Македонија
Билатерални средби на Пендаровски со премиерот на Косово и со премиерот на Ерменија

Претседателот Стево Пендаровски, денеска во Минхен, на маргините на 56. Минхенска безбедносна конференција, оствари билатерални средби со премиерот на Република Косово, Албин Курти и со премиерот на Република Ерменија, Никол Пашиниан.
На средбата со премиерот на Република Косово, Албин Курти, Пендаровски упати честитки за успешно реализираните парламентарни избори и за изборот на новата Влада во Косово, предводена од премиерот Курти. Претседателот Пендаровски истакна дека нашата земја очекува со новата Влада на Република Косово да се зацврсти билатералната соработка во сите области од заеднички интерес подвлекувајќи дека на тој начин ќе се продлабочат добрососедските односи кои придонесуваат за напредокот, стабилноста и безбедноста на регионот.
Претседателот Пендаровски нагласи дека Косово е еден од најзначајните трговски партнери на Северна Македонија при што трговската размена се одвива слободно без царини и придонесува за развој на економиите на двете соседни држави. За продолжување на овој позитивен тренд, претседателот Пендаровски изрази интерес за одржување на четврта седница на Мешовитиот комитет за економска соработка во периодот што следи. На средбата се разговараше и за идни заеднички иницијативи како дел од регионалната соработка.
На средбата со премиерот на Република Ерменија, Никол Пашиниан беше изразено задоволство од неодамна воспоставените дипломатски односи што претставува ново поглавје во билатералните односи и отвора нови можности за понатамошно интензивирање на политичкиот дијалог.
Претседателот Пендаровски ја истакна потребата од воспоставување на договорна рамка со која двете земји ќе може да ја унапредат и продлабочат билатералната соработка во областа на економијата, трговијата, културата, образованието, здравството и други значајни области од заемен интерес. Ерменската заедница во Северна Македонија којашто е организирана преку Друштвото за македонско-ерменско пријателство, оцени претседателот Пендаровски, придонесува за збогатување на мултикултурното општество и претставува елемeнт на поврзување меѓу двете држави.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Променливо облачно време повремено со пороен дожд и грмежи

Времето денес ќе биде променливо облачно и посвежо, претпладне со повремено пороен локален дожд, грмежи и услови за појава на краткотрајно невреме. Ќе дува слаб до умерен западен, а долж Повардарието северен ветер, кој попладне наместа ќе засилува. Максималната температура ќе биде во интервал од 27 до 35 степени.
Во Скопје, променливо облачно, во претпладневните часови со повремен пороен дожд и услови за појава на ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен, попладне во делови од котлината повремено засилен северен ветер.
Максималната температура ќе достигне до 33 степени.
Македонија
Комисијата утврди дискриминација врз професионалните војници – синдикатот бара итни законски измени

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација утврди индиректна дискриминација врз професионалните војници од страна на Министерството за одбрана, информира Независниот синдикат на професионални војници СО Скопје.
Претставката до Комисијата ја поднел Александар Насковски, претседател на синдикатот и професионален војник, на 12 ноември 2024 година. Според него, Министерството со години не го трансформира работниот однос на професионалните војници од определено на неопределено време, спротивно на член 46 од Законот за работни односи.
„Професионалните војници се единствената категорија вработени во државата кои работат и по 25 години со договори на определено време, често продолжувани и по седум или осум пати, без можност да остварат право на пензија“, изјави Насковски.
По долготрајна институционална игнорација, синдикатот на 3 јуни 2025 година достави предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за служба во Армијата до Собранието и сите пратенички групи. Со предложените измени се предвидува конечно уредување на статусот на професионалните војници и спроведување на препораките од Комисијата.
Синдикатот очекува Министерството за одбрана и пратениците да постапат по препораките и да ја исправат, како што велат, децениската неправда, со што ќе се постигне и буџетска заштеда за институцијата.
Македонија
Ангелов на состанок во Берово: Планирање на акција за справување со пожарот над Русиново

Раководителот на Главниот штаб за управување со кризи и директор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, синоќа присуствуваше на координативниот состанок на Општинскиот штаб за заштита и спасување во Берово, предводен од градоначалникот Звонко Пекевски.
На работниот состанок се анализираа извештаите за движењето и интензитетот на пожарот во планината над селото Русиново. Како главни предизвици беа посочени променливиот ветер, остатоците од стари пожари – шупливи дрвја кои при горење паѓаат по стрмнините – како и непристапниот терен, што значително го отежнува гаснењето.
Според соопштението од ДЗС, состанокот траел подолго поради разгледување на повеќе стратегии за утринска интервенција. Се планира комбинирана акција со теренски сили, механизација и ангажман на воздухоплови, чија активност ќе се координира од земја во согласност со конкретните дневни услови.
Ова е дел од континуираните напори за справување со активните пожари во источниот дел на земјата.