Македонија
Костадинов: Платите растат, невработеноста ја намаливме на 17,1 отсто
„Политиките на СДСМ за само две и пол години направија пресврт во економијата, пресврт во раст на платите, пресврт во стапката на невработеност. По минусот од 1,8 на економијата во 2017 година, со одговорните политики направивме пресврт и имаме раст на БДП од 3,5 отсто. Стапката на невработеност се намали 5,5-процентни поени и таа денес изнесува рекордни ниски 17,1 отсто“, изјави Костадин Костадинов, пратеник и портпарол на СДСМ.
Според него, преку Фондот за иновации и технолошки развој досега се поддржани 314 компании со 57 милиони евра. Тоа е 57 пати повеќе отколку во 2017 кога триесеттина компании биле поддржани со само 1 милион евра.
„Со новиот оперативен план за вработување за 2020 година со рекорден буџет од 1,4 милијарда денари дополнително ќе се зголеми поддршката на домашната економија. Инвестираме во компаниите, но инвестираме и во работниците. За две и пол години, направивме пресврт во платите во сите сектори. Минималната плата изнесува 14.500 денари, што е огромни 60 отсто повеќе отколку во 2017 кога таа изнесуваше само 9.000 денари.
Позитивен пресврт во платите се случи и во образованието, здравството, социјалната и детската заштита, одбраната, полицијата, културата. Сите вработени во овие дејности денеска добиваат значително повисоки плати. Создадовме услови за раст на платите и во приватниот сектор и тоа се случува. Само со последна мерка за субвенционирање на придонесите за раст на платите 106.000 работници добиваат повисоки плати. Пред јавноста ветивме концепт што ќе ги враќа парите кај граѓаните, но и ќе ја придвижи економијата.
Денес, на повеќе од 2,5 години од мандатот, концептот парите назад кај граѓаните е целосно исполнет. Платите и пензиите растат, трошоците се намалуваат и сè повеќе пари остануваат во семејствата. Економијата е стабилна, базирана на реални основи и се движи во добра насока. Како одговорна партија продолжуваме да работиме во интерес на граѓаните, создаваме мерки и политики што ја движат економијата напред“, додаде тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Мециновиќ: Владата води историски најопасна надворешна политика по државните интереси
На денешната седница за пратенички прашања, пратеникот од Левица Амар Мециновиќ даде критички осврт на надворешната политика која ја води владата на ВМРО-ДПМНЕ. Мециновиќ на почетокот се осврна на тоа зошто министерот Муцунски не е присутен на пратеничките прашања и праша дали можеби неговото отсуство е поврзано со градењето на новиот објект на покривот на Министерството за надворешни работи.
„Јас и претходно реагирав за едно многу контроверзно гласање во Генералното собрание на Обединетите Нации. Тоа е гласањето против обидот за носење на резолуција за прекин на огнот во Газа. Тогаш вие гласавте против, надвор од очекувањата на македонското општество и надвор од традицијата дипломатска која Македонија ја има”, истакна Мециновиќ.
Пратеникот од Левица дополни дека ова е првиот владин кабинет за надворешна политика кој гласал против кревањето на ембаргото на Куба. Ваквиот чекор според Мециновиќ претставува најгруб дисконтинуитет во традицијата на македонската дипломатија.
Тој се осврна и на односите со Кина, безвизниот режим и прашањето за Тајван, како и на поширокиот геополитички контекст на продлабочена криза во трансатлантските односи. Ја обвини Владата дека во момент кога САД стануваат сè понепредвидлив партнер, таа ја врзува Македонија исклучиво за американската линија, занемарувајќи ја европската траекторија.
„Албанија воведе безвизен режим со Кина и се приближува кон Европската Унија. Вие не воведувате безвизен режим и се оддалечувате од Европската унија. Моето пратеничко прашање е: каде оди овој брод?” – праша пратеникот од Левица.
Македонија
Министерство за правда: Собранието ја изгласа потребата од носење на Предлог законот за Судски совет
Со мнозинство гласови пратениците ја изгласаа потребата од носење на Предлог законот за Судски совет. Законот се проследува на второ читање, информираат од Министерството за правда.
Министерот за правда Игор Филков во своето обраќање рече дека со овој закон во министерството е започната нова ера на работа и функционирање, во којашто секој битен и суштински закон за граѓаните на Република Македонија ќе се изготвува низ отворен, јавен и транспарентен процес.
,, Клучни новини кои се предвидени со Законот се:
Јавност во постапката за разрешување на претседател на Судскиот совет,
За прв пат прецизирање на критериумите за избор на „истакнат правник“.
Воведување јавна расправа при избор на кандидатите за не-судски членови со цел поголема транспарентност и одговорност,
Зајакнување на критериумите за избор, одговорност и разрешување на членови на Советот од редот на судиите,
Јасно прецизирање на постапката за дисциплинска одговорност на судиите, но и на членовите на судскиот совет,
Воспоставување обврска Судскиот совет да ги прецизира, индивидуализира и образложи одлуките за избор и утврдување одговорност на судиите,
Утврдување на рокови за преземање дејствија за дисциплинска одговорност на судиите, како и прецизирање на основите и постапката за жалба против одлуката на Судскиот совет, како и
бројни други решенија за унапредување на целокупната правна рамка согласно препораките на ЕУ”, рече Филков.
Тој изрази жалење што дел од опозицијата не беше присутна на седницата за носење на, како што оценува, исклучително важен закон кој е дел од Реформската агенда.
Македонија
Утре, во утринските часови наместа со појава на магла, во текот на денот сончево со умерена облачност
Утре во утринските часови наместа ќе има појава на магла, а во текот на денот сончево со умерена облачност и претежно тивко. Во северозападните делови повремено ќе има зголемена облачност со услови за слаб дожд.
Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 1, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината ќе има појава на магла. Во текот на денот времето ќе биде умерено до значително облачно и претежно тивко.
Минималната температура ќе се спушти до -4, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Во наредните денови продолжува периодот на стабилно и претежно тивко време. Во утринските и ноќните часови по одделни котлини ќе има појава на магла.

