Македонија
(Видео) Колариќ: СДСМ предизборно врши поткуп со инвертори
СДСМ предизборно врши поткуп со инвертори, откако зимата речиси помина, а граѓаните си обезбедија греење, изјави Светлана Колариќ, советник од ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Град Скопје.
„Откако зимата речиси помина, а домаќинствата си обезбедија начин на греење во септември, му текна на Социјал Демократскиот Сојуз на дрзок и безидеен начин да врши поткуп на гласови во предизборен период – субвенции за инвертори со цел продолжување на политичката кариера на Заев, Макрадули и Шилегов. Борбата на Владата со загадувањето ќе била преку 100 % субвенционирање на граѓаните за набавка на инвертор во вредност од илјада евра, Всушност ова е и прва лага ако ја погледнеме пазарната цената на инвертор клими која се движи од 660 до 2500 евра“, рече таа.
Колариќ обвини дека ќе се потрошат милиони народни пари во предизборно едноумие, преку избрзани програми подготвени без учество на стручни лица, без примена на научно истражувачки студии, невладини организации.
„Инверторите почитувани ќе трошат струја од РЕК Битола и Осломеј кои се знаеме најголеми загадувачи, а сметката за струја ќе се зголеми за најмалку од 4.500 до 6.000 денари, исто така може да се затоплуваат само отворени простории при екстремни температури, плус семејствата ќе имаа дополнителни трошоци за вградување на системот но понатаму и за одржување на истиот“, рече таа.
Таа ја прашува власта колку е сигурна дека за неколку години граѓаните нема повторно да се вратат на стариот систем на греење?
„Велите ќе вршите контрола дали инверторот наменски се користи во период од две години, овој период е многу краток ако се земе во предвид дека контролата треба да се врши само во зимскиот период. Каде ќе заврши отпадот од старото железо од печките? Колку ќе бидат сигурни граѓаните дека ќе ги повратат вложените средства? Зошто сред сезона на греење се објавува јавниот повик токму пред предвремените избори? Колку ќе се намали загадувањето кога повикот важи за цело Скопје ако се земе во предвид дека има огромни разлики помеѓу квалитетот воздухот кој го дишат граѓаните кои што живеат во Лисиче и граѓаните кои живеат во околните места од Скопје“, праша Колариќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Алиу: Континуирано ги унапредуваме здравствените услуги во Клиничката болница во Битола
Министерот за здравство Азир Алиу денеска беше во посета на Клиничката болница „Д-р Трифун Пановски“–Битола.
Со цел обезбедување квалитетна и достапна здравствена грижа, во болницата се вработени четворица нови специјалисти кои од приватниот сектор преминаа во јавното здравство – интервентен кардиолог, инфектолог, интернист и дерматовенеролог. Со тоа е комплетиран тимот за кардиологија, а во план е развој на клиничка електрофизиологија со имплантација на пејсмејкери, соопштија надлежните.
– Битола е првата болница во државата која почна со децентрализација на онколошката терапија – секоја недела лекар од Клиниката за радиотерапија и онкологија работи со пациентите во Битола, со што се намалува потребата тие да патуваат во Скопје за консултации и контроли. Во рамки на поддршката од Владата и Министерството за здравство, болницата е зајакната со нова медицинска опрема, меѓу која нов дигитален рендген апарат, биохемиски и имунолошки анализатори, современ апарат за ФАКО метода и нов ехо апарат за офталмологија, како и нов дигестор за одделот за патологија“, посочи Алиу.
Во изминатиот период, како што беше истакнато, примени се 11 приватни специјализанти, а целосно е реализиран и огласот за вработување на 53 лица медицински персонал, со што се подобрува функционалноста на сите оддели и одговорот на потребите на пациентите.
-Нашата цел е секој регион да добие болница со современи услови, мотивиран кадар и највисок стандард на здравствена грижа. Клиничката болница во Битола е пример како со посветеност, вложувања и стратегија, можеме да создадеме модерен регионален центар кој е поблиску до граѓаните и ги нуди сите потребни услуги на место, изјави Алиу.
Со овие инвестиции, велат од министерството, Клиничка болница „Д-р Трифун Пановски“–Битола станува модерен регионален центар, со силен кадар, современа опрема и системска грижа која ја приближува здравствената услуга до секој пациент.
Македонија
Утре променливо облачно со сончеви периоди, во вечерните часови ќе има повремени локални врнежи од дожд
Времето утре, променливо облачно со сончеви периоди. Во вечерните часови и во текот на ноќта во северните делови ќе има повремени локални врнежи од дожд. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 9, а максималната ќе достигне од 11 до 17 степени.
Во Скопје, ќе биде променливо облачно, во вечерните часови и во текот на ноќта ќе има повремен дожд. Ќе дува слаб северен ветер.
Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Под влијание на серија влажни воздушни бранови од утре во вечерните часови до понеделник следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд. Наместа врнежите ќе бидат поројни и пообилни и во текот на 24 часа се очекува да наврне поголема количина дожд (над 30 l/m²).
Македонија
Ученици и наставници од Скопје и Таранто во посета на Собранието
Ученици и наставници од СУГС Гимназија „Раде Јовчевски Корчагин“ од Скопје и „Principessa Maria Pia“ од Таранто, Италија, денеска го посетија Собранието на Република Северна Македонија, каде што остварија средба со пратенички од Комисијата за еднакви можности на жените и мажите и Клубот на пратенички.
Средбата се реализираше во рамките на соработката меѓу двете училишта преку Еразмус+ програмата, како дел од заедничкиот проект „Родовата рамноправност и улогата на жената во општеството во различни култури“.
Со работата и надлежностите на Комисијата, младите гости ги запозна претседателката Жаклина Пешевска, која им посака добредојде и истакна дека едукацијата за еднаквите можности и рамноправноста меѓу мажите и жените започнува уште од најраната возраст.
Во дискусијата учествуваа пратеничките Велика Стојкова-Серафимовска и Моника Зајкова.
Пратеничката Стојкова-Серафимовска зборуваше за значењето на соработката меѓу жени со различна културна и етничка позадина во мултиетнички општества, какво што е и нашето. Таа нагласи дека меѓусебното разбирање и поддршка се клучни за создавање инклузивна и праведна заедница.
Пратеничката Зајкова се осврна на застапеноста на жените во политиката, предизвиците со кои се соочуваат жените во јавниот живот, како и на прашањата поврзани со фемицидот и потребата од континуирана институционална поддршка за родовата еднаквост.
Учениците поставуваа прашања и отворија плодна дискусија за улогата на жените во современите демократии. Пратеничките споделија лични искуства и примери од својата работа, охрабрувајќи ги младите да бидат активни граѓани и поддржувачи на еднаквите можности.
Посетата заврши со организирана обиколка на зградата на Собранието, при што гостите се запознаа со историјата и функционирањето на највисокиот претставнички дом.
„Оваа средба претставува уште еден пример за важноста на образовната соработка и младинската размена во промовирањето на демократските вредности, меѓу културниот дијалог и родовата еднаквост“, велат од Собранието.

