Македонија
Обвинителството со детали за предистражната постапка што се води за медицинскиот отпад од Битола
Основното јавно обвинителство Скопје соопшти детали за пријавувањето на случајот со несоодветното третирање на медицинскиот отпад на фирма од Битола и за предистражната постапка што е почната.
Според Обвинителството, кривичната пријава во предметот за третманот на медицинскиот отпад од страна на фирмата „Екоклуб“ од Битола на записник ја поднел главниот инспектор во Град Скопје на 13.12.2019 година, три дена откога го забележал настанот. При поднесувањето на пријавата, тој, според Обвинителството, не доставил материјални докази, а за настанот не е приложена ниту службена белешка ниту записник за констатирани неправилности од страна на подносителот инспектор.
„Веднаш истиот ден по приемот на кривичната пријава, дежурниот јавен обвинител пред кој беше пријавен настанот и кој изготви записник за прием на кривична пријава, издаде наредба до СВР Скопје за да се направат неопходни проверки со кои ќе се обезбедат докази во поглед на наводите во пријавата. Од страна на СВР Скопје беше постапено по наредбата и до Основното јавно обвинителство Скопје беше доставено известување со обезбедени и приложени писмени докази, и тоа: писмен допис од Државниот инспекторат за животна средина со записник за извршен инспекциски надзор од 12.12.2019 година, како и решение од тој Инспекторат со кој се задолжува правното лице кај кое бил извршен надзорот да изврши мерење на емисии на гасови во воздухот од емитерот на автоклавот за третман на медицински отпад и годишен извештај за постапување со отпад од 30.1.2019 година со придружна документација“, информира Обвинителството.
Исто така, поднесен е и извештај за тестирање, кој се однесува на мерење и анализа на концентрацијата на загадувачки супстанции во отпадните гасови од емитер од 23.2.2018 година, договор за вршење услуга – третман на отпад од 4.10.2017 година склучен меѓу „Дрисла“ ДОО Скопје и „Екоклуб“ – Битола, дозвола за вршење дејност – собирање и транспортирање опасен отпад од 18.11.2016 година, издадена од Министерството за животна средина и просторно планирање, дозвола за вршење дејност – складирање и третман на опасен отпад од 3.11.2016 година, издадена од Министерството за животна средина и просторно планирање, одобрение за вршење превоз на опасни материи во патниот сообраќај од 1.6.2018 година, издадено од Министерството за транспорт и врски, тековна состојба за правното лице „Екоклуб“ – Битола, податоци за правните субјекти со кои „Екоклуб“ соработувал во вршењето на дејноста, елаборат за животна средина за поставување постројка за дезинфекција на медицински отпад од септември 2016 година и решение за одобрување на тој елаборат од Министерството за животна средина и просторно планирање, како и фотодокументација за затекната состојба во просториите на правното лице на 13.12.2019 година кога по наредба на јавниот обвинител, беше извршен увид на самото место.
„Од направените проверки од СВР Скопје и од досега обезбедените писмени докази, Обвинителството во предистражна постапка утврди определени факти од значење за пријавениот настан. За целосно утврдување на фактичката состојба, Обвинителството ја продолжува предистражната постапка. Надлежниот јавен обвинител, денеска до СВР Скопје – Единица за економски и компјутерски криминал издаде наредба од мобилниот телефон на главниот инспектор во Град Скопје да бидат издвоени видеоматеријалите што тој ги снимил со цел овие материјали да бидат обезбедени на законски начин. Од страна на Град Скопје, дополнително на 31.1.2020 година, преку архивата на Обвинителството, е доставено ЦД со определени материјали.
Исто така, до Државниот инспекторат за животна средина е издадено барање за достава на податоци за сите дополнителни проверки и за констатираните состојби во постапувањето со медицински отпад од страна на правното лице, а до Управата за финансиска полиција беше издадена наредба за проверки во поглед на финансиското работење на правниот субјект“, се наведува во соопштението.
Овој предмет во Основното јавно обвинителство Скопје беше оформен по непосредно доаѓање на главниот инспектор во Град Скопје три дена откако тој ги констатирал состојбите на терен. При неговото доаѓање, тој на записник пред дежурниот јавен обвинител го пријави настанот за што беше изготвен записник за прием на кривична пријава, а Обвинителството постапи веднаш истиот ден. Основното јавно обвинителство Скопје и надлежниот јавен обвинител по овој предмет постапуваат итно, со даден приоритет и во согласност со Законот за кривичната постапка. Во зависност од сите направени проверки и од обезбедените докази од надлежните државни институции ќе биде донесена мериторна јавнообвинителска одлука, велат од Обвинителството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Обновата на А-интегрираната дозвола за „ТИТАН Усје“ отвора простор за граѓански услови, велат од „Стоп за Усје“
Граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“ ја информира јавноста дека започнува процесот на обнова на А-интегрираната еколошка дозвола за цементарницата ТИТАН Усје и ги повика граѓаните и стручната јавност активно да се вклучат во јавната расправа.
Во соопштението испратено до медиумите, иницијативата наведува дека работата на цементарницата е регулирана со А-интегрирана еколошка дозвола издадена од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), а рокот до кој компанијата треба да поднесе барање за обнова на дозволата за наредните седум години е 12 март 2026 година.
„Стоп за Усје“ смета дека токму во овој процес треба да се вградат нивните барања во новата дозвола, со цел, како што наведуваат, да се обезбеди поголема заштита на здравјето и животната средина во Скопје.
