Култура
Претставата „Женидба“ на 20 февруари во МНТ
На 20 февруари, со почеток во 20 часот, на големата сцена во МНТ ќе гостува Народното позориште од Приштина/Грачаница со претставата „Женидба“, од Николај Василевич Гогољ, а во режија на Милан Караџиќ. Претставата е копродукциски проект помеѓу Народното позориште Приштина и Српско народно позориште од Нови Сад.
Според режисерот, Гогољ во „Женидба“ во прв план сакал да ги стави и да ги исмее општествените аномалии од своето време – лицемерството, желбата за статус по секоја цена, робувањето на нормите на граѓанското општество…
Женидбата за која тој говори не е женидба од љубов. Тоа е општествена обврска, статусен симбол, исполнување форма за која неговите ликови мечтаат и токму тоа ги прави комични. Иако се поминати многу години од кога е напишана драмата, сите тие аномалии сѐ уште се актуелни и присутни во секое општество, па и во нашето, и за нив е секогаш потребно да се говори во театарот.
Она што најмногу го поттикна и го инспирира режисерот да се одлучи токму за оваа драма е токму нејзиниот психолошки слој, односно маестрално нијансираните ликови, кои не се црно-бели, туку се многу живописни, но истовремено и подложни на осуди и сожалувања, кои поради сопствената безволност и нерасположеност на духот, стравот да излезат од сопствената капсула, не се во состојба да направат каков било чекор во своите животи. За да ги разбереме ликовите денес, сѐ што треба да направиме е да се видиме во огледало.
Во претставата играат: Jeлена Орловиќ, Милена Јакшиќ, Аника Груиќ, Милан Васиќ, Игор Дамњановиќ, Милорад Капор, Небојша Ѓорѓевиќ, Бојан Стојчетовиќ, Бранко Бабовиќ, Тамара Томановиќ, Бранко Бабовиќ. Костимограф е Драгица Лаушевиќ, а сценографијата и изборот на музиката се на Милан Караџиќ. Билетите се пуштени во продажба преку веб-страницата www.mnt.mk и на билетарницата во МНТ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ втора меѓународна изложба на уметничка фотографија „Мотус 2025“
Здружението за промоција на интелектуални, мултикултурни и спортски вредности – Мотус од Куманово, преку својот Фото клуб – Мотус, во период од 18 декември (четврток) 2025 во просториите на Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, ќе ја организира втората Меѓународна изложба на уметничка фотографија Мотус 2025.
На изложбата ќе бидат изложени пеесетина фотографии. Учество зедоа 249 автори од 50 земји.

Финансиер на изложбата е Општина Куманово, преку програмата за подршка на културни манифестации за 2025 година, а истата е под патронат на Меѓународната Федрација на Фотографска Уметност (ФИАП 2025/393), (Фото Сојуз на Македонија (ФСМ 2025/003) и Меѓународна Фото Асоцијација Дунав (ДИПА 2025/054).
Изложбата ќе биде отворена на 18 (четврток) декември 2025 во 19:30 часот во просториите на Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово.
Култура
„Интер(но)фејс“ на Борис Шемов во „Мала станица“
На 18 декември 2025 година, со почеток во 20.00 часот, во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, во рамките на програмските активности на Националната галерија, ќе биде отворена изложбата „Интер(но)фејс“ на уметникот Борис Шемов, курирана од д-р Ана Франговска.
„Интер(но)фејс“ е мултимедијален проект кој се фокусира на односот меѓу човекот и вештачката интелигенција, на улогата на јазикот како визуелно, идеолошко и комуникациско средство, како и на пост-интернет естетиката како нова културна реалност. Преку различни медиумски форми – текстуални интервенции, видео-содржини, алгоритамски и дигитални процеси – изложбата отвора прашања за моќта, контролата, технологијата и трансформацијата на субјектот во современиот дигитален контекст.
Насловот „Интер(но)фејс“ упатува на двојната природа на интерфејсот – како техничка површина на комуникација меѓу човекот и машината, но и како внатрешен, идеолошки простор во кој се преговараат значењата, одлуките и позициите на моќ. Изложбата го третира интерфејсот не само како функционален медиум, туку како критичка зона на судир меѓу човечкото искуство и алгоритамската логика.
Проектот се надоврзува на актуелните уметнички и теориски дискурси за постхуманизмот, визуелната култура и дигиталната медијација на реалноста. Во таа рамка, „Интер(но)фејс“ ја поставува вештачката интелигенција не како неутрален технолошки алат, туку како активен фактор во креирањето на современите културни, политички и етички релации.
Изложбата „Интер(но)фејс“ може да се посети во периодот од 18 до 24 декември 2025 година во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, Национална галерија, Скопје.
Култура
Концерт на Драган Ѓорѓевиќ-Сузуки и Дино Имери во Музејот на македонската борба
На 17 декември (среда), со почеток во 20 часот, во амбиентот на Музејот на македонската борба, ќе се одржи концерт на двајцата истакнати уметници од регионалната и меѓународната сцена – виолончелистот Драган Ѓорѓевиќ Сузуки, еден од најценетите и највлијателни виолончелисти во регионот, и пијанистот Дино Имери, волшебникот на пијаното.
Сузуки е препознатлив по својата извонредна техничка виртуозност, длабока музикалност и силно сценско присуство, а критиката и публиката го вбројуваат меѓу најдобрите виолончелисти на Балканот. Заедно со Дино Имери, еден од најреномираните македонски пијанисти, тие носат концертна вечер од врвен уметнички ранг.
Публиката ќе има можност да ужива во внимателно избрана програма со дела од: Бетовен, Шнитке, Шуман, Дебиси, како и композиции од Имери Илкоска, носејќи свеж и современ израз во концертната вечер.
Концертот е со слободен влез, претставувајќи ретка можност за љубителите на класичната музика да доживеат висок уметнички квалитет и инспиративна интерпретација.

