Македонија
Мицкоски бара експертите да предложат закон за Јавното обвинителство

„Обвинителството молчи за крупни случаи што се поврзуваат со криминал, а власта се обидува да турка закон пред изборите, чиј вистински интерес е да се заштити по изборите од одговорност. И одново власта ја турка земјава во слепа улица со цел да не дозволи решение кои ќе донесе независно обвинителство, кое не само што нема да молчи туку ќе биде главното сечило во борбата против криминалот“, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„И целиот лажен наратив на власта за мотивите на опозицијата пропадна бидејќи на маса имаме лошо законско решение го потврдија и самите експерти и професори на Правниот факултет. Борбата против криминалот не смее да дозволиме да биде заглавена помеѓу суетите на неколкумина министри и стравот на поранешниот премиер Заев дека ќе мора да се соочи со одговорност. Потребно е квалитетно законско решение, а не онакво какво што власта турка на мала врата на еден и пол недела пред распуштање на парламентот. Затоа, за ВМРО-ДПМНЕ, со цел да не им се робува на суетата на одредени министри и на стравот на Заев од одговорност, е прифатливо законско решение кое ќе го изработат и ќе произлезе од самата експертска јавност која беше вклучена во јавната дебата за законот за Јавното обвинителство. Да им дадеме шанса на професионализмот, знаењето и искуството на експертите и професорите, што ќе биде база за понатамошно усогласување. Да не креираме законско решение за заштита на партиските интереси на поединци, туку решение предложено од експерти, кое ќе биде прифатливо за Собранието“, додаде тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сончево со мала локална облачност, максималната температура до 21 степен

Сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен, наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 10, а максималната ќе достигне од 14 до 21 степен.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 20 степени.
Времето во наредните денови
До почетокот на следната седмица ќе преовладува стабилно, сончево и релативно топло време со локална појава на облачност во текот на денот. Ќе дува слаб до умерен, а во сабота долж Повардарието повремено засилен северен ветер.
Македонија
Делови од Гази Баба и Ѓорче Петров денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08:30 до 13:30 часот, корисниците од улица Благоја, улица Маџари, Пекара КИС МИ Стефковски и улица Ордан Поп Јорданов (општина Гази Баба)
– во периодот од 09:00 до 10:00 часот, локалите во трговскиот центар до пазарот (општина Ѓорче Петров)
Македонија
Сиљановска-Давкова на средба со претставници на „Habitat for Humanity International“ и на „Хабитат Македонија“

Претседателката Гордана Сиљановска – Давкова денеска разговараше со претставници од САД на глобалната мрежа „Habitat for Humanity International“, како и со националниот директор на „Хабитат Македонија“, Зоран Костов и со претседателот на Управниот одбор, Драган Малиновски.
Таа, најпрво им ја честиташе дваесетгодишнината од основањето, посакувајќи им понатамошен успех во реализацијата на благородната идеја за градење свет во којшто секој ќе може да го оствари правото на пристојно живеење.
За неа, импресивна и инспиративна е нивната несебична заложба и неуморна работа насочена кон подигање на квалитетот на домувањето на сиромашните луѓе, неможна без волонтирање, застапување и подигање на јавната свест за поголема солидарност во развојот на заедницата.
„Ние, како и многу други држави мора да вложиме особен напор во унапредувањето на квалитетот на живеењето, секаде и за сите, ставајќи крај на супстандардните услови во некои средини, недостојни за живот“, смета претседателката.
„Претставниците на „Habitat for Humanity International“, со љубов и страст зборуваа за своите ангажмани во справувањето со енергетската сиромаштија и гарантирањето стандарди во нејзиното користење ширум светот, потенцирајќи дека се трогнати од добрината, благодарноста и активноста на македонските граѓани. Тие ја истакнаа незаменливата улога на невладините организации, како кредибилни партнери на овој план и укажаа на неопходноста од постојана и интензивна владино-невладина соработка во функција на остварување подобри резултати“, соопштија од Кабинетот на претседателката.
Македонските претставници ја презентираа својата досегашна работа, насочена кон овозможување инклузивен и одржлив развој на сиромашните средини, како ромските, но и други, со финансиска помош на ЕУ.
Тие ги посочија активните проекти во повеќе од 30 општини, како и пионерските партнерства со институциите за микрофинанисирање.
Соговорниците се согласија за нужноста од стратешки пристап кон домувањето за да се намали, па и спречи егзодусот на најквалификуваниот кадар, како неспорен и докажан промотор на иновации и главен носител на развојот во сите средини.