Македонија
Митрески: Да се донесат законот за ЈО и другите важни закони

Законот за јавно обвинителство е темел на реформите во правосудството и гарантира неселективна правда и одговорност за сите, изјави Јован Митрески, координатор на пратеничка група на СДСМ.
Според него, со законот, правниот систем добива трајно решение без потреба од специјални институции и ад хок експериментални решенија.
„Овој закон, но и другите закони важни за реформите мора да се најдат пред пратениците. Мора да се обезбедат услови пратениците да се изјаснат по ова прашање и тоа да биде донесено. Никој не смее да се осмели одново да блокира и опструира. Со тоа се опструира правдата, а државата се враќа назад. Мора да се обезбедат услови за гласање, затоа што долго се работеше на ова законско решение зад кое застанаа и нашите пријатели од САД и ЕУ. Пред граѓаните ветивме правда и неселективна борба против криминалот, граѓаните тоа го очекуваат и ова е шанса тоа и да го оствариме“, рече Митрески.
Додаде дека денешната седница е можност да се види кој е навистина за правда, а кој е за одбрана на криминалот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Собранието ќе формира комисија за избор на нов претседател на антикорупциската

Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата во 12 часот ќе одржи седница на која се очекува да ја формира Комисијата за селекција на кандидати за нов претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК).
Процесот следи откако на 5 август беше распишан јавен оглас, со рок за пријавување од 10 дена. Оваа постапка се спроведува по оставката на претходната претседателка Татјана Димитровска, која е обвинета за оддавање службена тајна и компјутерски фалсификат.
Според Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, до изборот на нов претседател, функцијата ја врши заменик-претседателот на ДКСК. Новиот претседател мора да има најмалку десет години работно искуство, од кои осум во областа на борбата против корупцијата, владеењето на правото или добро управување.
Македонија
Свечена седница по повод 24 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор

Во Владата ќе се одржи одбележување на 24 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор.
По тој повод со почеток во 10:00 часот во Свечената сала во Владата на Република Северна Македонија ќе се одржи свечена седница на која ќе се обрати премиерот Христијан Мицкоски.
Настанот ќе биде пренесуван во живо на „Фејсбук“ и „Јутуб“ каналот на Владата.
Охридскиот рамковен договор беше потпишан на 13 август 2001 година помеѓу претставниците на тогашните најголеми политички партии и специјални претставници на ЕУ и на САД.
Македонија
Сончево и многу топло со мала локална облачност: максималната температура до 39 степени

Времето денеска ќе биде сончево и многу топло со мала локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 13 до 21, а максималната ќе достигне од 32 до 39 степени.
Во Скопје сончево и многу топло со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 19, а максималната ќе достигне до 38 степени.
Времето во наредните денови
Ќе се задржи сончево и топло време со умерена облачност преку денот. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од југоисточен правец.