Македонија
Поранешен директор на АХВ на вработена пет месеци неосновано ѝ плаќал по 63.000 денари
Единицата за економски и компјутерски криминал на скопската полиција поднесе кривична пријава против поранешниот директор на Агенцијата за храна и ветеринарство, Зоран Поповски (39), поради сомнение дека сторил кривично дело злоупотреба на службената положба и овластувањето.
Како што информираат од МВР, Поповски, во периодот од декември 2016 до мај 2017 година, додека бил директор на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), искористувајќи ја својата службена положба, постапил спротивно на член 53 од договорот склучен помеѓу Европската агенција за безбедност и храна и Агенцијата за храна и ветеринарство.
Во конкретниот член било децидно пропишано дека лицето што ќе биде назначено како помошник-координатор на EFSA не може да прима дополнителен надоместок од Агенцијата, ниту да ја кумулира претпристапната програма со каков било друг договор за работа со други тела.
Наспроти ова, пријавениот склучил договор за дело со К. М., во тоа време вработена во Агенцијата за храна и ветеринарство, за извршување работни обврски и задачи како асистент координатор на EFSA, кои веќе биле предвидени со Правилникот за систематизација на работните места во АХВ за нејзиното работно место.
Врз основа на склучениот договор за дело, во горенаведениот временски период, секој месец на вработената неосновано ѝ биле исплаќани парични средства во износ од 62.934 денари, со што пријавениот ѝ овозможил да стекне противправна имотна корист во вкупен износ од 377.604 денари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без вода денеска дел од Центар
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека денеска:
· поради поврзување од стара на нова водоводна мрежа со пречник од ф-200 мм на улицата Тодор Александров бб, од 08:30 часот до завршување на интервенцијата, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од делови од улиците: Тодор Александров, Партениј Зографски и Периша Савелиќ, општина Центар.
Македонија
Дел од Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 10:00 до 12:00 часот, корисниците од дел од улицата Ловќенска, општина Карпош.
Македонија
Променливо облачно и студено со сончеви периоди, повремено ќе дува засилен северен ветер
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен, а наместа долж Повардарието и во источните делови повремено засилен ветер од северен правец (над 60 km/h).
Минималната температура ќе биде во интервал од -13 до -5, а максималната ќе достигне од -4 до 3 степени.
Во Скопје, променливо облачно и студено со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен, претпладне во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец.
Минималната температура ќе се спушти до -9, а максималната ќе достигне до 2 степена.
Времето во наредните денови
Следува период на стабилно и суво време со студени утра и утрински температури кои насекаде ќе бидат негативни. Во вторник наместа дневните температури ќе се задржат негативни, а од среда ќе бидат во постепен пораст. Од средината на седмицата по котлините ќе има услови за појава на магла.

