Македонија
Зајкова: Студентите ќе добиваат поздрав оброк, пратениците го изгласаа предлогот на ЛДП
Редовните студенти од државните и приватните универзитети од наредната академска година ќе добиваат субвенциониран оброк од 120 денари дневно. Предлог-законот за субвенциониран студентски оброк, кој го иницира Либерално-демократската партија, синоќа беше усвоен на пленарна седница на Собранието, а за него поддршка дадоа пратениците и од власта и од опозицијата.
„Преку Законот за субвенционираниот студентски оброк, што тимот на ЛДП го подготви врз основа на сличен проект што веќе со години функционира во Словенија, обезбедуваме можност студентите за значително пониска цена да може да се хранат кај регистрирани даватели на услуги, кои ќе потпишат договор со Министерството за образование и наука за субвенционирање на студентскиот оброк“, вели Моника Зајкова, потпретседателка на ЛДП.
Таа објаснува дека студентите од Министерството за образование и наука ќе добиваат финансиска поддршка во износ од 120 денари дневно, наменета за купување приготвена храна. На тој начин се обезбедува финансиска поддршка, но и поквалитетен и поздрав живот за младите во периодот на студенстките денови.
„Во согласно со предложеното законско решение право на субвенциониран оброк ќе имаат редовните студенти на додипломски студии на државните и на приватните универзитети, државјани на Република Северна Македонија, кои се регистрирани во системот, по пат на посебна пријава што студентот ќе ја поднесе при запишување во тековната академска година, а кои не се во редовен работен однос, не се регистрирани како индивидуални земјоделци и немаат месечен приход по кој било основ поголем од минималната нето-плата во Републиката за тековната година“, дополнува Зајкова.
Оваа можност студентите ќе имаат право да ја користат од понеделник до петок, од осум часот наутро до 20 часот навечер, а таа не важи за време на викенд и државни празници.
„Морам да истакнам дека значењето на овој проект го препознаа и Владата, која даде позитивно мислење за ова законско решение, но и пратениците од сите пратенички групи, кои го поддржаа предлогот на ЛДП и дадоа свој придонес во подобрување на текстот. Нема поисплатлива инвестиција од инвестирањето во младите! ЛДП и понатаму ќе иницира нови предлози за подобар студентски стандард. Нашите студенти ги заслужуваат истите услови за студирање како студентите од државите членки на Европа“, завршува Зајкова.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Даниел не се замерил со никого, мотивот најверојатно е пари, рече адвокатот на Кајмакоски кој по киднапирањето е стабилен, но под стрес
Македонскиот пејач, Даниел Кајмакоски, беше киднапиран во Белград ноќта меѓу сабота и недела, а по трауматичниот настан моментално се опоравува, со поддршка од семејството и најблиските.
Неговиот адвокат Бранислав Станишиќ потврди дека Кајмакоски е физички стабилен, но дека последиците од шокот сè уште се присутни.
Како што наведе, истрагата е во тек.
„Истрагата е во тек и таа ќе потрае. Што се однесува до Даниел, тој е психички и физички добро, што во овој момент е најважно за него и за семејството. Оваа ситуација остави, условно кажано, последици од шок, но фала му на Бога, ги надминува“, изјави Станишиќ, пренесоа српските медиуми.
„Ако ме прашате за самиот случај, не можеме да изнесеме премногу информации додека осомничените за извршување на ова гнасно кривично дело не бидат приведени пред правдата, бидејќи потрагата по нив сè уште трае. Во договор со полицијата, во овој момент не можеме да споделиме повеќе детали. Осомничените го напуштиле местото кај Рума, односно локацијата каде што автомобилот останал запрен по удар во банкина. Оттогаш ја напуштиле таа област и по нив сè уште се трага“, додаде адвокатот.
Тој изјави дека потрагата се движи во насока на лица кои најверојатно се од турско потекло.
„Засега тоа е информацијата со која располагаме. Најверојатно не се државјани на Република Србија. Зборувале на турски јазик или на некој сличен, а и нивниот изглед упатувал на тоа дека се од некоја таква земја. Не знаеме дали станува збор за мигранти или во каков статус престојувале тука. Со Даниел сум во постојан контакт и реагираме во координација со полицијата“, рече Станишиќ.
Адвокатот нагласи дека Кајмакоски не се замерил со никого и дека немал причина да претпостави дека би можело да му се случи вакво нешто.
„Даниел пред сè е уметник и не е човек кој би можел да препознае знаци дека некој евентуално го следи. Тој лично не забележал ништо. Никогаш никому не му замерил, нема причина некој од лични побуди да посегне по него. Да имало некаков сомнеж, веројатно и самиот би помислил дека нешто вакво може да се случи. Својот работен ангажман го извршува професионално и никогаш не бил дрзок или навредлив кон некого“, изјави Станишиќ.