Од иницијативата посочуваат дека во моментов компанијата врши мерења и јавно објавува податоци само за две од вкупно 12 емисиони точки, што, според нив, не дава целосна слика за загадувањето.
Тие информираат дека по објавувањето на барањето за обнова на дозволата, МЖСПП, Град Скопје и ТИТАН Усје се законски обврзани да организираат јавна расправа, во рамки на која граѓаните ќе можат да дадат свои предлози и забелешки.
Според соопштението, во процесот на јавна расправа може да се влијае врз условите што ќе бидат вклучени во новата дозвола, како што се примената на најдобри достапни техники и технологии (BAT), видот на филтри, граничните вредности на емисии, параметрите што ќе се мерат, фреквенцијата на мерења и начинот на јавно објавување на резултатите.
Од „Стоп за Усје“ наведуваат дека МЖСПП има законска обврска јавно да соопшти кои предлози од јавната расправа ги прифаќа, а кои ги одбива.
„Ова е уште една причина зошто секој граѓанин, а особено еколошките експерти, професори, здруженија и активисти, мора активно да се вклучат во процесот на измени на А-интегрираната еколошка дозвола. Доколку и самото ТИТАН Усје кое тврди дека не е загадувач, туку дека одговорноста е кај граѓаните, има можност доброволно да ги прифати сите предлози што одат во насока на почиста животна средина и целосна транспарентност“, се додава.
Македонија
(Видео) СДСМ обвини за операција за враќање на Груевски: Мицкоски е чувар на фотелјата, велат од партијата
СДСМ денеска на прес-конференција преку членката на Извршниот одбор, Симона Цветановски, обвини дека ВМРО-ДПМНЕ спроведува, како што рекоа, внимателно планирана операција за рехабилитација и враќање во земјата на поранешниот премиер Никола Груевски.
„Очигледни се напорите на ВМРО да го рехабилитираат и вратат во земјата осудениот бегалец Никола Груевски. Христијан Мицкоски е привремен чувар на фотелјата за вистинскиот газда на ВМРО. Станува збор за внимателно планирана операција која ги поткопува темелите на нашата правна држава“, рече таа.
Според неа, првиот сигнал е можната промена на политичките околности во Унгарија и губењето на, како што рече, политичкиот штит што му овозможувал заштита од екстрадиција.
Вториот чекор, според СДСМ, е укинувањето на потпретседателските позиции во ВМРО-ДПМНЕ, што Цветановски го оцени како стратешки потег за елиминирање на внатрешната конкуренција и подготовка на теренот за враќање на Груевски на чело на партијата.
Третиот елемент, како што посочи, е нападот врз предметите што ги водеше Специјалното јавно обвинителство и, според неа, обид за дискредитација на СЈО и пресудите поврзани со поранешниот премиер.
Како четврта точка, Цветановски ја наведе изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека ова му е последен мандат како претседател на партијата и дека нема да го менува статутот.
„Овие маневри не се само партиска игра. Тие се директен напад врз владеењето на правото“, истакна Цветановски, додавајќи дека, според СДСМ, се носат правосудни закони што не се во согласност со препораките на ЕУ и се вршат кадровски поставувања во обвинителството блиски до ВМРО-ДПМНЕ.
Од ВМРО-ДПМНЕ засега нема реакција на овие ставови.
Македонија
„Сите сме под стрес“: сопругата на пејачот Даниел Кајмакоски разговараше со медиумите по киднапирањето
Сопругата на македонскиот пејач Даниел Кајмакоски, Марина, се огласи еден ден по неговото киднапирање .
Имено, ноќта меѓу сабота и недела пејачот бил киднапиран од двајца мажи во Белград, а со брза и ефикасна реакција на полицијата – поминал неповреден.
„Што да ви кажам, сите сме под стрес. Даниел сега е добро, се опоравува и е тука со нас, а што се однесува до целиот случај, не смееме ништо да зборуваме поради истрагата“ истакна сопругата на пејачот.
Сè е препуштено на адвокатот, а јас ги молам сите за разбирање – кратко изјави Марина за „Блиц“.
Во меѓувреме, соседите во Рума зборуваа за киднапирањето и што се случувало кобната ноќ.
Милка Ј., чие домаќинство се наоѓа во близина на местото каде што киднаперите го напуштиле возилото, откри детали од агонијата низ која поминала кога нејзиниот сопруг среде ноќ излегол да го провери имотот.
„Мојот сопруг ги слушна кучињата како силно лаат и излезе да ја провери шталата, за да се увери дека никој не се крие внатре. Јас му довикувам: „Каде одиш, ќе те удрат со нешто по глава и ќе те убијат!“ Се плашам, ние не сме оградени. Да сакале, можеле со нога да ја скршат вратата и стаклото. Фала му на Бога што не го направија тоа! Овде има четири напуштени куќи, можеле каде било да се сокријат, но полицијата сега го прегледа сето тоа – раскажува потресената Милка и додава дека полицајците пристигнале до нивната куќа рано наутро“, рече таа, а пренесе „Курир.рс“.
„Разговараа со мојот сопруг, го прашаа дали сме виделе сомнителни лица. Кога ги видов, прво помислив дека соседите тргнале на лов, затоа што видов пушки… дури подоцна сфативме што се случува“, додаде.
Кајмакоски беше киднапиран ноќта кон неделата од страна на две лица кои по настап во Белград присилно го внеле во своето возило. По полициската потера, и ударот на автомобилот во банкина, полицијата го пронајде Кајмакоски, додека киднаперите кои побегнале се’ уште не се најдени.

