Македонија
(Видео) Царовска: Кандидирајте се за пратеничка, направете го тоа одлучно и самоиницијативно
„Го почнавме изборот на најодговорни кандидатки и кандидати за пратенички и пратеници од независноста до сега. Заедно со нив ќе одиме кон нова победа и ќе креираме политики со кои ќе ја движиме државата напред.Родовата еднаквост и еднаква застапеноста на жените во политиката беа и остануваат наш приоритет на којшто посветено работиме. На кандидатските листи за првпат настапуваме со ист број жени и мажи. Бидејќи педесет со педесет е соодносот што треба да го отсликува нашето општество“, повика Мила Царовска од СДСМ.
„Сите одлуки ќе ги носиме заедно, подеднакво силни и гласни, еднакво застапени, како што доликува на секоја прогресивна и демократска земја. За ова се боревме и во оваа насока продолжуваме, за наскоро 50-50 да видиме и на советничките листи за локалните избори. Ги повикувам сите жени кои ги делат социјалдемократските идеали, кои имаат желба и визија за подобро утре, да веруваат во себе и да ни се приклучат кон промените. СДСМ е партија која умее да препознае квалитет, вистинска и искрена заложба.
Кандидирајте се за пратеничка, направете го тоа одлучно и самоиницијативно! Да изградиме силен, независен парламент кој ќе продолжи да ги унапредува правата на жената и ќе поттикнува целосна еднаквост меѓу жените и мажите. Приклучете се, заедно да носиме позитивни промени, заедно да работиме во интерес на сите наши граѓанки и граѓани“, се вели во повикот на Царовска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Отворен почесен конзулат на Австрија во Битола
Денеска во Битола беше отворен конзулатот на Австрија, а функцијата почесен конзул ќе ја врши битолчанецот Игор Божиновски. Конзулатот на Австрија се наоѓа на улицата „Виенска“.
На свеченоста која се одржа се обрати австрискиот амбасадор Мартин Памер, македонскиот министер за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, конзулот Игор Божиновски и градоначалникот на Битола Тони Коњановски.
Градоначалникот Коњановски пред присутните ја истакна важноста на отворањето на уште еден конзулат во Битола, а со тоа и интензивирање на соработката со Австрија.
„Битола од денеска е побогата за уште еден конзулат, сега од пријателската држава Австрија, со што го враќаме епитетот Битола конзулски град“, истакна Коњановски пред присутните гости, дипломатскиот кор, пратеници и други гости.
Со ова Битола има седум почесни и два генерални конзулати.
Македонија
Николоски и Мисајловски во посета на Република Унгарија
Владина делегација предводена од вицепремиерот и министер за транспорт и министерот за одбрана, Александар Николоски и Владо Мисајловски, денеска се во работна посета на Унгарија.
За време на посетата министрите Мисајловски и Николоски остварија средби со главниот советник за национална безбедност, Марцел Биро и со Мате Лога, државен советник во Министерството за национална економија, за економски развој и национални финансиски сервиси.
Денешната работна посета е во насока на зајакнување на меѓусебната севкупна соработка меѓу двете земји особено на полето на одбрана и безбедноста и на економските врски.
Во рамки на денешната посета, како дел од македонската делегација, началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски оствари средба со својот унгарски колега генерал Габор Боронди, а државниот секретар во министерството за одбрана Елизабета Чуповска Ристова оствари средба со заменик-министерот за одбрана, Тамаш Варга.
Македонија
Населбата Бел Камен добива нова водоводна мрежа
Населбата Бел Камен добива нова водоводна мрежа, со што се решава долгогодишниот проблем со водоснабдувањето, изјави градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
„По даденото ветување за време на изборниот период, денес започнуваат градежните активности за поставување на нова водоводна мрежа во должина од повеќе од 600 метри, во соработка со Општина Бутел и ЈП „Водовод и канализација“, со што ќе се обезбеди сигурно, квалитетно и континуирано снабдување со вода за пиење за домаќинствата во Бел Камен“, вели Ѓорѓиевски.
Според него, овој зафат значи сигурно, квалитетно и континуирано водоснабдување за домаќинствата во Бел Камен, чиста вода за пиење во секој дом.
Ѓорѓиевски најави дека по поставувањето на новата водоводна мрежа, ќе следува и реконструкција на улиците.

