Македонија
Отфрлена пријавата против Тодоровиќ и Јанакиески за злоупотреби со државно земјиште во Центар
Основното јавно обвинителство Скопје донесе решение со кое се отфрла кривичната пријава поднесена против поранешниот градоначелник на Центар Влаимир Тодоровиќ, како и ексминистерот за транспорт Миле Јанакиески, како и за уште тројца за злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 од Кривичниот законик во врска со постапка за отуѓување на градежно земјиште во Општина Центар. Станува збор за случајот со барокната катна гаража „Никофон“ кај „Автомакедонија“, која беше предвидена како дел од проектот „Скопје 2014“.
До Основното јавно обвинителство Скопје, од страна на двајца подносители – физички лица најпрвин беше поднесена кривична пријава против четири лица – поранешен министер за транспорт и врски, поранешен градоначалник, вработен во Министерството за транспорт и врски и државен правобранител. Подоцна беше поднесено и проширување на пријавата против уште едно лице – поранешен министер за транспорт и врски. Наведените кривични пријави се однесуваа на евентуални неправилности во поглед на неисполнување на договорните обврски од склучен договор меѓу Министерството за транспорт и врски како отуѓувач на градежно земјиште во државна сопственост со фирмата „Никофон“ ДООЕЛ по пат на електронско јавно наддавање.
„Проучувајќи ги наводите во пријавата кои се однесуваа на повеќе околности за кои требаше да се изврши проверка, надлежниот јавен обвинител презеде голем број дејствија со цел утврдување битни факти и околности за пријавениот настан, особено затоа што кривичната пријава беше поднесена без да биде приложен ниту еден доказ како поткрепа на наводите. Во таа насока беа испитани претставници на Општина Центар, претставник на Министерството за транспорт и врски, претставник на Државното правобранителство, претставник на банката од која бил земен кредит со залог на земјиштето, нотарот пред кој бил солемнизиран договорот, како и управителот на правното лице – купувач на земјишната парцела. Сите испитани лица беа задолжени да достават соодветна документација за поткрепа на изнесеното пред јавниот обвинител со цел да се утврди хронологијата и да се проучи постапувањето на пријавените во настанот.
Во текот на постапката, од Општина Центар беа доставени и нови поднесоци и обраќања до Јавното обвинителство во кои се наведуваше дека по преземањето на надлежноста за управување со градежното земјиште на подрачјето на општината биле констатирани повеќе нелогичности и било утврдено дека почетната цена за јавното наддавање била неправилно формирана, како и дека не бил земен предвид приговорот на вториот наддавач кој се жалел на дефект на интернет-конекцијата за време на електронската аукција. Со оглед на тоа што поднесоците даваа дополнителни наводи и други околности во предметот, јавниот обвинител презеде и дополнителни истражни дејствија за утврдување на фактите, па испита и двајца претставници од Комисијата која го спровела елекронското јавно наддавање во врска со формирањето на почетната цена и со приговорите на останатите учесници“, соопшти Обвинителството.
Во исто време, јавниот обвинител се обратил и до Министерството за транспорт и врски и побара разјаснување на начинот на кој била формирана почетната цена на земјиштето, а во два наврати беше испитан и актуелниот градоначалник на Општина Центар.
„Врз основа на сите прибавени докази и утврдени факти и околности, надлежниот јавен обвинител оцени дека во дејствијата на пријавените не се содржани битните елементи на пријавеното кривично дело, ниту, пак, на друго кривично дело за кое гонењето се презема по службена должност. Во поглед на неисполнување на договорниот рок од страна на купувачот – фирмата Никофон ДООЕЛ да прибави одобрение за градба на предметниот објект во рок од 9 месеци од извршената солемнизација, јавниот обвинител оцени дека станува збор за настанат спор во врска со неисполнети договорни обврски за кои единствено во граѓанска постапка може да се утврдува дали рокот не бил испочитуван по вина на купувачот. Јавниот обвинител не може да супституира договорна страна и да даде оценка во врска со овој факт, бидејќи не се работи за императивна законска норма што е прекршена, а особено затоа што во самиот договор постојат и други одредби со кои се предвидува можност за пролонгирање на роковите.
Доколку купувачот не извршил солемнизација на договорот во рок од 30 дена по неговото склучување, договорот предвидува заштита на отуѓувачот на земјиштето преку еднострано раскинување, при што 20% од вкупно постигнатата цена на земјиштето на електронското наддавање не му се враќаат на купувачот. Од прибавените докази во предметот недвосмислено се утврди дека ниту Министерството за транспорт и врски ниту Општина Центар, која ја презела надлежноста за градежното земјиште, не презеле дејствија за еднострано раскинување на договорот.
Исто така, неспорно се утврди дека почетната цена на јавното наддавање била заснована
врз тогаш важечките прописи, односно врз важечката Уредба за висината на цената на градежното земјиште во сопственот на РМ и висината на посебните трошоци за спроведување на постапката. Предмет на оценка беше и околноста како е спроведена постапката на јавното наддавање, при што се утврди дека сите законски и подзаконски предуслови за електронското јавно наддавање биле исполнети. Неизбраниот понудувач не презел никакви дејствија за поништување на јавното наддавање доколку сметал дека постоеле причини за тоа, ниту побарал управна заштита или инспекциска проверка на спроведената постапка.
