Македонија
Затворена порнографската група на „Телеграм“, избришани се сите членови

Повеќе не постои порнографската група на „Телеграм“ во која имаше над 7.000 членови, а се постираа фотографии и видеа од девојки од Македонија. Избришани се сите членови, откако администраторот на групата самиот се пријави во полиција, а две девојки го пријавија случајот. Членовите на групата бараа разголени фотографии од девојчиња, а бараа и фотографии од девојки со конкретни имиња и презимиња.
Министерство за внатрешни работи, сектор за компјутерски криминал и дигитална форензика, во координација со СВР Скопје изврши идентификација на сопственикот на групата „Јавна соба“ со иницијали Д. К. од Скопје и на еден од администраторите на групата со иницијали М. П. од Скопје. Во текот на истрагата преостанува да се утврдат другите лица што имале администраторски и модераторски улоги во групата, информираше вчера полицијата.
МВР најави дека во соработка со надлежниот јавен обвинител од ОЈО, ќе се направат дополнителни консултации и ќе бидат презентирани доказите со кои располагаат. Од страна на МВР ќе бидат направени дополнителни анализи на содржината што беше споделена во групата, со цел утврдување други нелегални активности и сторители, и тоа во согласност со Кривичниот законик. Паралелно на ова, МВР во соработка со „Телеграм“ презема активности за затворање на групата и добивање други релевантни докази од интерес на истрагата. МВР апелира до членовите на групата да ја напуштат на своја иницијатива.
Техничкиот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев, претходно информира дека засега утврдиле оти групата броела 8.000 члена, а биле откриени вкупно 800 фотографии и видеа, главно од „Фејсбук“, „Инстаграм“, но и приватни фотографии и видеа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Владата: Ќе го прифатиме секој договор помеѓу синдикатите и работодавачите

Премиерот Христијан Мицкоски заедно со министерот за економија и труд, заменик-министерот за економија и труд, државниот секретар во Министерството за финансии и советникот во Кабинетот на претседателот на Владата одржа средба со претставници на синдикатите.
Се разговараше за минималната плата, колективниот договор и репрезентативноста на синдикатите.
„Ставот на Владата во врска со зголемувањето на минималната плата е јасен и поврзан со закон. Имено, согласно закон Владата е обврзана да го определи нивото на минималната плата најдоцна до 31 март. Владата ќе го прифати секој договор помеѓу синдикатите и работодавачите, во моментот кога тој ќе биде постигнат во рамките на економско социјалниот дијалог“, велат од Владата.
Македонија
Утре променливо облачно време со локален дожд попладне

Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Попладне и во вечерните часови ќе има локален дожд, а на планините повремен снег.
Ќе дува умерен, а во источните делови и вдолж Повардарието засилен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -5 до 3, а максималната ќе достигне од 10 до 18 степени, јавува УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Попладне и во вечерните часови ќе има услови за повремен дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1, а максималната ќе достигне до 18 степени.
Следува период на стабилно и топло време, освен утре и во сабота кога ќе има локални врнежи од дожд. Утринските и дневните температури ќе бидат во пораст.
Македонија
Работен состанок за решавање на предизвиците од областа на судските и дисциплинските постапки

Министерството за внатрешни работи се одржа работен состанок помеѓу претставници на МВР, Државниот правобранител на РСМ, Основниот граѓански суд-Скопје, Апелациониот суд-Скопје и Државната комисија за одлучување во управна постапка.
Целта на средбата беше дискусија за отворените прашања во врска со роковите за носење на решенијата во дисциплински постапки и други прашања од областа на судските и дисциплинските постапки.
Претставниците на институциите се договорија овие работни средби да продолжат и во иднина со цел меѓуинституционално решавање на сите предизвици со крајна цел заштита на правата на работниците и избегнување на финансиски импликации на штета на буџетот.