Македонија
За програми и мерки за вработување издвоени се 1,45 милијарди денари во Оперативниот план
Над 11 илјади и 700 невработени граѓани ќе бидат опфатени со Оперативниот план за активните програми и мерки за вработување и услуги за пазарот на трудот, за кој во 2020 година се издвоени рекордни 1,45 милијарди денари, информираа на прес-конференција претседателот на Владата, Оливер Спасовски, заменичката на претседателот на Владата задолжена за економски прашања, Мила Царовска, дополнителната заменичка министерка за труд и социјална политика, Санела Шкријељ и директорката на Агенцијата за вработување Билјана Јовановска.
Спасовски нагласи дека со Оперативниот план за 2020 година се продолжува континуитетот на една од повеќето успешни мерки на Владата во претходните две и пол години. Тој додаде дека во изминатите две и пол години, Владата, Министерството за труд и социјална политика и Агенцијата за вработување, посветено и постојано работеа на подобрување на вработливоста на граѓаните, а тоа успешно е направено со реализација на оперативните планови за вработување, коишто во 2018 и 2019 година имаа речиси 100% реализација. Преку реализацијата на Оперативниот план за вработување и спроведување на други исправни економско-социјални политики, во изминатите две и пол години нововработени се над 59.600 граѓани, со што невработеноста е на рекордно ниско ниво од 17,1%, односно е намалена за 5,5 процентни поени во овој период.
„Со пакетот мерки опфатени во Оперативниот план за 2020 година, спроведуваме обуки и доквалификации за нашите невработени граѓани и за младите луѓе. Преку конкретни мерки за доквалификација особено внимание им посветуваме на вработување на најранливите категории, на поддршката за старт-апите и на иновативните бизнис идеи кои доаѓаат низ процесот на обука. Оперативниот план за 2020 година е прилагоден на современите барања и потреби на компаниите. За таа цел значајна сума од средствата се издвојуваат за субвенционирање на плати, вработувања и раст на компаниите, за обуки во информатичката технологија и други видови обуки кај работодавачите. Вработувањето е една од најважните теми којашто ги интересира и засега нашите граѓани. Решавањето на прашањето на вработувањето со достоинствено работно место е приоритет, за да се планира иднината. Годинава како и лани Оперативниот план ги опфаќа физичките лица и компаниите, нуди силна поддршка за самовработување, но и за отворање нови работни места“, посочи во воведното обраќање премиерот Спасовски.
Вицепремиерката за економски прашања, Мила Царовска потенцираше дека со активните програми и мерки се обезбедува поголема вработливост за сите невработени лица во Република Северна Македонија, стимулирајќи ги невработените да се преквалификуваат или доквалификуваат, како и компаниите да ги апсорбираат овие невработени лица и да ги вклучат во пазарот на трудот. Таа додаде дека успешноста на оперативните планови, односно на активните програми и мерки, се должи пред се на сеопфатните консултации со бизнис секторот, невработените лица и другите засегнати страни за реалните потреби на пазарот на трудот и невработените.
„За Оперативниот план оваа година обезбедивме 1,4 милијарди денари, од кои 1,3 милијарди денари се од државниот буџет, додека останатите финансиски средства се обезбедени од партнерските организации (UNDP, EU, UNOPS, ILO, SDC), кои постојано ја поддржуваат државата да инвестира во активни мерки за вработување. Благодарение на оваа рекордна сума, очекуваме оваа година да бидат вклучени речиси 12 илјади невработени лица, односно 11.761 лице. Во 2020 година продолжува трендот на инвестирање во невработените лица од кои очекуваме да развијат претприемачки дух. Се покажа дека стартувањето на овие микро бизниси од невработените лица се навистина одржливи, во 2020 година очекуваме да поддржиме 1.364 микро бизниси, за кои одвојуваме 447 милиони денари, за да невработените лица се самовработат, а ако понатаму се развиваат да бидат вработувачи на други невработени лица. Очекувањата за воспоставување на што повеќе микро бизниси се базираат на реалност, ако се земат во предвид формираните претпријатија преку мерката Самовработување во изминатите две години, 93% од основаните компании во 2017 година се сеуште живи, додека од компаниите формирани во 2018 година, 99% се сеуште активни“, подвлече вицепремиерката Царовска.
Дополнителната заменичка министерка за труд и социјална политика, Санела Шкријељ, посочи дека особен фокус во Оперативниот план и во програмите што ги носи Владата се младите, се со цел обезбедување на подобар стандард и спречување на иселувањето на младите од државата.
