Македонија
Сончево и ветровито со температура до 13 степени

Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност, во текот на денот ќе има извесно зголемување на облачноста. Ќе дува умерен ветер во источните делови од југоисточен, а во јужните делови од западен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 5 до 13 степени.
Во Скопје ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност и со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Температурата ќе достигне до 9 степени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Неадекватното работење и криминалот на ДУИ ја урна куќата на Владо Малески

Неадекватното работење и криминалот на ДУИ ја урна куќата на Владо Малески, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Градоначалникот на ДУИ од Струга даде градежна дозвола за објект до куќата на Владо Малески и ја загрози истата со нејзино уривање. Криминалот на ДУИ и неадекватното работење прави штета по државата секој ден. Јавното обвинителство мора да постапи и отвори истрага. Очекуваме одговорност за штетата“, велат од партијата.
Од таму изразија надеж дека Министерството за култура ќе направи се да ја поправи штетата направена од ДУИ и ќе ја обнови куќата на Владо Малески.
Македонија
Мицкоски на средбата со фон дер Лајен: Државата очекува од Европската Унија јасна и конкретна посветеност

Денес во просториите на Владата, премиерот, Христијан Мицкоски, имаше средба со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во рамки на нејзината балканска турнеја.
Мицкоски информира дека на средбата се разговарало за европската перспектива, напредокот на реформските процеси, економската соработка, енергетската безбедност и дигиталната трансформација.
„Ја истакнав решеноста на Владата да ја забрза евроинтеграцијата на државата преку конкретни резултати и исполнување на европските стандарди. Посочив дека државата очекува од Европската Унија јасна и конкретна посветеност, како потврда на европската перспектива и поддршка за граѓаните кои со децении остануваат посветени на европските вредности“, вели Мицкоски.
Според него, посетата на претседателката на Европската комисија претставува потврда на отворениот дијалог и заемната подготвеност за продлабочување на партнерството, во интерес на стабилноста, економскиот развој и европската иднина на земјата.
Македонија
Фон дер Лајен пристигна во Скопје, Муцунски очекува потврда на поддршката за европската интеграција

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, попладнево слета во Скопје. Министерот за надворешни работи и трговија, Тимчо Муцунски, рече дека на денешните средби очекува да се потврди поддршката за европската интеграција на Западен Балкан.
„Попладнево на скопскиот аеродром ја пречекав претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која во рамки на својата агенда за Западен Балкан денес пристигна во Скопје. Очекувам на денешните средби да се потврди поддршката за европската интеграција на Западен Балкан и постепеното приближување на регионот кон единствениот пазар на Европската унија“, напиша Муцунски.
Додава дека членството во Европската унија останува стратешки приоритет на македонската надворешна политика.