Македонија
Мицкоски до италијанскиот министер Ди Мајо: Потребен е закон за ЈО кој ќе биде напишан од експерти

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски заедно со делегација од високи партиски функционери денеска остварија средба со министерот за надворешни работи на Република Италија, Луиџи Ди Мајо.
На средбата се разговараше за актуелната политичка ситуација во државата, претстојните парламентарни избори и европската перспектива на Македонија.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека Европската Унија е главен стратешки приоритет на Македонија, но изрази загриженост поради, како што рече, лошата економска ситуација, недоволното исполнување на реформите и противуставното носење на Законот за јавно обвинителство.
Мицкоски потенцираше дека потребен е закон за јавно обвинителство кој ќе биде напишан од експерти кој ќе гарантира вистинско владеење на правото и ќе ја доближи Македонија до Европската Унија. Додека законот кој го предложи владата на СДСМ, рече Мицкоски, е крајно неправеден закон со кој единствено се амнестираат криминалите кои се направени во изминативе години.
Тој додаде дека високата корупција и криминалните афери кои се поврзани со високите ешалони на власта за кои нема никаква правна разрешница претставуваат сериозен проблем во владеењето на правото и го нарушуваат патот на Македонија кон Европската Унија.
Мицкоски посочи дека владата која ќе ја формира ВМРО-ДПМНЕ веднаш ќе се посвети на исполнување на клучните реформи и ќе воведе економски мерки со цел доближување на Македонија до европските стандарди и вредности.
На средбата беше констатирана одличната соработка помеѓу двете држави и беше посочено дека во иднина постои простор за поголема соработка како на економски така и на научен план.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Обвиение за омраза кон директорот на Фондот на Холокаустот на Евреите во Македонија: Извикувал нацистички поздрави и пцуел на германски јазик

Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение против едно лице за кривично дело предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз основа на национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа.
Во спроведената претходна постапка, јавниот обвинител обезбеди докази со кои се потврдува основаноста на сомненијата дека обвинетиот го извршил делото кон припадник на еврејската заедница – директор на Фондот на Холокаустот на Евреите во Македонија.
На 26.12.2024 година, пред просториите на Фондот на улицата „11-ти Март“ во Скопје, додека оштетениот ги извршувал своите работни задачи, пред влезот поминал обвинетиот кој бил агресивен. Тој со гнев и омраза го свртел погледот кон оштетениот и започнал да гестикулира и да извикува нацистички поздрави, да пцуе и да упатува навредливи зборови на германски јазик.
Потоа се обидел да замине, но оштетениот веднаш пристапил кон полициското возило во близина и го пријавил. Кога полициските службеници му пристапиле на обвинетиот 59-годишник за да го легитимираат, тој продолжил да се заканува, па оштетениот почувствувал загрозување, несигурност и страв и се повлекол во просториите на музејот.
Македонија
Искршен штаб на СДСМ во Градско, партијата бара Тошковски веднаш да постапи

Синоќа се искршени стаклата на изборниот штаб на СДСМ во Градско. Според партијата, овој насилнички и вандалски чин го покажува стравот на власта од изборен пораз во Градско.
„Бидејќи нема што да им понуди на граѓаните ДПМНЕ прибегнува кон валкани методи и кршење на демократските стандарди. СДСМ порачува дека било какви обиди за заплашување на граѓаните или членовите се јалови и неуспешни. Му порачуваме на ДПМНЕ дека никој не им се плаши. Ги повикуваме јавно, барем еднаш, истрчајте чиста изборна трка, без подметнувања, без инциденти“, велат од СДСМ.
Од партијата бараат МВР и Панче Тошковски да не ги штитат насилниците, туку веднаш да постапат, без партиски директиви МВР да го расчисти случајот до крај и сторителите да одговараат.
„СДСМ ќе продолжи достоинствено, мирно и храбро да ја води кампањата затоа што оваа борба е за нашата држава, за нашиот дом, за Македонија. Од народната волја бегање нема а изборен пораз не се брани со камења, тоа досега требаше да го научите“, велат од СДСМ.
Македонија
Од почетокот на годинава 18.458 казни за возење без возачка дозвола

Во периодот од 1 јануари до 30 септември во рамки на континуираните полициски активности во делот на сообраќајот во сите Сектори за внатрешни работи, вклучително и активностите на Мобилната единица за безбедност на сообраќајот на патиштата, санкционирани се 18.458 возачи кои учествувале во сообраќајот без возачка дозвола.
Притоа најмногу вакви прекршоци се евидентирани на подрачјата на Секторите за внатрешни работи Струмица и Скопје, 3.275 и 3.202 прекршоци, понатаму на територија на СВР Битола санкционирани се 2.811 возачи за возење без возачка дозвола, на подрачје на СВР Тетово изречени се 2.086 мерки, а во СВР Куманово санкционирани се 1.660 возачи за управување без возачка дозвола.
Во првата недела од октомври, односно заклучно со 07.10.2025 година во рамки на сообраќајните контроли досега констатирани се 373 прекршоци за учество во сообраќај без возачка дозвола.
„Засилените сообраќајни контроли продолжуваат и во наредните денови. Апелираме до граѓаните да се почитуваат сообраќајните правила и прописи и со тоа сите да придонесеме за посигурни и побезбедни патишта за сите нас“, велат од МВР.