„Мерките кои досега беа креирани и имплементирани навистина даваат резултат, а показател за тоа е намалувањето на стапката на невработеност кај младите лица, којашто изнесува 35,3% споредено со 2016 кога беше 48,6%. Ова ни дава поттик и понатаму да креираме мерки кои ќе придонесат за зголемување на вработувањето на младите лица. Во таа насока минатата недела Собранието, на предлог на Владата, го усвои Законот за младински додаток. На секое младо лице до 23 години кое е вработено и самовработено во компанија со претежно производствена дејност или како индивидуален земјоделец, преку центрите за вработување ќе му се исплаќа месечен надоместок од 3.000 денари. Со ова, од една страна сакаме да обезбедиме подобро платени работни места за младите лица со завршено средно образование, од друга страна да одговориме на потребите на компаниите и барањата на пазарот на труд“, рече Шкријељ.
Со младинскиот додаток се очекува опфат на минимум 4.000 млади лица, за кои се обезбедени 160 милиони денари.
Директорката на Агенцијата за вработување, Билјана Јовановска рече дека Агенцијата е потполно подготвена за успешна имплементација на Оперативниот план за 2020 година и се задржа на презентација на планираните обуки за доквалификација и преквалификација, со коишто е планирано да се опфатат 3.224 лица, како и на мерката практиканство.
„Оваа година ќе имплементираме обуки кај работодавачи, обуки за стручни квалификации, за занимања, за возачи, за претприемништво и за ИТ вештини. Обуките се однесуваат за оние дефицитарни занимања, за да им се излезе во пресрет на работодавачите и невработените лица. Практиканството е мерка која ја побаруваа и компаниите и невработените, а во 2020 година планиран е опфат од 1.575 лица со буџет од 46 милиони денари. И покрај тоа што немаа обврска, треба да споменеме дека околу 50% од практикантите беа задржани кај работодавачите и по завршување на процесот на практиканство“, нагласи директорката Јовановска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Со донаторска вечер, почна со работа Фондацијата „Фросина Кулакова“
Донаторска вечер насловена „Threads of Light“ официјално го одбележа почетокот на работата на Фондацијата „Фросина Кулакова“. Вечерта беше посветена на уметноста, креативноста и солидарноста како универзални јазици преку кои може да се зборува за животот, одговорноста и потребата од подлабока општествена промена.
Настанот обедини уметниците, културната јавност и граѓаните околу една заедничка идеја – дека уметноста не е само естетика, туку и моќен простор за сеќавање, дијалог и општествена свест. Во рамки на вечерта беа изложени и ставени на хуманитарна аукција дела од македонски уметници и креативци од различни области – од сликарство и скулптура, до дизајн, мода и применета уметност – создавајќи една жива, разновидна и симболична мапа на современата креативна сцена.
Донаторската вечер „Threads of Light“ ја користи уметноста како начин да се поврзат личната емоција и јавната одговорност, а секое дело што ќе биде дел од аукцијата носи сопствена приказна и сопствен придонес кон една поголема, заедничка цел.
Средствата собрани од донаторската вечер ќе бидат наменети за развој на програмите на Фондацијата, меѓу кои централно место имаат обезбедувањето психосоцијална и правна поддршка за семејствата погодени од сообраќајни трагедии, како и формирањето фонд за стипендирање на млади талентирани уметници кои поради социјални или финансиски причини не можат да ја остварат својата креативност и да ја изградат својата иднина.
На настанот беше претставена химната „Фросина“, отпеана од Хорот ФРИДА под водство на Сузана Турунџиева, со текст на Огнен Неделковски. Баладата е создадена како искрена, лична и достоинствена почит, но и како јавна порака дека музиката, како и уметноста, може да биде форма на паметење, завет и повик за промена.
Фондацијата „Фросина Кулакова“ е основана од семејството на трагично починатата Фросина со цел да создаде долгорочна и одржлива платформа за градење култура на грижа, правда и свесност. Преку кампањи за општествена одговорност, културни и едукативни проекти и директна поддршка, Фондацијата има за цел да го претвори личниот губиток во јавна мисија што создава смисла и општествено дејствување.
Од Фондацијата посочуваат дека зад секоја сообраќајна трагедија не стои само еден трагичен момент, туку долг и тежок процес на соочување со последиците, и дека токму затоа овој настан не е замислен само како еднократна вечер, туку како почеток на една поширока и подлабока општествена иницијатива.
Донаторската вечер „Threads of Light“ претставува прв јавен чекор во работата на Фондацијата „Фросина Кулакова“ и почеток на една мисија во која уметноста, културата и човечката солидарност стануваат сојузници на промената.
