Македонија
СДСМ го поддржа предлогот на Спасовски за разрешување на Мизрахи

„Техничката министерка за труд и социјална политика, Рашела Мизрахи, мора да биде разрешена поради своето неодговорно и несериозно однесување. Мизрахи, кадарот на Никола Груевски и Христијан Мицкоски, свесно и намерно го крши Уставот и го погазува историскиот договор од Преспа, со што во ризик ги стави односите со соседите и процесот на евроинтеграциите“, изјави Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
Според неа, наместо да се стави во функција на обезбедување слободни и демократски избори, Мизрахи како министер во техничката Влада одлучи да спроведува наредби дадени од Мицкоски и Груевски.
„Мизрахи се осмели да злоупотреби државна институција во партиски цели, се осмели да го прекрши Уставот само за да ги исполни нарачките на Мицкоски и Груевски. Штетите од овие анти-НАТО и анти-ЕУ дејствување на ВМРО-ДПМНЕ може да бидат огромни за граѓаните, за државата, за нашата евро-атлантска иднина. Нема да дозволиме граѓаните и државата да бидат заложници на неодговорноста и да ја платат цената за овие штети што ги нанесува Мизрахи постапувајќи по насоките на Мицкоски и Груевски. Загрозувањето на договорот од Преспа е на директна штета на НАТО и ЕУ-членството и тоа мора итно да биде спречено. Затоа, го поддржуваме предлогот на претседателот на преодната Влада, Оливер Спасовски, за разрешување на техничката министерка Рашела Мизрахи“, додаде таа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
32-годишен скопјанец осомничен за разбојништво во Бучимци: маскиран и со ловечки нож ограбил соселанец

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против едно лице осомничено за кривично дело – Разбојништво од член 237 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Осомничениот 32-годишен скопјанец, на 18 август, маскиран со маица со која си го покрил лицето и капа, преку незаклучена влезна врата влегол во домот на негов соселанец во селото Бучимци. Во рацете држел ловечки нож и кога во една од собите го затекнал сопственикот, му се заканил дека ќе го убие ако не му даде пари.
Оштетениот, исплашен за својот живот, извадил 4.000 денари од комодата, но го замолил разбојникот да му дозволи да задржи барем 1.000 денари, бидејќи му се неопходни.
Осомничениот се согласил и го напуштил местото со 3.000 денари кои противправно ги одзел од сопственикот.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот, бидејќи постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство, можност за влијание врз сведокот/оштетен со заплашување и уценување, како и можност да го повтори делото.
Македонија
Зголемена фреквенција на возила на граничните премини Табановце и Богородица

Поради пожар во националниот Парк Јасен, регионалниот пат Р1106 Македонски Брод – Скопје затворен е за секаков вид на возила, извести АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќајот на патиштата надвор од градските средини е зголемен. Поради летните одмори, се бележи зголемена фреквенција на возила, на ГП „Табановце“ времето на чекање за влез е околу 20 минути, за излез е околу 40 минути.
На ГП „Богородица“ времето на чекање за излез знесува околу 20 минути, додека на останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања при влез или излез од државата.
Македонија
Вицепремиерот Николоски во Будимпешта на прослава на Националниот ден на Унгарија

Вицепремиерот Александар Николоски на покана на премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, присуствува на Националниот ден кој се слави во чест на Свети Стефан основачот на унгарската држава и христијанството во Унгарија.
Покрај учеството на прославата на националниот ден, предвидени се повеќе средби со високи претставници на владата на Унгарија, неколку министри и потенцијални инвестиции. На средбите е предвидено да се разговара за динамиката на проектите во Македонија како и за идната засилена економска соработка помеѓу двете држави.
Посетата на вицепремиерот е уште една потврда за одличното пријателство и соработката помеѓу Македонија и Унгарија, се додава во соопштението на Министерството за транспорт.