачи.
Како граѓаните да закажат термин?
· Со јавување во Младинскиот Центар „Сакам да знам“ на Водно на телефонскиот број 02/3176 – 950; · Преку оналјн закажување на преглед на следниов линк; или со
· Посета на Младински центар „Сакам да знам“ на Водно на ул. Елисие Поповски Марко бр.2 каде нема стигма, туку само грижа.
Тестирањето се одвива во пријателска и безбедна средина, каде освен здравствени услуги, граѓаните може да добијат и индивидуално советување за сексуално и репродуктивно здравје. Првиот чекор кон грижата за сопственото здравје започнува со информираност и навремено тестирање. Затоа, тестирај се! Твое право е да се чувствуваш здраво!
Услугите се реализираат преку Програмата за заштита на населението од ХИВ инфекцијата, поддржана од Министерството за здравство.
Европската недела на ХИВ тестирање е Европска иницијатива со цел зголемување на пристапот до тестирање за ХИВ и СПИ и подигнување на свеста за важноста на раната дијагноза, особено кај лицата кои се изложени на зголемен ризик.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ повторно го повика Обвинителството да ја испита улогата на Филипче за случајот Онкологија

ВМРО-ДПМНЕ го повика Јавното обвинителство да ја испита улогата на претседателот на СДСМ, Венко Филипче за случајот Онкологија, и да не го иззема од случаите настанати во негов министерски мандат.
Од владејачката партија велат дека после пресудата за Модуларната болница во Тетово, кривичната пријава за Онкологија е втор случај каде Венко Филипче, како поранешен министер за здравство во чие време се случија двата немили настани, се спасува од одговорност.
„Скандалот со Онкологија, кога на клиниката се правел криминал од тешки размери по буџетот и здравјето и животот на луѓето, се случува во време кога Филипче е министер за здравство. Со случајот на Онкологија, кога Филипче е министер, Буџетот е оштетен за износ од над 2,2 милијарди денари. Но, Венко Филипче повторно, ни во овој случај, исто како за Модуларната во Тетово, не е вклучен ни во истражна, ниту во судска постапка, односно во кривичното обвинение. Затоа, легитимно го поставуваме прашањето, дали Филипче има некаков договор со поединци од судската или обвинителската фела, да не биде изземен од одговорност и да не биде повикан ниту на разговор?“, велат утрово од ВМРО-ДПМНЕ.
Со предметот што неделава беше отворен за случајот со Онкологија беа опфатени поранешниот директор на Клиниката за онкологија Нино Васев и на организациски директор Нехат Нухи, и четворица доктори онколози. Според обвинението, 29 пациенти примиле несоодветна, а 16 непотребна терапија.
Обвинителството поднесе жалба на одлуката на Кривичниот суд на двајцата поранешни директори да им определи куќен притвор. Јавниот обвинител е незадоволен од одлуката и бара од Апелацискиот суд да ја преиначи во ефективен притвор, бидејќи цени дека со поблага мерка не може да се гарантира непречено водење на кривичната постапка
СДСМ вчера соопшти дека вистината излегла на виделина за Онкологија, а лагите на ВМРО-ДПМНЕ кои сакале со криење документи да го прикажат Филипче како виновен, им пропаднала во вода. Наместо да се повлечат и да се извинат за своите лаги и манипулации, тие продолжуваат безочно да лажат и обвинуваат, реагираше СДСМ.