Македонија
Полицијата му го следи фејсбук-профилот на Бранко Тричковски по упатените навреди кон Мизрахи

Секторот за компјутерски криминал му го анализира фејсбук-профилот на новинарот Бранко Тричковски, кој на 6 февруари годинава напиша објава со навреда кон техничката министерка за труд и социјална политика, Рашела Мизрахи, со натпис: „Слушам дека Мизерахи пак јадела хумус од мртви Евреи“.
Како што информираат од МВР, доставено е известување до скопското Основно јавно обвинителство со цел издавање барање адресирано до компанијата „Фејсбук“, која треба да достави кориснички податоци за профилот.
По добивање на потребните податоци, ќе бидат преземени мерки за според процедурите да се утврди сторителот на кривичните дела ширење расистички и ксенофобичен материјал преку компјутерски систем и предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Засилен систем за енергетска транзиција – стартува Единица за техничка поддршка

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини поддржа формирање на Единица за техничка поддршка (ЕТП) чија цел е помош во координација на процесот на енергетска транзиција.
ЕТП ќе претставува клучна алка во поврзувањето на сите релевантни чинители: државните институции, јавните претпријатија, приватниот сектор, синдикатите, регулаторните тела и меѓународните партнери.
„Со формирањето на оваа Единица воспоставуваме јасен систем за поддршка на целиот процес, координација, следење и дијалог со сите засегнати страни. Целта е да обезбедиме забрзана и поорганизирана транзиција, со конкретни резултати и со целосна отчетност пред јавноста,“ порача министерката Сања Божиновска.
„Процесот на праведна транзиција е сложен и бара целосна координација, одговорност и заедничка работа. Нашата земја има амбиција да постигне јаглеродна неутралност до 2050 година и да го напушти јагленот како ресурс за производство на електрична енергија. Но еднакво важно е да се осигураме дека ниту една заедница или поединец нема да биде запоставен,“ нагласи министерката Божиновска.
ЕТП ќе функционира под надзор на Министерството за енергетика, а во неговиот состав се вклучени експерти од области како енергетика, комуникации и проектен менаџмент.
„Само преку систематски и транспарентен пристап можеме да ја обезбедиме довербата на граѓаните и поддршката на сите засегнати страни. Формирањето на оваа Единица е чекор напред во градење на силна институционална основа за успешна и праведна енергетска транзиција,“ додаде министерката Божиновска.
Македонија
СДСМ: Учебници сè уште нема, потребно е итно решение

СДСМ денеска преку портпаролката Богданка Кузеска потсети дека е поминат еден месец од почетокот на учебната година, а голем дел од учениците сè уште немаат учебници.
Од партијата посочуваат дека дел од учениците се приморани да учат без учебници, а дел располагаат со стари и оштетени изданија. Родителите не треба да печатат материјали дома, ниту наставниците да импровизираат, велат од СДСМ.
Според нив, обврска на Министерството за образование и наука е да обезбеди учебници навремено за сите ученици. Од таму бараат итно да се најде решение и учебниците да бидат доставени во најкраток рок.
Македонија
Субвенции за филтри на оџаците за домаќинствата што се греат на дрва, Мицкоски најави вонредна мерка за почист воздух

Во пресрет на новата грејна сезона Владата размислува за субвенции за филтри на оџаците за домаќинствата што се греат на дрва и фосилни горива. Субвенцијата би била на принципот прв дојден прв услужен исто како и субвенциите за клима-уреди и топлински пумпи. За субвенциите за филтри на оџаците, премиерот Христијан Мицкоски најави дека на негова иницијатива ќе се разговара на денешната седница на Владата.
„Бидејќи гасификацијата е процес што ќе трае подолго, нема да имаме брзи резултати. Можеби треба да размислиме по истиот принцип како што субвенционираме за клима-уреди, за топлински пумпи и субвенционирање сметки за струја на социјално ранливи категории на приближно пет-десет илјади домаќинства да им обезбедиме филтри на оџаците. Тоа е за оние домаќинства што користат фосилни горива, односно дрва. Изминативе неколку дена работев лично на оваа проблематика и гледам дека голем дел од градовите на тој начин го намалиле загадувањето“, рече премиерот Христијан Мицкоски по пуштањето во употреба на затворениот базен во Штип.
Покрај субвенциите за домаќинствата, Владата ќе ја разгледа можноста да се инсталираат филтри на оџаците на државните објекти што користат фосилни горива, чија бројка е речиси 500.
Премиерот Мицкоски вели дека оваа мерка ја најавува однапред имајќи предвид дека кога ќе почне грејната сезона, ќе има активисти што ќе се борат за воздух, иако, како што нагласи, ги немаше никаде изминативе седум години. Владата ќе бара законски начин за доделување на субвенциите во пресрет на грејната сезона, која се поклопува со предизборниот период.
„Треба да видиме со законодавството дали е тоа дозволено имајќи предвид дека сме во избори и изборите се веќе распишани, а ова би било вонредна мерка“, рече премиерот Мицкоски.
Според последниот попис на населението, во земјата има 349.402 домаќинства што се греат на дрва и други фосилни горива.