Македонија
Променливо облачно време со температура до 13 степени

Времето претпладне ќе биде променливо облачно со локални врнежи кои ќе бидат претежно од снег со послаб интензитет, информира УХМР. Попладне облачноста ќе се намалува.
Ќе дува умерен, вдолж Повардарието засилен северозападен ветер. Максималната температура ќе биде во интервал од 5 до 13 степени.
Во Скопје, претпладне променливо облачно со повремен слаб дожд, а во повисоките делови од котлината со услови за слаб снег. Попладне облачноста ќе се намали.
Ќе дува умерен до засилен северозападен ветер. Максималната температура ќе достигне до 9 степени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски на средба со шефот на дипломатијата на Обединетите Арапски Емирати

Средба на министерот Муцунски со шефот на дипломатијата на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Абдула бин Зајед Ал Нахјан
Во рамки на официјалната посета на претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, на Обединетите Арапски Емирати, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, како дел од владината делегација, вчера оствари средба со вицепремиерот и министер за надворешни работи на ОАЕ, Н.В. шеикот Абдула бин Зајед Ал Нахјан.
„На средбата беа потврдени добрите билатерални односи и конструктивната соработка помеѓу двете земји, при што беше истакната заемната заложба за нивно понатамошно продлабочување. Акцент беше ставен на потребата од интензивирање на меѓусебниот политички дијалог, како и на унапредувањето на економската и трговската соработка. Во таа насока, министерот Муцунски, во име на Владата, потпиша два меморандуми за разбирање – за економска соработка и за соработка помеѓу дипломатските академии на двете министерства за надворешни работи“, соопшти МНР.
На средбата била нагласена и важноста од интензивирање на контактите меѓу бизнис-заедниците и стопанските комори на двете земји, со цел поголема економска поврзаност и реализација на нови инвестиции. Покрај билатералните односи, соговорниците размениле мислења и за актуелните геополитички случувања во светот.
Македонија
Косовски државјанин приведен за поткуп на Блаце, му дал 10 евра на цариникот

Косовски државјанин е уапсен на ГП Долно Блаце за поткуп. Според информациите на МВР, тој во пасошот ставил 10 евра за граничарот кој вршел проверки.
„Вчеравечер околу 19.30 часот на Граничен премин Долно Блаце, на влез во државата, полициски службеници го лишиле од слобода Ш.Б.(51) од Косово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „давање поткуп“ од член 358 став 1 од Кривичниот законик“, соопшти МВР.
Имено, при гранична контрола, тој на увид дал документи за патничко возило „фолксваген голф“ со косовски национални ознаки, кое го управувал и во патната исправа ставил банкнота од 10 евра.
Известен е јавен обвинител и по целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.
Македонија
Герасимовски: Вложуваме во проекти што го градат културниот идентитет на Центар

Стручната комисија на општина Центар ги избра најквалитетните културни проекти што ќе добијат финансиска поддршка за 2025 година, преку Конкурсот за култура.
Поддржани се проекти од различни области: визуелна и изведувачка уметност, музика, литература, театар, филм, како и програми за деца, млади и ранливи групи.
„Продолжуваме со континуирана поддршка на креативни и значајни културни иницијативи, бидејќи веруваме дека културата е срцето и препознатлив белег на нашата општина. Кога ја презедов функцијата, буџетот за култура изнесуваше 3 милиони денари, за 2025 година тој е зголемен на 13 милиони денари“, истакна градоначалникот Горан Герасимовски.
Целта на конкурсот е да се поттикне креативноста во општината, да се збогати културниот живот и да се создадат подобри услови за уметниците, културните работници и здруженијата. Со оваа поддршка се овозможува реализација на нови културни содржини кои придонесуваат за поактивна и покреативна заедница.
Повеќе информации се достапни на официјалната веб-страница на Општина Центар.