На настанот присуствуваше и министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, кој вели дека Фондацијата носи важна мисија за унапредување на безбедноста во сообраќајот, поддршка за семејствата погодени од сообраќајни несреќи, иницијативи за подобрување на законската заштита и поддршка на млади таленти.
„Вечерва присуствував на свеченото отворање на Фондацијата „Фросина Кулакова“ – иницијатива што произлезе од огромна болка, но и од уште поголема сила да се спречат идни трагедии. Фросина беше млада девојка со живот пред себе, кој прерано и неправедно беше прекинат во сообраќајна несреќа. Ова не е само лична трагедија за едно семејство, туку потсетник за сите нас колку е кревка безбедноста во сообраќајот и колку сериозно мора да ја сфатиме одговорноста зад воланот. Фондацијата носи важна мисија за унапредување на безбедноста во сообраќајот, поддршка за семејствата погодени од сообраќајни несреќи, иницијативи за подобрување на законската заштита и поддршка на млади таленти“, напиша Тошковски на социјалните мрежи.
Македонија
Парламентарното собрание на Советот на Европа донесе одлука за затворање на пост-мониторинг дијалогот со Македонија: „Значаен успех“
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, информираше дека Парламентарното собрание на Советот на Европа денеска донесе одлука за затворање на пост-мониторинг дијалогот со нашата држава, процес што беше отворен во 2000 година.
Како што истакна министерот Муцунски, оваа одлука претставува важно институционално признание за напредокот и посветеноста на државата кон принципите и стандардите на Советот на Европа, како и јасна потврда за остварениот напредок во областите на демократијата, владеењето на правото, заштитата на човековите права и односите со соседните земји.
Министерот нагласи дека посебна заслуга за успешно заокружување на овој долгогодишен процес има македонската делегација во Парламентарното собрание на Советот на Европа, предводена од пратеничките Марија Петрушевска и Иванка Василевска, како и Постојаната мисија на Република Северна Македонија при Советот на Европа.
Одлуката, како што посочи Муцунски, претставува значаен успех и недвосмислена потврда за посветеноста, професионализмот и ефективноста на македонската дипломатија во унапредувањето и заштитата на темелните европски вредности.
Македонија
(Видео) Исмаил до Љутков: Следува милионска штета по буџетот по ваша вина, кога планирате да си поднесете оставка?
Пратеникот Реџеп Исмаил, од Левица, на седницата за пратенички прашања се обрати до министерот за култура Зоран Љутков, оценувајќи дека предупредувањата упатени уште во првите сто дена од неговиот мандат, дека ќе стане најлошиот министер за култура во историјата на државата, денес, на половина од мандатот целосно се оствариле.
Според Исмаил ваквата оценка не е политичка квалификација, туку емпириски факт, поткрепен со состојбата во културата, кршењето на законите и последиците што веќе се мерат во судски спорови и финансиска штета.
Главен проблем според Исмаил е свесното и системско кршење на Колективниот договор за култура.
„Колективниот договор е донесен многу пред вашиот мандат, повеќепати беше оспоруван и секогаш потврден како уставен и легитимен. То сѐ уште важи и вие сте должни да го почитувате“, истакна пратеникот и додаде дека со доаѓањето на Љутков на функција започнало намерно саботирање на колективниот договор преку упатство од министерот со кое биле воведени незаконски пресметки на плати.
„Со тоа упатство директно го прекршивте Колективниот договор. Ова не е политика, ова е правен факт“, рече Исмаил.
Пратеникот посочи дека како резултат на ваквото постапување, во моментов има околу 800 тужби за пресметка на плати низ сите судови во Македонија, а дел од нив веќе се добиени во корист на работниците. „Речиси е извесно дека и останатите тужби ќе имаат ист исход. Прашање е дали сте свесен за штетата што ја нанесовте врз државниот буџет, штета која ќе биде поголема од онаа доколку Колективниот договор се почитуваше“.
Опишувајќи ги состојбите во културата Исмаил се осврна и на случајот со Филхармонија кога на средина од конкурсот името на директорот беше јавно соопштено од коалицискиот партнер во Владата, а конкурсот се претворил во фарса. Дополнително потсети дека во март минатата година над 3.000 работници во културата останаа без плата, што, како што нагласи е директна последица на неспособното и неодговорно раководење со Министерството за култура. Укажа и на фактот дека во два последователни буџетски циклуси се намалуваат средствата за култура, додека истовремено значително расте буџетот за НАТО.
На крај, Исмаил своето обраќање го заврши со прашањето: „После сето ова останува само едно прашање – кога планирате да си поднесете оставка?“.