Исто така, јавниот обвинител предвид го имаше и фактот дека од склучувањето на договорот до денес на раководната позиција во Министерството за транспорт и врски се смениле повеќе министри, а во непреземањето на дејствија за едностран раскин на договорот не може да се извлече заклучок дека постојат елементи на кривично дело кај кое било од лицата кои ја извршувале таа функција. Имено, дали се настапени условите за еднострано раскинување на договорот зависи од договорната волја на отуѓувачот на земјиштето, како и од основаноста и правниот интерес за преземање на такви дејствија во случај на спор околу неисполнетост на договорните обврски по вина на купувачот“, се наведува во соопштението.
Решението за отфрлање на кривичната пријава е доставено до Општина Центар, а оштетениот има право на жалба пред Вишото јавно обвинителство Скопје во рок од осум дена по приемот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Студено утро со измерени -5 степени во Берово
Најстудено изутринава е во Берово, каде се измерени – 5 степени, по што следуваат Битола и Струмица, -4, Скопје-Петровец и Штип, – 3, Демир Капија, Велес и Куманово, – 2. Во Тетово, Скопје-Зајчев Рид, Кавадарци, Гевгелија, Прилеп, Mаврови Анови и Претор температура од – 1, Крива Паланка, Попова Шапка, 0, Охрид, 1, Виница и Kрушево 2, информира Управата за хидрометоролошки работи (УХМР).
Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 6 до 13 степени.
Во Скопје, променливо облачно и тивко со појава на магла. Максималната температура ќе достигне до 7 степени.
УХМР најави дека до вторник ќе се задржи стабилно и претежно тивко време. По одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Од вторник кон крајот на денот и во следните денови ќе има повремени локални врнежи од дожд. На планините и на повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Ќе се менува проводник на далновод во Прилеп, градот неколку часа ќе биде без струја
Прилеп и приградските населби утре претпладне, од 6:30 до 11 часот, ќе останат без напојување со електрична енергија.
Како што информираат од АД МЕПСО, исклучувањето се врши поради планирани активности на електропреносната мрежа, кои опфаќаат демонтажа на старо проводно јаже од 110 киловлти за далноводот ТС Битола 1- ТС Прилеп 1 и монтажа на нов проводник. На замената ќе работат стручните екипи на АД МЕПСО.
Согласно со планираната динамика, работите ќе траат најмногу четири и пол часа, по што напојувањето со електрична енергија во Прилеп ќе биде повторно воспоставено.
Од АД „МЕПСО“ до корисниците апелираат за разбирање, имајќи предвид дека станува збор за планирани зафати од значење за сигурно и стабилно функционирање на електропреносниот систем.
Македонија
Дедо Мраз од Лапонија ќе дојде со волшебен воз на Железничка во Скопје
Специјална новогодишна театарска претстава за деца „Дедо Мраз дојде со воз“ ќе се одржува од денеска 30 декември на Железничката станица во Скопје, со почеток од 19 часот. Претставата ја организираат Училиштето за театар „Од игра до претстава“, Македонски железници Инфраструктура и Македонски железници АД Транспорт.
Публиката ќе може да го следи големото доаѓање на Дедо Мраз од Лапонија, со неговиот волшебен воз во центарот на Скопје, преку приказна која се раскажува на различни локации: музејската постановка на Македонски железници, театарска претстава во салон и посета не волшебниот воз и подарок од Дедо Мраз за секој посетител во вагонот.
– Како куриозитет годинава во соработка со МЖ Транспорт, го имаме и легендарниот воз „Шпанец“, неодамна реставриран, во кој се пренесува новогодишната волшебна магија и со која посетителите ќе може да патуваат низ Скопје и да другаруваат со ликови од претставата. Претставата ги следи патешествијата со кои се соочува Дедо Мраз пред да стигне на Железничката станица во Скопје и неговото доаѓање е неизвесно, па му треба помош од неговите Елени, Џуџиња, Снешко, но најмногу од неговите обожаватели, децата, се вели во соопштението од „Од игра до претстава“, ЈП Македонски Железници – Инфраструктура Македонски Железници АД Транспорт.
Автор и продуцент на проектот е Миодраг Костиќ, а текстот и режијата на Игор Ивковиќ. Реставратор и автор на музејската изложба користена во проектот е дело на авторот Ванчо Милошевски.
Во претставата играат актерите: Дарко Вељиќ, Андреј Серафимовски, Тодор Стојковски, Симона Петрушева, Ведра Димова, Александар Спироски. Вклучени се и 40-тина учениците од училиштето за театар „Од игра до претстава“.
Визуелното обликување на проектот е доверено на Бранкица Јордановска, во соработка со Горан Сачкарски. Музиката е авторско дело на Драган Илиевски, а монтажата е на Андреј Златаноски.
За потребите на претставата, ќе бидат користени: локомотива создадена во 1942 година, серија 33 и вагон што е изработен во 50-те години на 20 век и бил во употреба до крајот на 70-те години, а сега реставриран по урнекот на „ОРИЕНТ ЕКСПРЕС“, како и од неодамна реставрираниот воз „шпанец“ серија 712/714.

Билети може да се купат на билетарницата на Железничка станица – Скопје, секој работен ден од 12 до 19 часот. Резервација на [email protected] и на телефонскиот број 075 295 905.