Тој додаде дека според нивната проценка, мотивот најверојатно бил материјална корист.
„Ова најверојатно е направено со цел стекнување материјална корист. Даниел има доверба во полицијата и убедени сме дека тие професионално ќе си ја завршат работата. Се надеваме дека потрагата по осомничените ќе заврши брзо, бидејќи полицијата е на висина на задачата“, заклучи адвокатот.
Македонија
Четворица заболени од шуга во касарната во Велес, епидемиологот Оранска рече дека болеста е донесена однадвор
Кај четворица слушатели на курсот за професионални војници во велешката касарна е потврдена шуга. Тие се пуштени на домашно лекување и се во стабилна состојба, додека од Армијата велат дека се спроведени здравствени протоколи и дека состојбата на останатите слушатели е под редовен надзор.
Потполковник Лариса Оранска, епидемиолог во Воено-медицинскиот центар, информира дека првиот случај бил регистриран минатиот четврток, по што веднаш бил извршен увид и биле активирани превентивни мерки. Заболеното лице било упатено на специјалистички преглед и домашно лекување, а потоа бил спроведен вонреден здравствен надзор.
Сите присутни војници биле прегледани, при што лицата со кожни промени биле дополнително упатени на специјалист. Останатите се без симптоми и продолжуваат со редовните активности. Оранска посочи дека болеста не потекнува од Армијата и дека, според проценките, е внесена однадвор.
„Шугата сигурно е донесена однадвор. Досега не сме имале во Армијата случај нити кај старешините, нити кај професионалните војници. Тоа е сигурно внесено однадвор“, изјави Оранска.
Во објектите каде што се сместени слушателите е спроведена целосна дезинфекција, дезинсекција и дератизација. Надзорот ќе продолжи секојдневно, имајќи предвид дека инкубацијата на болеста може да трае од 10 дена до шест недели.
Портпаролот на Генералштабот, потполковник Дарко Стерјовски, изјави дека условите во касарната се во согласност со правилниците и ги отфрли наводите за несоодветни услови, вклучително и тврдењата дека нема топла вода. Според него, во објектот има соодветно греење и услови за нормален живот и обука.
Македонија
Обновата на А-интегрираната дозвола за „ТИТАН Усје“ отвора простор за граѓански услови, велат од „Стоп за Усје“
Граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“ ја информира јавноста дека започнува процесот на обнова на А-интегрираната еколошка дозвола за цементарницата ТИТАН Усје и ги повика граѓаните и стручната јавност активно да се вклучат во јавната расправа.
Во соопштението испратено до медиумите, иницијативата наведува дека работата на цементарницата е регулирана со А-интегрирана еколошка дозвола издадена од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), а рокот до кој компанијата треба да поднесе барање за обнова на дозволата за наредните седум години е 12 март 2026 година.
„Стоп за Усје“ смета дека токму во овој процес треба да се вградат нивните барања во новата дозвола, со цел, како што наведуваат, да се обезбеди поголема заштита на здравјето и животната средина во Скопје.
Од иницијативата посочуваат дека во моментов компанијата врши мерења и јавно објавува податоци само за две од вкупно 12 емисиони точки, што, според нив, не дава целосна слика за загадувањето.
Тие информираат дека по објавувањето на барањето за обнова на дозволата, МЖСПП, Град Скопје и ТИТАН Усје се законски обврзани да организираат јавна расправа, во рамки на која граѓаните ќе можат да дадат свои предлози и забелешки.
Според соопштението, во процесот на јавна расправа може да се влијае врз условите што ќе бидат вклучени во новата дозвола, како што се примената на најдобри достапни техники и технологии (BAT), видот на филтри, граничните вредности на емисии, параметрите што ќе се мерат, фреквенцијата на мерења и начинот на јавно објавување на резултатите.
Од „Стоп за Усје“ наведуваат дека МЖСПП има законска обврска јавно да соопшти кои предлози од јавната расправа ги прифаќа, а кои ги одбива.
„Ова е уште една причина зошто секој граѓанин, а особено еколошките експерти, професори, здруженија и активисти, мора активно да се вклучат во процесот на измени на А-интегрираната еколошка дозвола. Доколку и самото ТИТАН Усје кое тврди дека не е загадувач, туку дека одговорноста е кај граѓаните, има можност доброволно да ги прифати сите предлози што одат во насока на почиста животна средина и целосна транспарентност“, се додава.

